Многу дипломати од кариера сметаат дека организацијата (ООН) е во слободен пад. Но ако организацијата ги ажурира своите дипломатски и безбедносни улоги токму за да се приспособи на новите глобални реалности, ОН сè уште можат да ги задржат својата основа и функција.

Како кризата на Блискиот Исток влијае(ше) на губење на довербата во ОН

Уште од 1947 година, кога Генералното собрание на ОН гласаше за поделба на Палестина на еврејска и арапска држава, организацијата се справува со кризи на Блискиот Исток. Во последниве децении дискусиите за израелско-палестинскиот конфликт во ОН ја прикажуваа истата основна динамика: САД го користат своето вето за да ги блокираат критиките на Израел во Советот за безбедност, додека арапските држави ги собираат земјите во развој за да ги одбранат Палестинците. Дебатата во ОН во неделите по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври во голема мера ја следеше оваа позната шема. САД го блокираа Советот за безбедност да бара прекин на огнот во Појасот Газа, но не можеа да ја спречат резолуцијата донесена кон крајот на октомври со огромно мнозинство во Генералното собрание со која се бара „хуманитарно примирје“. Дипломатите на Советот за безбедност велат дека тензиите меѓу Русија и Западот околу Украина, кои се тема на голем број бесплодни дебати во ОН од почетокот на овој воен конфликт во февруари 2022 година, ги поткопуваат дискусиите за прашања во Африка и на Блискиот Исток. Во септември генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на годишниот состанок на Генералното собрание предупреди дека се наѕира „голем слом“ во глобалниот систем на управување, пишува во анализата на „Форин аферс“.
Војната меѓу Израел и Хамас се заканува да го наруши кредибилитетот на ОН во одговорот на кризите. Наскоро националните влади и претставниците на ОН ќе се соочат со прашањето како можат да придонесат ОН за мирот и безбедноста во време кога заедничкиот јазик меѓу големите сили се намалува од ден на ден. Од крајот на Студената војна, државите и граѓанските организации по навика ги повикуваа ОН да се справуваат со големи и мали конфликти. Но сега се чини дека институцијата се соочува со своите геополитички ограничувања. ОН приспособени на денешните времиња ќе треба да ги намалат своите амбиции.

Во однос на безбедносните прашања, организацијата треба да се фокусира на ограничен број приоритети и да им ги предаде уздите на управувањето со кризи на други кога е можно. За одредени меѓународни проблеми сè уште ќе биде потребна координација што е можна само во ОН. Дури и кога се чини дека конкурентските земји ја напуштаат дипломатијата, институцијата останува место каде што противниците можат да ги надминат своите разлики и да најдат можности за соработка. Наместо да дозволат тековните конфликти да ја распарчат институцијата, националните влади и претставниците на ОН мора да работат на зачувување на нејзините највитални функции.
Кризата на доверба во ОН сѐ повеќе се зголемуваше по почетокот на војната во Украина. Дипломатите беа загрижени дека тензиите меѓу големите сили ќе ги парализираат ОН. На почетокот изгледаше како нивните стравови да се погрешни. Русија, САД и нејзините европски сојузници се вклучија во жестоки дебати за војната во Украина, но тие неволно продолжија да се координираат за други прашања. Советот за безбедност, на пример, успеа да воведе нов режим на санкции за бандите што го тероризираат Хаити и да се договори за нов мандат на ОН за соработка со талибанската влада во Кабул за доставување помош на настраданите Авганистанци. И Русија и Западот изгледаа подготвено да го искористат најмоќното тело на ОН како простор за соработка, се наведува во анализата на „Форин аферс“.
Војната на Блискиот Исток уште повеќе ги заостри односите и во ОН. За време на минатите ескалации на израелско-палестинскиот конфликт, вклучувајќи го и избувнувањето на насилствата во Газа во мај 2021 година, Русија и Кина во ОН се воздржуваа од премногу гласно критикување на вмешаноста на Соединетите Американски Држави. И Кина уште еднаш избегна конфронтација и настапи помеко со барање за прекин на огнот. Но, Русија даде сѐ од себе да ја искористи ситуацијата. Откако САД ставија вето на резолуцијата на Советот за безбедност со која се повикува на хуманитарна помош за Газа во средината на октомври, рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, се пожали за „лицемерството и двојните стандарди на американските колеги“ и имплицираше дека Вашингтон можеби ја поттикнува војната да ја зголеми продажбата на оружје. Позицијата на Русија во врска со конфликтот ги изнервира нејзините колеги членки на Советот за безбедност, кои бараа заеднички јазик за хуманитарните прашања, па дури и арапските држави, кои се сомневаат дека Москва го искористува палестинското страдање за свои цели.

