Според новите позитивноправни норми, земјата што не прифаќа бегалци треба да плати по 20.000 евра за секое лице што не го прифаќа. Квотата на прифаќање бегалци е утврдена врз основа на бројот на жители на домицилната држава
Темелна ревизија на правната рамка на ЕУ за азил и миграција и воведување значително построги процедури за доделување азил
Претставници на шпанското претседателство со Советот на ЕУ и на Европскиот парламент постигнаа договор за основните политички елементи на петте клучни регулативи, кои темелно ќе ја ревидираат правната рамка на ЕУ за азил и миграција, со што се воведуваат значително построги процедури за доделување азил.
Петте регулативи опфатени со договорот се однесуваат на сите фази на менаџирањето со азилот и миграцијата, почнувајќи од проверката на илегалните мигранти при нивното пристигнување во ЕУ, земањето биометриски податоци, процедурите за поднесување барања за азил, начините на постапување по овие азилантски апликации, како и правилата со кои се одредува која земја членка на Унијата ќе биде одговорна да постапување по барањата. Со договорот се регулираат и соработката и солидарноста меѓу земјите членки во однос на прифаќањето на азилантите, како и начините на постапување во кризни ситуации, вклучувајќи и при случаи на инструментализација на мигрантите.
Според договорот, кој е прелиминарен и сè уште треба формално да биде ратификуван од Европскиот парламент и Советот, земјите од фронтот на Јужна Европа ќе воведат построги процедури за азил на своите граници, кои не се членки на ЕУ, и ќе имаат повеќе овластувања да одбиваат баратели на азил. Земјите од внатрешноста на Европа ќе имаат избор дали да прифатат одреден број мигранти или да уплатат пари во заедничкиот фонд на ЕУ.
Според новите правила, земја што не прифаќа бегалци треба да плати по 20.000 евра за секое лице што не го прифаќа, а тоа треба да се утврди според квота утврдена во однос на бројот на жители.
Се воведува и брза постапка за верификација на правото на азил на надворешните граници на ЕУ. Во овие брзи постапки, за најмногу 12 недели треба да се утврди чие барање за азил е неосновано бидејќи доаѓа од релативно безбедна земја.
Луѓето што се одбиени, според новите правила, можат брзо да бидат вратени во нивната матична земја или во трета земја. Дали трета земја е соодветна ќе одлучат земјите на надворешните граници на ЕУ, на пример Грција и Италија. Веќе не постои заедничка листа на безбедни земји. На брзи процедури на граница ќе подлежат и семејствата со деца и малолетниците без придружба.
За процедурата на граница сега мора да се создадат нови речиси затворени засолништа во земјите на надворешните граници на ЕУ, на пример Грција и Италија. Шведското претседателство првично предложи создавање 120.000 места во прифатните центри. На крајот се достигна една третина од тоа, односно 40.000 места. Според тоа, намален е и бројот на бегалци што другите членки на ЕУ мораат да ги прифатат како дел од преместувањето на бегалците од камповите во Италија или во Грција.
Бегалците од Сирија и од Авганистан нема да бидат опфатени со процедури на границите, бидејќи процентот на признавање на нивното право на азил е околу 50 отсто. За овие лица ќе важат „нормални“ процедури. Тоа значи дека тие ќе бидат регистрирани во Грција или во Италија и потоа ќе го продолжат своето патување, најчесто до Германија. Оваа „секундарна миграција“, која всушност не е дозволена според правото на ЕУ, но е вообичаена во практика, нема да биде опфатена со новите правила.
Постигнатиот договор за реформа на системот за азил и миграција на ЕУ, на која се работи уште од 2015 година кога во Унијата пристигнаа рекорден број мигранти и баратели на азил, претставува компромис меѓу барањата на десничарските популистички власти за заострување на постојните правила и изразените грижи на левицата и хуманитарните организации околу можното непочитување на човековите права.
Шпанскиот министер за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка Гомез по постигнатиот договор истакна дека тој претставува голем чекор напред кон барањата на европските граѓани за справување на властите со миграцискиот предизвик.
Подготвил: Митко Јовановски