Матија Накиќ е директорка и коосновачка на брзорастечката хрватска компанија за финансиско производство „Фарсер“, прогласена за една од најперспективните хрватски компании. Оваа компанија, ѕвезда на хрватската претприемачка сцена, разви истоимено револуционерно решение за финансиско планирање и аналитика за средни и за големи компании. Директорката Матија Накиќ го споделува своето знаење за финансискиот менаџмент, а нејзините совети за финансиски посигурен живот во иднина следуваат во продолжение
Трошам помалку отколку што заработувам. Звучи очигледно, но не е лесно да се живее според овој принцип. Затоа моето правило е – плаќајте ги сите обврски штом ќе добиете плата. Кога ќе видите колку пари останале на вашата сметка, одлучете колку ќе потрошите на вашите желби и колку ќе заштедите. Можете да ја направите најголемата промена ако секојпат се прашувате дали навистина ви треба она што сакате да го купите. Правилото 50-30-20 идеално претпоставува дека трошите 50 отсто од вашиот приход на „неопходни“ трошоци како кирија, сметки и храна, потоа 30 отсто на излегување, патување и забава и 20 отсто на штедење или инвестирање за иднината. Ако успеете да одвоите барем 10 отсто – одлично. Колку побрзо започнете, толку побрзо ќе ги почувствувате придобивките од финансиската независност!
Јас управувам со семејниот буџет и ги надгледувам трошоците.
Ако контролата на трошоците е предизвик за вас, планирајте ги вашите месечни приходи и расходи по неколку категории и споредете ги со вашите трошоци. Не мора да биде прецизно. Важно е да размислувате за тоа секој месец. Самото гледање на листата на месечни трансакции е добар увид во трошењето.
Избегнувам долг.
Не трошете пари што сè уште не сте ги заработиле. Тоа оди рака под рака со точката 1.
Заштедувам дополнителни пари.
Ако воопшто можете, создадете фонд за „црни денови“. Ова го нарекувам фонд за „нова машина за перење“. Осигурете се дека имате доволно средства на вашата сметка за да се справите со оваа и со други непредвидени ситуации. Ако можете да одвоите малку поголеми суми преку заштеда, уште подобро!
Ја креирам мојата инвестициска стратегија.
Доколку имате вишок пари од месечните примања, инвестирајте ги. Алберт Ајнштајн рекол: „Сложената камата е осмото светско чудо. Кој го разбира, заработува. Тие што не разбираат плаќаат.“ Почнете што е можно поскоро затоа што на тој начин „парите имаат повеќе време да растат“.
Ја планирам мојата иднина.
Обидете се да се замислите себеси во иднина – ова може да биде корисен начин за визуализација на целите – и обидете се да управувате со вашите одлуки. Започнете рано да штедите за пензионирање. Размислете за инвестирање во доброволни пензиски фондови (трет столб) каде што добивате и владин поттик. Задолжително следете ја работата на вашиот задолжителен фонд на средства во вториот столб и состојбата на вашата лична сметка. Можете самостојно да го избирате и менувате друштвото за управување со задолжителните пензиски фондови, исто како и категоријата на фондот во кој штедите. Во зависност од вашите сопствени желби и годините до пензионирање, изберете фонд од категориите А, Б или В.
Фондовите од А-категорија имаат полиберална инвестиција, па поради очекуваните повисоки приноси на долг рок, тие се наменети за помлади лица. Можете да ги изберете доколку имате најмалку десет години пред условот за старосна пензија. Категоријата Б, пак, има умерена инвестициска стратегија и е наменета за средовечни осигуреници. Фондовите од категоријата В се со помал ризик и се наменети за оние на кои им остануваат помалку од пет години до пензионирањето.
Континуирано се едуцирам и информирам.
Колку повеќе информации имаме – донесуваме подобри и поинформирани финансиски одлуки. Ова е особено важно кога станува збор за долгорочни одлуки како што се штедење, инвестирање во образование или планирање за пензионирање. Ако сте добро информирани – полесно ќе препознаете кои можности се најдобри за вас. Не заборавајте – на интернет и на социјалните мрежи има многу неточни и непроверени финансиски информации. Погрижете се изворот на информацијата да биде веродостоен – релевантна институција или бизнис-медиум – или дека лицето што објаснува е стручно и компетентно.