Денеска во „Колибри“ ја објавуваме втората од циклусот сказни печатени неодамна под заеднички наслов „Фамилијата Ешковци“, издание на издавачката куќа „Антолог“. Тоа е „Ешка Смешка“, која заедно со другите девет излегуваа паралелно и како сликовници со прекрасни илустрации од ликовната уметница Ена Налбантиќ од Сараево

Од творештвото за деца на писателот
Александар Кујунџиски (2)

Иако владееше општо мислење дека новородените ежиња се раѓаат со плачење, со прв плач, првороденото еже на Ежа и Ежо Ешковци се роди со прв смев.
Веројатно на некој чуден и тешко разјаснив начин тоа претчувствуваше дека доаѓа на свет во една необична, сложна, среќна и ведра фамилија, каква што беше неговата. Фамилијата Ешковци.
Своето првороденче, пресреќните родители Ежа и Ежо, сосема заслужено и оправдано го нарекоа Смешка.
А тоа, не само што низ насмевки и гугање го дочека и го прифати своето име туку со насмевки ги пречекуваше и сите свои следни сестрички и братчиња, кои следејќи го неговиот пример, излегуваа едноподруго од надуеното стомаче на мајка си.
Сите тие, се разбира, донесоа уште многу нови радости и насмевки и на лицата на нивните родители.
Сепак, Смешка како Смешка, таа беше таа што секој миг, секој час, секој ден внесуваше непрегледни и често непредвидливи изблици на насмевки и смеа.
Така, веднаш штом научи да пишува, а научи многу рано, ја разубави детската соба, во која престојуваше заедно со сите свои сестрички и братчиња. Над нејзиното креветче стави плакат на кој со крупни печатни букви напиша: „Ниту ден без смеа!“
Потоа, покрај постерите на познатите пејачки и пејачи, нацрта само насмеани и распеани ликови. (Впрочем, како и би можело тие да бидат поинакви?!)
Од постерите со спортисти одбра радосни победници, чија смеа чиниш се слушаше и од ѕидот на кој стоеја.

Намести постери од најпознатите домашни и светски артисти што секогаш ги засмејувале гледачите. Врвни комичари.
Почна да собира најсмешни шеги смислени за ежиња; запишуваше шеговити анегдоти од животот на Фамилијата Ешковци; и од сите тие шеги и анегдоти се подготвуваше да објави посебна збирка. Преку неа, преку оваа книга, за која беше убедена дека ќе биде преведена и печатена на сите јазици што постојат на планетата Земја, па дури и на некои што се говорат и на други планети, Ешка Смешка планираше да го поттикне секој да ја прифати нејзината порака „Ниту ден без смеа!“
Објавувањето на збирката го подготвуваше за Денот на шегата и на смеата, кој редовно се прославуваше насекаде низ нејзиниот роден крај. А претходно, пред поширока читателска публика, јавно ја проверуваше вредноста на нејзината содржина…

Дојде и Први април.
Немаше жител на шумата Иглолисна кој во тој ден не се насмеа поради нешто. И Ешка Смешка се изнасмеа многу, многу, иако печатењето на нејзината збирка со смешки доцнеше и немаше можност да биде претставена токму на тој ден.
Голем број ежиња и други животни здружено се движеа низ шумата. На лицата – маски, а под нив – широко раширени усни кои пукаа и препукуваа од смеа. Насекаде се пееја песни и се лееја ора.
И дрвјата од шумата се тресеа од смеа, која одѕвонувајќи од околните ридови, се враќаше до ушите на сите нејзини жители:
– Ха-ха-ха! Хи-хи-хи! Хо-хо-хо! Ки-ки-ки!… И како сѐ уште не!
И, одеднаш, среде таа огромна вртелешка од смеа, среде тоа панорамско тркало стокмено од најведри звуци, во еден миг Ешка Смешка се повлече настрана од сѐ. Се пикна во една расцутена дренова грмушка и – се замисли. Ја обзеде тага.

Се растажи како никогаш дотогаш; како никогаш во животот; поставувајќи си ги прашањата:
– Зошто сите ежиња се смеат, се шегуваат, играат, пеат, само на овој ден?
– Зошто – не само ние туку сите живи суштества на светот – не ја прифатат пораката да овозможат, да сторат сè за никому да не му мине ниту еден ден без смеа?!
– Како да се измени сето тоа?
Обземена со такви мисли, Ешка Смешка размислуваше долго, долго…
Толку долго што таа и ден-денес сѐ уште го размислува за тоа.


Фамилијата Ешковци

Крај таткото Ежо,
и мајката Ежа,
знаете ли колку
ежиња си лежат?

Не едно, ни две-три,
ќе кажеме редум:
ни четири, пет, шест –
дури, дури седум!

Живееја среќно,
среде шума блиска.
Ги плашеше често –
само кума лиска.

Но во борби остри
сал победи слават:
штом ја сретнат неа –
топчиња се прават!