Ефектите се најјасни во Генералното собрание, каде што коалицијата на држави што претходно ја поддржуваа Украина се распадна околу Газа. На 27 октомври Генералното собрание донесе резолуција со која се повикува на „хуманитарно примирје“ меѓу Израел и Хамас, со 120 за, 14 против и 44 воздржани. Соединетите Американски Држави гласаа против резолуцијата, наведувајќи го неуспехот на текстот да го осуди Хамас за неговите злосторства. Европските земји беа поделени, некои гласаа за, некои против, а некои воздржани. Последиците беа предвидливи.
Војните во Украина и на Блискиот Исток не само што ги влошија дипломатските судири меѓу земјите-членки на ОН туку извршија и огромен притисок врз лидерот на ОН, Гутереш, и врз целиот систем за управување со конфликти на институцијата. Без обединета поддршка од Советот за безбедност, Гутереш и Секретаријатот на ОН, кој има секојдневен надзор над мировните операции на ОН, се мачеа да ја одржат работата на организацијата за управување со конфликти на вистинскиот пат. Во проблематичните места, како Судан, Мали и Демократска Република Конго, владите и завојуваните страни одбија да соработуваат со посредниците на ОН или побараа повлекување на мировниците на ОН, свесни дека веројатно нема да се соочат со вистински казни за тоа. Организацијата успеа да го задржи своето хуманитарно присуство во места како што е Авганистан, но се соочува со сè поголеми недостатоци во финансирањето бидејќи многу западни донатори ги намалуваат буџетите за помош додека трошат значителни суми за воена и хуманитарна помош за Украина.
Без разлика како завршуваат војните на Блискиот Исток и во Украина, трендовите во ОН укажуваат на проблемите што претстојат. Дипломатското неединство и оперативната ранливост што ја измачуваат организацијата сега веројатно ќе се влошат како што ќе се прошират глобалните поделби. ОН, сепак, нема да се вратат на времето од Студената војна.
Можеби нема јасен пат како ОН да ја врати својата поранешна улога како сеопфатна платформа за справување со меѓународните кризи, но организацијата сè уште може да ја искористи и намалената улога. Се чини дека претставниците на ОН веќе го признаваат својот ограничен мандат. Во јули Гутереш ја објави „Новата агенда за мир“ на ОН, која ги намалува мировните мисии на организацијата и, наместо тоа, ги повика членките на ОН да се фокусираат на новите безбедносни закани, како што е вештачката интелигенција. Дури и овде не е јасно колкаво влијание може да имаат ОН: големите играчи во вештачката интелигенција, особено Соединетите Американски Држави и Кина, можеби не сакаат организацијата да претседава со регулирањето на технологиите за вештачка интелигенција.

Но се чини дека постои апетит ОН да ја задржат својата улога на промовирање на глобалната безбедност, дури и ако преземат поограничено оперативно учество во конфликтите отколку во минатото. Наместо да распоредуваат свои сили, ОН би можеле да поддржат други кризни менаџери, регионални организации, па дури и поединечни земји.
Војните на Блискиот Исток и во Украина, како и тензиите меѓу Кина и Соединетите Американски Држави, ја отежнуваат и меѓународната соработка. Многу дипломати од кариера сметаат дека организацијата (ООН) е во слободен пад. Но ако организацијата ги ажурира своите дипломатски и безбедносни улоги токму за да се приспособи на новите глобални реалности, ОН сè уште можат да ги задржат својата основа и функција, заклучуваат на крајот авторите на анализата на „Форин аферс“.

Подготвил: Митко Јовановски