Сликата за сопственото тело е ментална претстава што поединецот ја создава за себе, која може, но не мора, да има никаква врска со реалноста. Сликата за телото може да биде предмет на секакви нарушувања предизвикани од ставовите на родителите, други рани искуства (малтретирање од другарчињата), внатрешни елементи (како емоции или расположенија) и многу други фактори. Тешката форма на лоша слика за телото е опишана како телесно дизморфично нарушување, каде што незадоволството поради мал или незабележлив дефект во изгледот станува тешка опсесија. Во еден од минатите текстови пишував што е тоа дизморфично нарушување и какви големи последици предизвикува. Особено денес, во ерата на високоразвиена пластична хирургија, речиси нема лице (особено од ВИП-фелата) што не направило некаква корекција во својот изглед. Па, во тој контекст секојдневно ќе прочитате дека лицето ХХ направило корекција на лицето, носот, усните, градите, задницата итн.
Лошата слика за телото може да влијае на личноста на многу начини, вклучувајќи и на перформансите во академската или во професионалната кариера, задоволството од емоционалната врска или севкупниот квалитет на животот. Токму затоа сликата за себе е многу битна за севкупното функционирање на личноста.
Бременоста предизвикува многу промени во телото на трудницата. Некои од тие промени може да бидат тешки за справување или многу непријатни. Исто така, по породувањето, на телото може да му треба одредено време да се врати на она што било порано или можеби никогаш нема да се врати целосно на начинот на кој изгледало пред бременоста. Иако тие промени се природни, некои жени може вистински да се борат со одржување позитивна слика за телото за време и по бременоста.
За некои жени бременоста може да предизвика проблеми со сликата за телото што ги немале претходно или да ги влоши проблемите со сликата за телото. За време на бременоста, телото на трудницата поминува низ многубројни трансформации, вклучувајќи и зголемување на телесната тежина. Хормоналните промени ќе предизвикаат стомакот и градите да станат поголеми додека бебето расте и телото се подготвува за доење. Може да се развијат стрии таму каде што телото станува поголемо. Понекогаш кожата ќе биде прекриена со акни. Можеби трудницата се чувствува многу поуморно од вообичаено и почесто има промени во расположението. Негативното расположение може да направи поголема веројатност да се создадат нездрави или негативни мисли за сопственото тело.
Новата метаанализа ги открива повеќеслојните влијанија на бременоста врз сликата за телото, откривајќи нијансирани индивидуални варијации што се движат од зголемена телесна позитивност до засилено незадоволство. Додека просечните нивоа на незадоволство од сликата за телото кај бремените жени биле слични со оние во општата женска популација, индивидуалните искуства значително отстапуваат, испреплетени со сложеница од лични, психолошки и општествени фактори. Студијата идентификува огромен број влијанија, од медиумски портрети до внатрешни перцепции за контрола и функционалност, кои ги обликуваат тие различни искуства.
Отпакувањето на оваа динамика е од витално значење, со оглед на моќните импликации на незадоволството од сликата за телото врз менталната, емоционалната и физичката благосостојба и на мајката и на детето за време и по бременоста.
Клучни факти:
1. И покрај севкупната статистичка сличност во незадоволството од сликата за телото помеѓу бремените и небремените жени, индивидуалните искуства за време на бременоста значително осцилираат помеѓу позитивните и негативните самоперцепции.
2. Промените во перцепцијата на сликата за телото за време на бременоста ѝ се припишуваат на разновидна мешавина на фактори, вклучувајќи ги самоперцепциите за контрола врз физичките промени и надворешните притисоци, како што се идеализираните медиумски портрети на бремените тела.
3. Негативната слика за телото за време на бременоста е поврзана со последователни предизвици за менталното здравје, како што се депресија и анксиозност, што може да влијае на однесувањата како нездрава исхрана, што, пак, може негативно да влијае на феталните и постнаталните исходи.
Познато е дека негативната слика за телото за време на бременоста има сериозни негативни ефекти и врз мајката и врз бебето. Истражувачите веруваат дека незадоволството од сликата за телото во бременоста се состои од комбинација на сложени фактори поврзани со искуствата на секоја жена – некои позитивни, некои негативни. Студијата објавена во списанието „БМЦ прегнанси енд бирт“ (BMC Pregnancy and Birth) се смета дека е првата метаанализа што ги споредува двете групи жени, а ја воделе академици од универзитетот „Англија Раскин“ (АРУ) и од Универзитетот во Јорк. Вкупно, истражувањето опфатило 5.200 одговори од жени што биле бремени и 4.172 одговори од жени што не биле бремени.
