Тоа што може да се извлече како општа карактеристика за балканските бегалци е што тие со леснотија ги поминуваат граничните контроли. Повеќето од нив бегаат во соседните земји поради несоработката на земјите за меѓусебна испорака на осомничените или обвинети лица за криминал. На ова се додава и солидарноста меѓу одредени владејачки структури со лицата што се бараат, а со кои претходно имале добри политички и бизнис-релации
„Балкан без граници“. Нема политичар на овие балкански простори, кој барем еднаш не ја споменувал оваа парола во своите јавни настапи, секогаш кога присуствувал на некоја важна регионална или меѓународна конференција на која се истакнувало значењето од слободниот проток на луѓето, стоките и капиталот. Неделава што измина нѐ потсети дека сето тоа било само празна фраза и за еднократна употреба. Суровата вистина е дека балканските граници, а богами и европските граници, не постојат за одредена „привилегирана“ категорија граѓани. Гледавме и видовме како тие кога ќе се соочат со правдата, без проблем и со леснотија можат да ги поминуваат меѓудржавните царински и полициски контроли. За нив не важат визните бариери и високите шенгенски огради, кои се исправени пред илјадниците економски емигранти од земјите на Блискиот Исток. Напротив, за балканските бегалци е предвиден посебен „дипломатски третман“, а во новата средина се движат слободно, заштитени од тамошните власти.
Поранешниот македонски премиер Никола Груевски е ново име на долгата балканска листа на ВИП-бегалци. На неа се наоѓаат поранешни премиери и министри, бизнисмени, олигарси, генерали, војници и криминалци. По минатонеделното испорачување на сопственикот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ, кој е обвинет за најголемата финансиска афера во Хрватска, домашните медиуми потсетија на сите поголеми случаи на бегства на високи државни функционери. Пред седум години од Австрија беше испорачан поранешниот премиер Иво Санадер, кој 222 дена избегнуваше да се соочи со обвинението за финансиски криминал. Меѓу позвучните имиња, кои се најдоа на сајтовите на европските полиции под рубриката „се бара“, беше и генералот и херојот на „татковинската војна“ Анте Готовина. Тој беше уапсен од шпанската полиција во 2005 година кога пристигна на Тенерифе и веднаш му беше испорачан на судот во Хаг.
Ова се попознатите случаи за балкански бегалци, а свои истакнати ликови имаат и другите балкански држави. Во Црна Гора е познат случајот на преселувањето на поранешниот премиер Светозар Маровиќ во Белград, каде што побара заштита од српските власти. За Србија покарактеристичен случај е „бегството“ на познат олигарх, кој изминатите години беше рехабилитиран и сега може слободно да учествува во јавниот и политичкиот живот на нашиот северен сосед.
Тоа што може да се извлече како општа карактеристика за балканските бегалци е што тие со леснотија ги поминуваат граничните контроли, а најверојатно тоа го прават со поседување двојно државјанство. Повеќето од нив бегаат во соседните земји, а тоа се должи на неусогласеноста на националните законодавства за меѓусебна испорака на осомничените или обвинети лица за криминал. На ова се додава и солидарноста меѓу одредени владејачки структури со лицата што се бараат, а со кои претходно имале добри политички и бизнис-релации. Сето ова им годи на лицата што се соочуваат со судските казни, а посебно на оние од криминалното подземје. Многумина од криминалците од Хрватска наоѓаат сигурно прибежиште во Босна и Херцеговина, а оние што се членови на познатите црногорски криминални групи слободно се шетаат низ белградските улици. Вакви пребегувања има во северниот дел на Косово, каде што непречено престојуваат лица од српското подземје. Во БиХ владее уште позагрижувачка слика. Членови на автомафијата, кои вршат кражби на автомобили во еден кантон, бегаат во друг. Со отсуството на соработка меѓу властите на кантоните им се дава целосен „имунитет“ на лицата што бегаат пред правдата.
Во сето ова изненадува однесувањето на високите претставници на Европската Унија, кои „незаинтересирано“ го следат однесувањето на своите членки што ја преземаат улогата на „јатаци“ на балканските бегалци. На граѓаните им е доволно да слушаат празни фрази за почитување на правото и за спроведување на судските реформи
Во основа сите лица што успеваат да ги избегнат казната или водењето на кривичната постапка се или од врвот на извршната власт, на владејачката партија или од врвот на политиката или од организираниот криминал. Во некои случаи интересите се толку испреплетени што не може да се прави јасна граница меѓу криминалните дејства, финансиските малверзации и политичките мотиви. Договорите за екстрадиција меѓу државите ги нема или се недоречени што може да се сфати дека постојат, пред сѐ, политички интереси за ставање на овој дел од европскиот континент во „слободната балканска зона за бегалци“.
Реакциите на граѓаните во сите овие држави се исти: од целосно разочарување и незадоволство до општа апатија. Одржувањето на ваквата состојба доведува до целосна недоверба во националните правосудни системи и разнишување на принципите за еднакво владеење на правото и правдата. Во сето ова изненадува однесувањето на високите претставници на Европската Унија, кои „незаинтересирано“ го следат однесувањето на нивните членки што ја преземаат улогата на „јатаци“ на балканските бегалци. На граѓаните им е доволно да слушаат празни фрази за почитување на правото и за спроведување на судските реформи. Спроведувањето на правдата не треба да биде предмет на политички договарања, заради остварување на некои виши сопствени цели и интереси на Балканот. И ние како и европските граѓани имаме право на правда и еднаквост пред судските органи.