Во големата семејна библиотека на Киро Донев, сместена во потпокривот на неговиот дом во селото Моноспитово, во весела атмосфера минавме еден незаборавен час во разговор со омилениот детски писател. Тој ни читаше песни и раскази, ние му поставувавме прашања и, преку интересен дијалог, сѐ се претвори во вистинска бајка, велат учениците
Третоодделенци од Струмица беа на гости кај Киро Донев
Ние учениците од трето-3 одделение од ООУ „Никола Вапцаров“ од Струмица и нашата наставничка Наташа Атанасова деновиве го посетивме домот на нашиот роднокраен писател Киро Донев. Имаше повеќе поводи, но ние ќе ги кажеме само трите поважни.
Прва причини за тоа беше што посетата ја остваривме за време на одбележувањето на Месецот на книгата.
Вториот повод, пак, беше тоа што во нашиот омилен додаток за деца, во дневниот весник „Нова Македонија“, „Колибри“, го прочитавме неговиот расказ: „Жива река во библиотеката“, кој, исто така го има и во нашите нови читанки и го обработувавме за време на часот.
А третата причина беше и тоа што времето на дружбата со омилениот писател за деца се совпадна со одбележувањето на Денот за правата на детето.
Освен тоа, сакавме во живо да го доживееме и настанот за кој тој ни раскажуваше во овој негов расказ и не згрешивме.
Во неговата огромна семејна библиотека, која е сместена во потпокривот на неговиот дом во селото Моноспитово, во весела атмосфера минавме еден незаборавен час во разговор со писателот Киро Донев.
Тој ни читаше песни и раскази, ние му поставувавме прашање, а и тој нам, и сето тоа се претвори во една бајка во живо. Нешто сосема слично како тој што ја има опишано таа негова „Жива река во библиотеката“.
А, кога го прашавме кој бил поводот да го напише тој расказ, тој ни рече: „Па, ете, ја опишав оваа наша денешна средба… Зарем не е вистина тоа што сум го напишал?“
И, навистина, се сѐ одвиваше како во тој расказ. На крајот тој нѐ одведе да го посетиме и Центарот за алтернативен туризам што се наоѓа среде селото. И таму имавме со него еден час по екологија, на кој нѐ запозна и со растителниот и животинскиот свет на Моноспитовското Блато, кое е прогласено за споменик на природата. По незаборавното едночасовно другарување, писателот на сите ни даде по една тетратка на чија корица е отпечатена своерачно неговата песна „Ода на детството“.
Се договоривме идната година на Денот на пролетта, кога е и неговиот роденден, да го посетиме и Блатото и таму, заедно, во живо да го прославиме доаѓањето на новата пролет!
А дотогаш поздрав до сите наши врсници читатели на „Колибри“!
Од учениците во трето-3 одделение
и наставничката Наташа Атанасова
од ООУ „Никола Вапцаров“
од Струмица
Ода на детството
Една мудрост, вака учи:
– Човек, тоа гордо звучи!
Ти чекориш, дете – браво,
биди среќно, гордо, здраво,
расти, вишнеј, в љубов цветај,
ко славејче пеј и летај!
Расти в јаве, и во сонот,
во ливада, крај бетонот…
Но запомни: кај и да си –
добра мисла да те краси!
Зашто ти си – иден човек,
памети го тоа довек!
Ај, секому дај му рака,
сакај го – да те сака,
помагај колку е можно –
со секого живеј сложно!
Киро Донев
Декември во гората
Ова можеби ќе ви заличи на првоаприлска шега. Но, вистина е сѐ што ќе ви раскажам сега! Без разлика колку неверојатно ќе ви звучи, ама токму такво нешто денес се случи. И тоа уште рано, пред да зори зората, месецот декември зачекори во гората.
Зајакот, шумскиот поштар, во најгустата грмушка се пикна. Стутулен од страв и студ, наеднаш гласно викна:
– Најнова вест, шумски свете! Ноември на полноќ си појде. Еве, брат му декември на гости кај нас дојде!
Итрата Кума Лиска веста прва ја слушна.
– Зајко, брате – му рече – излези да те гушнам! Да ти заблагодарам, миличок, за радосната вест. И на драгиот гостин, декември, да му направам чест…
Верверичката веднаш ја пресече од гранката на една бука:
– Гостинот, итроманке, цел месец ќе биде тука. Ако сакаш пред него да се покажеш на дело, почести го со коковче или со петле од село… Но, тој не е дојден тука подароци да прима, туку да ни јави дека веќе е зима!
(Од книгата „Дарко во Зоо-паркот“ на Киро Донев)
Моноспитовско Блато е оаза на уникатни растенија и животни
Моноспитовско Блато е големо мочуриште, кое се наоѓа десетина километри североисточно од Струмица, во долината на Стара Река, која заедно со Струма и реката Турија се разлева низ Струмичката Котлина. Се претпоставува дека блатото е остаток од некогашното големо езеро што настанало пред дваесет милиони години, во време кога се формирало егејското копно, а подоцна истекло кон Егејското Море.
Блатото се наоѓа на надморска височина од 240 метри, кое со својата богата флора и фауна е единствената блатна површина во Македонија. Во минатото блатото имало површина од околу пет илјади хектари, а сега познатиот ѓол едвај се простира на 400 хектари. Опколен со повеќе видови дрвја, папрати, барска трска и безброј птици, овој споменик на природата потсетува на мала џунгла во која сè уште се кријат уникатни растенија и животни што ги нема на други простори, не само во Македонија туку и на Балканот.
Со рачно изработени предмети од трска, дрво и платно, месното население од селото Моноспитово на големо се подготвува за привлекување на туристите за Моноспитовското Блато, кое почна да се ревитализира. Тие преку обука ги обновиле изумрените занаети, кои своевремено биле единствена егзистенција покрај познатото мочуриште. Чајки од дрво (чамци за пловење во Моноспитовското Блато), леси од шамак и трска, разни декоративни предмети од глина, трска и платно, им се нудат на гостите, кога доаѓаат да уживаат во богатата флора и фауна на Моноспитовското Блато. Моноспитовското Блато со помош од ЕУ ќе се ревитализира и во иднина треба да стане природонаучен музеј, со патна мрежа на платформа, набљудувачници и ловџиски куќички.
(Википедија на
македонски јазик)