Со синтетизирање на резултатите од повеќе студии (таканаречена метаанализа), истражувањето покажа дека незадоволството од сликата за телото на жените севкупно не е статистички различно за време на бременоста во споредба со периодот кога жените не се бремени. Меѓутоа, кога се гледаат одделните студии што беа дел од метаанализата, постојат значителни варијации на индивидуално ниво.
Истражувачите веруваат дека незадоволството од сликата за телото во бременоста се состои од комбинација на сложени фактори поврзани со искуствата на секоја жена – некои позитивни, некои негативни. За некои жени, задоволството од сликата за телото ќе се влоши за време на бременоста поради „чувството на дебелина“, додека други опишуваат чувство дека нивното тело е надвор од нивна контрола затоа што се свесни дека тоа секако ќе се промени, но тие не можат да го спречат тоа. Се верува дека нереалните прикази на бремени жени во медиумите, често уредувани за да се отстранат нееднаквиот тонус на кожата и стриите, придонесуваат за незадоволство од сликата за телото. Сепак, други бремени жени велат дека имаат подобрена телесна позитивност во споредба со периодот кога не биле бремени, бидејќи тие повеќе не го споредуваат своето тело со „тенок идеален“ тип на тело. Некои велат дека подобрувањето е затоа што посветуваат помалку внимание на тоа како изгледа нивното тело, а повеќе на неговата функционалност, фокусирајќи се на здравјето на фетусот и нивната мајчинска улога.
Разбирањето на причините за незадоволството од сликата за телото кај бремените жени е важно бидејќи може да има сериозно влијание врз менталното и физичкото здравје и на мајката и на бебето. Многу жени што покажуваат незадоволство од сликата за телото за време на бременоста истовремено покажуваат депресија и анксиозност, како постнатално така и подолгорочно. Тоа може да доведе до негативни емоционални, когнитивни и бихејвиорални исходи за детето, како и неквалитетни интеракции помеѓу мајката и детето.
Покрај тоа, незадоволството од сликата за телото е поврзано со вистинска физичка болест, бидејќи идната мајка може да се вклучи во практики како што се нездрава исхрана, диета, прочистување или постење. Тоа може да има несакани негативни ефекти врз фетусот, како ниска родилна тежина и предвремено породување.
Поради влијанието што незадоволството од телото може да го има врз идната мајка и фетусот, од витално значење е да се разбере како незадоволството од сликата за телото може да се промени на индивидуална основа кога жените се бремени.
Она што покажа студијата е дека нема универзално искуство за време на бременоста и затоа не треба да претпоставуваме како генерално се чувствуваат сите бремени жени. Притисоците за тоа како некои жени се чувствуваат за време на бременоста се непотребни и многу покорисно е да се праша како е некој генерално со здравјето, наместо да се коментира неговиот изглед.
Жените што не се чувствувале добро поради менувањето на нивното тело во бременоста пријавиле помали чувства на поврзување со своето неродено бебе. А познато е дека емоционалното поврзување мајка-бебе е најбитно за идниот развој на детето како личност! Затоа, од клучно значење е подобро да ја разбереме и поддржиме сликата за телото на жената за време на бременоста, за да им помогнеме на жените на индивидуална основа.
Незадоволството од сликата за телото се однесува на негативните мисли и чувства што поединците ги имаат кон изгледот на своето тело и се смета дека тоа е под влијание на физиолошките промени што се случуваат за време на бременоста.
Постојат две главни спротивставени теории за ефектот што го има бременоста врз незадоволството од сликата за телото: 1) промените поврзани со бременоста се во директен конфликт со социјалните идеи за женската убавина (на пример, зголемување на телесната тежина) и така го зголемуваат незадоволството од сликата за телото; 2) поради промените во телесниот изглед за време на бременоста, жените во овој момент се ослободени од општествените идеали и на тој начин би се намалило незадоволството од сликата за телото. Оваа студија имаше цел да ги процени токму тие теории преку синтеза на актуелната литература.
Резултатите варираат, така што во некои студии се покажа дека жените се чувствуваат попозитивно за своето тело за време на бременоста, други пак покажуваат понегативно искуство со телото, а трети не покажуваат статистичка разлика.
Генерално, анализата не покажа статистичка разлика во незадоволството од сликата за телото помеѓу бремените жени и небремените жени. Студиите во ова поле на истражување имаат цел да се овозможи рана интервенција за жените што покажуваат незадоволство од сликата за телото во бременоста.