Деновиве цела Македонија е потресена и гневна поради свирепите убиства на младата Вања од Скопје и фризерот Панче од Велес. Верувам дека целиот народ ќе бара осуда и максимални казни за злосторниците откога ќе се докаже нивната вина. Но наместо да им се остави простор на тагата, на истрагата, на неодговорените прашања, на мотивот, на тоа дали институциите навреме и соодветно реагирале, грозоморниот настан се користи за пресметка со целата опозиција.
Се импутираат опасни тези, кои треба на кој било начин да направат врска со претпоставените убијци. Тези доведени до апсурд. Првата и, би рекла, несериозна теза е прашањето што се упатува до разни политичари од опозицијата, дали го познавале првоосомничениот и дали контактирале со него? Па се разбира дека го познавале и со многу од нив тој воспоставил контакт. Дали со тоа ја споделуваат вината, дали можеле да претпостават дека ќе дојде до вакво нешто? Никој од нив не ги споделувал неговите јавно изнесувани жигосувања токму на опозицијата, ниту неговите морски теории на заговор, наменети на неговиот верен и наивен клан од слепи следбеници. Социолозите, но и психолозите треба да се позанимаваат со овој единствен кај нас феномен на слепа послушност и слепа верба во сѐ што тој им сервираше. Се однесуваа како секта, а не како партија. Но поважно прашање би било дали и како власта го познавала? Бидејќи истиот тој бил фаќан со нелегални пиштоли, некој од безбедносните служби му давал прислушувани разговори, кои се обидувал да ги продаде. Или да изнудува пари преку уцени. И ништо не му фалеше. Конечно, дали некој и му шепна да избега. Кој? Ако истата таа власт ги следела неговите јавни настапи, кои таа ги ценела како штетни, зошто немало посебни истражни мерки (ПИМ) за да се заштитат граѓаните? Или им одговарала таква партија, која би отцепила дел од гласовите на опозицијата.
Го чувме министерот за внатрешни работи, г. Спасовски, како на првоосомничениот му наоѓа за грев што бил против НАТО и ЕУ и бил под „штетни странски влијанија“ што ги ширел. Можеби, но да се проектира тоа и на други партии како што слушаме од некои јавни личности е крајно неодговорно. Тие си имаат свои програми, кои секој може да ги прочита. Конечно нека каже министерот кои се тие странски влијанија и нека ги докаже, за да ни олесни на сите. И каков грев е да бидеш против членување во воен сојуз? За негова информација, во скоро време на НАТО му се приклучија Шведска и Финска (поради војната во Украина) и, спротивно на нивните устави, не одржаа референдуми. Зошто? Затоа што повеќето вечно воено неутрални граѓани ќе речеа „не“. Нека проверат разни портали, кои ги буткаат слепо тезите на власта, колку партии во ЕУ има што се јасно против нивното членување во оваа организација.
Некој ги жигосува? Еден од тие смешни портали, со публика жедна за спектакли и лаги, деновиве во врска со случајот, напиша дека сите тие што не биле за Заев (и неговите самоубиствени договори), како и за Тиранската платформа, биле непријатели што не сакале Македонија да напредува. И, секако, сето тоа било под „странски влијанија“. Ако се следи нивната логика, такви што не ги сакаа Заев и договорите беа околу 63 отсто од народот, а по договорот со Бугарија процентот е драматично зголемен. Значи, сите тие се државни непријатели и зрели за апс. Ќе нѐ побудалат со своето полтронство и неукост. Ни го загадуваат медиумскиот простор.
Имено, тоа е втората опасна теза што треба да ѝ се налепи на опозицијата. Дека е против НАТО и ЕУ. Речиси целата опозиција била под опасни „странски влијанија“, кои сакале да нѐ скршнат од нашиот пат. И да ни го сопрат напредокот, кој го нема. Чиста параноја. Ајде нека ги именуваат партиите што се финансирани од „штетниот“ странски фактор, нека покажат банкарски сметки со сомнителни пари. И јас би сакала да знам кој од каде се финансира. Се смеевме на „странските служби“ и „жолтите комбиња“ на Груевски, за сега да се плашиме дека со вакви небулозни тврдења сите ќе станеме државни непријатели. Тоа се нарекува ТОТАЛИТАРЕН режим. Режим што заплашува, што монтира, што се служи со конструкции и нелогично ги врзува работите, сѐ со цел да внесе страв и несигурност. Режим што е против сите европски и цивилизациски вредности. На еден грозоморен исклучок, да се дискредитира и пресмета со целата „поткупена“ опозиција.
Но во едно има право власта. Таа не е под никакви странски влијанија. Дури ни под влијание на ЕУ и Америка. Го добивме најкатастрофалниот извештај за нашиот напредок (назадување, всушност) од ЕК. Мува не ги полази. Се обраќаат како на малоумна публика со тврдење дека дури во 80 отсто од ставките во извештајот немало назадување. Па од нула подолу може ли? Изгледа со нив и тоа е можно. ЕУ се буни за европските знаменца што се ставаат на криминогени закони, тие ништо. Правосудството нема ниту преодна оценка, Ковачевски тврди дека било независно. Им велат претеравте во корупција, тие удираат на уште појако. Американската амбасадорка, г-ѓа Агелер, им соопштува дека црната листа нема да остане на Мерко и Анѓушев, тие пак ништо. Им вели „имате епидемија од корупција“, тие нагазуваат како пред нив да е судниот ден. И знаат дека е. Ниту антикорупциската комисија, ниту ОЈО не се помрднуваат. Да, власта не е под никакво странско влијание. Најмалку под влијание на ЕУ и Америка. Прави сѐ обратно од тоа што им се бара. И бидејќи не се под „странски влијанија“, државава тоне, младите бегаат без да се свртат назад, народот стенка под нашиот „напредок“. Впрочем, кој ќе инвестира во земја со епидемија од корупција?
Никој со чист образ не им се плаши. Нека навредуваат, клеветат, конструираат колку што сакаат. Ама работа од нив никој не очекува.