Фото: ЕПА

Во втората развојна фаза на конфликтот на Блискиот Исток, тој беше ограничен меѓу земјите што ги поддржуваат Иран и сојузниците на Израел. Секоја од „ривалските“ страни се однесува како за подготовка за ескалација на војната, иако на ниедна земја на Блискиот Исток не ѝ е во интерес да влезе во нови судири. Сепак, тензиите во овој дел од светот дополнително се зголемуваат

На Блискиот Исток огромна концентрација на воени потенцијали

Од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, земјите што се инволвирани во случувањата околу Блискиот Исток сѐ повеќе ги засилуваат своите воени потенцијали, со што веројатноста за регионален судир, во кој би биле инволвирани и светските сили, станува сѐ поголема. Досега нападите во овој регион беа ограничени меѓу земјите што ги поддржуваат Иран и сојузниците на Израел. Секоја од „ривалските“ страни се однесува како за подготовка за ескалација на војната, иако на ниедна земја на Блискиот Исток не ѝ е во интерес да влезе во нови судири. Сепак, тензиите во овој дел од светот дополнително се зголемуваат.
Во последните години Иран изгради блиски врски со Хамас, но тие се послаби во однос на влијанието на другите нивни сојузници. Процените на американските и израелските служби се дека Иран секоја година испраќа 100 милиони долари за Хамас и Исламскиот џихад, двете главни палестински фракции во Појасот Газа. Од друга страна, Израел е најголем примател на американска воена помош. Од основањето на еврејската држава во 1948 година, Вашингтон обезбедил околу 130 милијарди долари воена помош.

Присуство на организирани милитантни групи на Блискиот Исток

Ø Во Либан е присутен Хезболах, една од најмоќните паравоени формации на Блискиот Исток. Големината на арсеналот на оваа шиитска исламистичка група е непозната. Експертите проценуваат дека располагаат со 150.000-200.000 прецизни проектили, ракети и минофрлачи. Водачот на Хезболах, Сајед Хасан Насралах, тврди дека групата има околу 100 илјади борци, вклучувајќи и активни војници и резервисти. Се претпоставува дека Иран е главниот доставувач на оружје на либанската милитантна групација.

Ø Во Ирак, Техеран има значајно влијание на неколку шиитски парамилитарни групации, кои се блиско поврзани со иранскиот Корпус на чувари на исламската револуција (ИРГЦ), вклучувајќи ги и Катаиб Хезболах, Харакат ал нујаба и Катаиб Гајид ал сухада. Само Катаиб Хезболах располага со околу десет илјади члена, се процените на американскиот Оддел на директори за национална разузнавачка служба.

Ø Во Ирак дејствува и организацијата Бадр, која е најстара шиитска милиција во земјата и која одржува и најблиски врски со Техеран. Во земјата дејствува и радикалната група Асаиб Ахл-Хаг. Од почетокот на војната во Појасот Газа, групите што го поддржуваат Иран извршиле десетици напади на американските сили во Ирак. Силите на САД возвратија со воздушни напади. Изминатиот викенд милитантите што го поддржуваат Иран лансирале повеќе балистички проектили и ракети на американската воздушна база Ал-А Сад во Ирак. Во 2008 година САД имаа околу 160.000 војници во Ирак, а денес во земјата се распоредени околу 2.500 војници.

Ø Воените сили на Иран директно се присутни во Сирија, каде што се лоцирани припадниците на Гудс, дел од елитната единица ИРГЦ, која управува со прекуморските операции. Во Сирија се позиционирани домашните бригади Заинбијоун и Фатемијоун, од шиитската милиција што е поврзана со ИРГЦ, во кои се регрутираат и авганистански и пакистански борци.

Воените сили на САД

Од почетокот на војната во Газа, и САД значително ја засилија својата воена позиција во регионот. Прераспоредувајќи околу 1.200 американски војници, ја приближија придружната флота на носач на авиони и испратија експедициска единица со околу две илјади маринци. На некои места, вклучувајќи и во Ирак и во Сирија, американската воена сила е поголема од таа на Иран и неговите сојузници.
Вашингтон има распоредено околу 800 војници во Сирија, повеќето сместени во североисточниот дел, каде што САД ја поддржуваат противрежимската Сириска демократска сила (СДФ). На југоистокот на Сирија, одреден број американски војници ја поддржуваат паравоената организација Слободна сириска војска.
Во средината на индиректниот судир меѓу Иран и САД се јеменските бунтовници, кои го контролираат северниот дел на земјата и ги напаѓаат бродовите во Црвено Море, како одмазда против Израел поради војната во Газа.
Во другите арапски земји во Персискиот Залив, САД најмногу војници имаат распоредено во Кувајт, околу 13.500. Американското воено присуство е изразено и во Катар. Околу десет илјади американски војници се наоѓаат во воздушната база Ал удеид, најголемата американска воена база на Блискиот Исток. Тука се наоѓаат и главниот штаб на американското воено водство и оперативниот центар за воздушна поддршка. Катар се изјасни дека не го поддржува Хамас за неговите напади на 7 октомври, но израелските власти предупредуваат дека Катар со години го поддржува и го финансира тероризмот и дека политичкото крило на Хамас дејствува од канцеларија во Доха.
Повеќе од 2.700 американски војници се стационирани во воздушната база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, додека во Обединетите Арапски Емирати се наоѓаат околу 3.500 американски војници. Претставници на воените сили на САД се присутни и во Бахреин. Таму е сместен штабот на американските морнарички сили, а во Јордан се наоѓаат околу три илјади американски војници.
Американските и британските сили изведуваат заеднички воздушни напади на позициите на Хутите во Јемен. Во декември Вашингтон ја формира коалицијата за заштита на бродските патишта во Црвено Море. Во оваа меѓународна коалиција партиципираат повеќе од 20 земји, а само една земја од регионот, тоа е Бахреин.


Врховниот лидер на Иран со повик до земјите од Блискиот Исток

Израел да биде блокиран по сите основи

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ги повика другите земји од Блискиот Исток да извршат притисок на Израел со блокада и да ја прекинат економската и политичката врска со таа земја, објави државната новинска агенција ИРНА. Тој порача државите да престанат јавно да се залагаат за примирје во Газа.
– Понекогаш ставовите и изјавите на раководителите на исламските земји се погрешни, бидејќи тие зборуваат за примирје во Газа, што е надвор од нивната контрола – изјави Хамнеи.
Врховниот лидер на Иран повика на блокада на Израел на 1 ноември 2023 година, неколку недели по почетокот на војната во Газа. Две недели по неговиот повик, иранските сојузници во Јемен, Хутите, почнаа да гаѓаат со проектили и беспилотни летала кон комерцијалните бродови што пловеа низ Црвено Море, тврдејќи дека нападите биле насочени кон бродовите што пловат кон израелските пристаништа.
Нападите на Хутите продолжија и тие успеаја да го нарушат комерцијалниот поморски сообраќај. Коалицијата предводена од САД и Велика Британија повторно изврши серија моќни напади против Хутите во Јемен.

Подготвил: Митко Јовановски