Фото: Пиксабеј

Не постои посебно средство што успешно ќе ги избрка овие инсекти од домовите. Тие не влегуваат само преку вратите и прозорците туку се кријат и во облеката што е прострена да се суши, а и самите луѓе си ги носат дома, бидејќи знаат да се скријат во качунките од јакните. Лек за смрдеата нема. На социјалните мрежи врие од совети за разни домашни рецепти, едни се базираат на лук и оцет, други на некои хемиски средства, но трајно решение нема

ПО КОМАРЦИТЕ, ДОАЃА НАЕЗДА НА ДРУГ ВИД ИНСЕКТИ

Се чини дека во светот на инсектите, во ареата на градот Скопје, дојде до промена на тронот. Досадните комарци што налето ги измачуваа луѓето, сега се заменети со еднакво досадните мали зелени инсекти, познати меѓу народот како смрдливки. Големата наезда во некои делови од Скопје предизвика нервоза и паника кај граѓаните, па направивме анализа за тоа дали и колку се штетни овие мали здодевни суштества.

Скопјани трагаат по трајно решение да се ослободат од непријатниот интензивен мирис излачуван од смрдливките

„Порано не беше вака, сега ги има во значително поголем број“; „Летото помина, здивнавме малку од малку од комарците, сега смрдливките се на ред“ – се најчестите реакции на скопјани, кои се чини дека не можат да кренат глава од овие инсекти.
Најголем проблем имаат оние што живеат во куќи со дворови, но не се поштедени ниту оние во зградите, особено оние што живеат на пониските катови.
– Здодевни се, влегуваат дома, се пикаат во алиштата на сушилниците што стојат надвор… И кога ќе ги видиме дома, едноставно не знаеме што да правиме. Не ги убиваме бидејќи шират многу лоша миризба, па мора нежно да ги ловиме, во салфетка, и да ги фрлиме надвор. Уморни сме веќе од нив. Порано не беше вака, имаше понекоја, но сега како да се случува инвазија – вели Маријана Стојановска, жителка на скопски Карпош.
Наездата од смрдливки е главна тема во метрополата есенва.
Сепак, според експертите, лошата миризба што се шири од нив не е опасна за луѓето, па граѓаните можат да бидат мирни.
Лошиот мирис смрдливките го користат за да се одбранат од птиците за да не станат нивен плен. За жал, лек за овие бубачки нема.

За среќа, не претставуваат опасност за луѓето

Според Николина Соколовска, шефица на ДДД-служба со ентомолошка лабораторија од ЈЗУ Центар за јавно здравје-Скопје, посебни мерки за овие инсекти не се преземаат.
– Зелените смрдливки или стеници (Palomena prasina) се миграторни бубачки. Возрасните бубачки или имага секоја година наесен мигрираат од житородните полиња и градините кон шумските појаси за презимување под растителни остатоци, под кора од стебла или презимуваат по станови. Тие не предизвикуваат штета на градинарските култури и апсолутно се безопасни по здравјето на човекот. Кога се вознемирени или загрозени, тие испуштаат смрдливи супстанции за да ги одвратат предаторите, но повторно не претставуваат опасност за луѓето или за домашните миленици.
Тие се дел од градинарскиот екосистем и не би требало да ги сузбиваме, посебни мерки не се преземаат.
Нивното тело личи на витешки штит, а можат да бидат во неколку бои. Кај нас е најзастапена зелената боја, а ги има и во темнокафена иако поретко. Можат да пораснат од 12 до 17 милиметри, а името го добиле, како што и претпоставувате, од специфичниот мирис што го испуштаат кога се чувствуваат загрозено. За мнозинството луѓе што се сретнале со нив, мирисот е непријатен.
Живеат насекаде во природата, но со доаѓањето на постуденото време и тие сакаат да се стоплат, па затоа го менуваат и живеалиштето. Се групираат и бараат засолниште од студот.
За среќа не претставуваат опасност за луѓето, а влегуваат во домовите бидејќи им е топло. Се хранат со растителни сокови. Се групираат и бараат засолниште од студот – вели ентомологот.
Тие не влегуваат само преку вратите и прозорците туку се кријат и во облеката што е прострена да се суши, а и самите луѓе си ги носат дома, бидејќи знаат да се скријат во качунките од јакните.

Совети за граѓаните

Иако според експертите не постои начин да се заштитите, освен да ставите комарници како една од поуспешните опции, сепак, меѓу народот постојат некои народни домашно приготвени препарати што помагаат во нивно отстранување.
Прво, како што напоменавме, најдобро решение е мрежа на прозорците и на балконските врати. Можете да ги купите во продавници за алатки и опрема за домаќинство, а цените се многу прифатливи.
Освен мрежа, можете да користите жолта хартија. Имено, смрдливките ги привлекува жолтата боја, па ако ставите таква хартија во дворот, на балконот или на прозорецот, сите ќе се соберат на неа.
Третото решение е домашна смеса. Измешајте вода и сапун во шише со распрскувач и испрскајте ги инсектите. Можете исто така да измешате вода со лук или нане, бидејќи не ги толерираат тие мириси. Некои граѓани користат и јаболков оцет во комбинација со лук.
Сепак, она што е најважно да го знаете е никако да не ги убивате, бидејќи домот ќе ви се исполни со непријатна миризба.


Што се смрдливки

Смрдливката или штит-бубачката вообичаено се среќава во поголемиот дел од Европа. Населува шуми, овоштарници и градини.
Може да достигне должина од 11 до 14 мм. Овие мали и рамни штитни бубачки се обликувани како штит. Тие имаат темнокафено тело наесен, посветло налето, обично во бронзена боја. Нивниот главен извор на храна е кој било од неколкуте видови дабови, но може да се најдат и на леска и други листопадни дрвја, вклучувајќи ги јаболката и црешата. Тие се хранат со сокот од растенијата и користат игличка од устата за да ја повлечат течноста. Тие се и земјоделски инсекти, бидејќи се ранат со овошни и јаткасти дрвја. Повремено возрасните консумираат инсекти, особено гасеници, како и овошје. Возрасните смрдливки можат да се најдат во периодот од јули до ноември. Женките несат јајца во текот на летото во пукнатините на кората на дрвјата или на врвот на листот, а ларвите излегуваат следната пролет.
Досадни се и напорни, бидејќи во периодот кога заладува бараат топло, па знаат да се пикнат во јакните на луѓето.