Како и секоја година, експертите од институтот за боја „Пантон“ се во потрага по бојата што ќе ја дефинира следната година.
Претходните години, жолтата и сивата ја обележаа 2021 година, виолетовата „вери пери“ владееше во 2022 година, потоа црвено-виолетовата нијанса „вива магента“ во 2023 година, а според стручни истражувања, нијансата што ќе ја одреди 2024 година е „пич фаз“, нежен тон што предизвикува мир и спокојство.
– Поминуваме низ многу превирања во нашите животи и ни треба нежна боја. Пич фаз е топла, пријатна нијанса и, пред сè, тактилна. Сметаме дека во вакви моменти тактилноста е многу важна, треба да бидеме во контакт со други луѓе и да ги поканиме во нашите домови – објасни експертот за боја Леатрис Ајсман.
Нијансите на праска веќе ги обележаа пролетните и летните колекции на многу модни дизајнери, особено во Милано, каде што се истакнаа дизајните на модните куќи „Гучи“, „Џил Сандер“ и „Спортмакс“.