Со оглед на тоа што интересите и политиките на Русија и Кина, како и на Германија и Турција, се судираат на Балканот, американскиот прагматизам има многу различни перцепции, пишува во анализата на Санадин Володер
Остра конкуренција на светските сили на Балканот
Американската политика кон Југоисточна Европа, односно кон Западен Балкан, претрпе големи промени и трансформации во последните години, што придонесе за зголемена нестабилност и тензии во регионот, кој за време и по војната во 1990-тите во голема мера беше зависен од американското присуство. Социјалната и политичката поларизација во балканските држави се многу интензивни процеси, без разлика дали се членки на НАТО и на Европската Унија или се на патот на евроатлантските интеграции. Со оглед на тоа што интересите и политиките на Русија и Кина, како и на Германија и Турција, се судираат на Балканот, американскиот прагматизам има многу различни перцепции, пишува во анализата на Санадин Володер, која е објавена на „Ал џезира“.
Конкуренцијата на светските и регионалните сили на Балканот никогаш не била посилна, што претставува огромен предизвик за домашните политичари, оптоварени со нестабилност, скандали, корупција и општ недостиг од капацитет да донесат правилни и соодветни стратегиски одлуки во интерес на граѓаните, смета авторот на анализата. Кога станува збор за лобирање во центрите за политички одлуки на Запад, има и конфликтни активности од или во поединечни држави од регионот, што дополнително ја комплицира политичката сцена.
– Секоја земја, вклучувајќи ги и САД, својата надворешна политика ја заснова на сопствените интереси. Тоа што интересите на САД не секогаш се совпаѓаат со интересите на Босна и Херцеговина не може да биде одговорено со закани за „свртување кон други партнери“, мислејќи на деструктивните и малигните сили од Исток – смета Исмаил Чидиќ, претседател на Босанскиот центар за застапување во Сараево, кој е сестринска организација на Обединетата стратегиска алијанса за Босна и Херцеговина (USABIH) со седиште во Вашингтон.
Наместо таква реакција, според Чидиќ, би било многу позрело и попаметно да се разговара со партнери од САД преку различни канали за да им се објасни зошто некои решенија не се во заеднички интерес.
Имиџот на САД во регионот беше дополнително нарушен со настаните на Блискиот Исток, каде што Вашингтон целосно застана на страната на Израел, што го потхранува антиимперијалистичкиот наратив во јавноста. По војната во Украина, тоа е втора фокусна точка за Балканот и е аргумент повеќе за критичарите на американскиот однос кон Белград.
– Политиката на смирување на американската администрација кон Србија, поддршката на прекршувањето на основниот демократски принцип во сојузничката земја Босна и Херцеговина (прекршувањето на Уставот на Федерацијата на Босна и Херцеговина 24 часа под раководство на Кристијан Шмит) и морално проблематичниот однос на САД кон конфликтот меѓу Израел и Хамас, секако, се аргументи што ѝ даваат легитимитет на загриженоста за иднината на либерално-демократскиот поредок – објаснува Аднан Пејчиновиќ, уредник на порталот „Босанска мисао“.
Сликата на САД е индиректно дополнително оптоварена со непродуктивната политика на Европската Унија во регионот, која сè уште бара начин да го надмине предизвикот за проширување на своето членство во Западен Балкан.
Нападот во Бањска имаше големо влијание врз затегнатите односи меѓу Косово и Србија, менувајќи ја нивната меѓународна позиција во долгорочниот преговарачки процес.
– Твој трагичен настан ги разоткри ранливоста и нестабилноста на ситуацијата на северот на Косово и уште еднаш потврди дека статус квото не е одржливо и долгорочно решение. Косовскиот премиер Албин Курти се соочи со значителен притисок да започне формирање заедница на српски општини. Сепак, тој сè уште не е подготвен да го направи тоа – смета Ден Илази, истражувач и аналитичар и шеф на одделот за истражување во Косовскиот центар за безбедносни студии.
Подготвил: Митко Јовановски