Арамејскиот јазик се зборувал и се зборува во Блискиот Исток, а неговото име потекнува од името Арам, античка област во централниот дел на Сирија. Овој јазик е сроден со хебрејскиот, хананскиот и феникискиот јазик, се пишувал со арамејско писмо, писмо што било прифатено од голем број семитски јазици. Арамејскиот јазик има долга пишана историја, од околу 3000 година, а во минатото бил административен јазик на повеќе моќни држави и јазик во религијата, но и во секојдневниот живот. За време на периодот познат како вториот храм, арамејскиот јазик бил мајчин јазик на Исус Христос. Повеќе библиски книги, како што се оние на Даниел и Езра, биле напишани на арамејски јазик, а бил и главен јазик на Талмудот (голем корпус со еврејски текстови главно со теолошка содржина). Долгата и разновидна историја на арамејскиот јазик довела до развој на различни јазични варијанти и форми, а арамејскиот е зачуван и како литургиски јазик во Сириската православна црква
Занимливости
Лингвистите и другите истражувачи посочуваат дека арамејскиот јазик, односно староарамејски јазик опфаќа период од тринаесет века, а со староарамејски јазик се означуваат сите арамејски јазици и дијалекти што денес се исчезнати. Клучен момент во развојот на арамејскиот јазик е неговото официјализирање во старото Персиско Царство, а претходно се говорел пред сѐ во арамејските градови Дамаск, Хама и Арпад. Најраните докази за постоењето на овој јазик потекнуваат од 10 век пред нашата ера. Првите написи се од дипломатската кореспонденција помеѓу арамејските градови, а неговата пишана форма (арамејско писмо) се развила под влијание на феникиската азбука. Со текот на времето, подобрувањето на арамејското писмо се вршело според потребите на јазикот, а се усовршувал во источните региони на Арам.
Како лингва франка, односно како јазик на трговијата и дипломатијата во Блискиот Исток и Египет се развива во времето на новоасирскиот владетел Тиглат-Пилесер Трети во 8 век пред нашата ера. Во 7 век пред нашата ера започнал да се шири во поширокиот регион на Блискиот Исток, но ја губел својата хомогеност и се појавиле неколку дијалекти во Асирија, Вавилон и Египет. Арамејската варијанта од Асирија, која била под акадско влијание, и арамејскиот дијалект од Вавилон се издигнале на повисоко ниво. За овие дијалекти во Втората книга на кралевите се споменува дека Хезекија, кралот на Јудеја, преговарал со асирските амбасадори на арамејски бидејќи така обичниот народ немало да разбере. Во околу 600 година пред нашата ера, Адон, канански крал, го користел арамејскиот јазик при кореспонденцијата со египетските фараони. Арамејскиот дијалект во Вавилон е познат под името калдеански арамејски јазик.
Во околу 500 година пред нашата ера, по персиското освојување на Месопотамија под водство на Дариј Први, арамејскиот во формата што се користела во регионот бил усвоен од освојувачите како „средство за пишана комуникација“ меѓу различните региони од распространетата империја со своите различни народи и јазици. Тоа довело до употребата на еден единствен службен јазик, кој современите научници го именувале како официјален арамејски или кралски арамејски.
Кралскиот арамејски бил високостандардизиран и неговиот правопис повеќе се засновал на историските корени, одошто на зборуваните дијалекти и неизбежно влијаел на персискиот јазик.
Една од најголемите колекции на кралски арамејски текстови е онаа од Персеполис (главната престолнина на Персиското Царство), која има околу 500 таблички. Повеќето документи што сведочат за арамејскиот јазик потекнуваат од Египет и Елефантина. Од сите тие, најпознат документ е „Мудроста на Ахикар“, книга со инструктивни афоризми, слична на библиската „Книга на пословици“. Околу 30 арамејски документи биле пронајдени во Бактрија, а нивната анализа била објавена во ноември 2006 година. Текстовите, кои се напишани на кожа, даваат приказ за употребата на арамејскиот јазик во 4 век пред нашата ера, за време на персиска администрација во Бактрија и Согдијана (денес во Авганистан и Таџикистан).
Уништувањето на Персиското Царство од страна на Александар Трети Македонски не придонело за замирање на единството на арамејскиот јазик и литература. Повеќе наоди потврдуваат дека верзијата на арамејскиот јазик што има сличност со таа од 5 век пред нашата ера може да се сретне и во 2 век пред нашата ера. Арамејскиот јазик продолжил да се развива во Јудеја, Асирија, Месопотамија, преку сириската пустина, па до Арабија.
Библиска верзија на арамејскиот јазик се користела во четири поглавја од Библија: Книга на Езра 4:8–6:18 и 7:12–26 – документи од персискиот период (5 век пред нашата ера) што се фокусирани на реставрацијата на храмот во Ерусалим, Книга на Даниел 2:4b–7:28 – пет приказни и апокалиптични визии, Книга на Еремија 10:11 – една реченица во средината на хебрејскиот текст, и Откровението 31:47 – превод на хебрејски топоними. Истражувачите велат дека библискиот арамејски јазик личи на хибриден дијалект. Некои материјали на библиски арамејски најверојатно потекнувале од Вавилон и Јудеја пред падот на Персиското Царство.
Арамејскиот јазик за времето на Исус Христос
Постои одредена согласност дека во 1 век пред нашата ера, Евреите во Јудеја како прв јазик го зборувале арамејскиот. Во тој период хебрејскиот јазик бил изучуван како литургиски јазик, а бил говорен и од локалното население, додека пак латинскиот јазик бил јазик на римската армија и немал јазично влијание врз народот. Истражувањата исто така покажуваат дека хебрејски зборови се вовеле во хебрејско-арамејскиот (особено религиски зборови), но и арамејски зборови навлегле во хебрејскиот.
Покрај стандардните хасмонејски и вавилонски дијалекти, во регионот се зборувале и поголем број разговорни дијалекти. Седум западноарамејски дијалекти се зборувале во Јудеја за времето на Исус Христос. Тие дијалекти најверојатно биле различни, но сепак меѓусебно разбирливи. Старојудејскиот бил истакнат дијалект во Ерусалим и Јудеја. Во регионот Енгеди се зборувал југоисточен јудејски дијалект. Во Самарија се зборувал самариско-арамејски дијалект. Во регионот од Исус Христос се зборувал галилејско-арамејски дијалект, а тој дијалект денес е познат по неколку топоними, влијанието на галилејскиот таргумски дијалект, некои религиски книжевни дела и некои лични писма. Во регионот источно од Јордан се зборувале источнојордански дијалекти, во Дамаск и Либанските Планини се зборувал дамаскински арамејски дијалект и во Алеп се зборувал оронетскиот арамејски дијалект.