Според проекциите на „Евростат“, во 2050 година, жителите на хрватското крајбрежје може да очекуваат просечен животен век од 84,9 години
Деновиве „Евростат“ објави резултати од интересно истражување, кое ѝ го привлече вниманието на хрватската јавност. Имено, Генералниот директорат на Европската комисија задолжен за обезбедување на Европската Унија со статистички податоци на европско ниво и за унапредување на интеграцијата на статистичките методи низ земјите членки на ЕУ, земјите кандидатки и земјите од ЕФТА, како што е официјалниот назив на „Евростат“, направи анализа за земјите на Европската Унија, во однос на очекуваниот животен век. Според истражувањето, ако се гледа должината на очекуваниот животен век на луѓето, Хрватска се наоѓа во долната третина од табелата на анализираните земји.
Очекуваниот животен век се смета за еден од клучните критериуми за процена на успехот на индивидуалниот здравствен систем и е показател што, според договорена формула, се пресметува секоја година за децата родени во таа година и прогнозира колку може да биде долг нивниот просечен животен век под постојни услови.
Швајцарците од Тичино со најдобри прогнози
Според проекциите објавени од „Евростат“, најдолг животен век можат да очекуваат мажите од Тичино во Швајцарија, каде што живеат во просек 83,4 години, а жените најдолго живеат во Мадрид, каде што нивниот животен век е дури 88,2 години. Хрватските граѓани можат да очекуваат да живеат во просек 10 години помалку од жителите на регионите со најдолг животен век, кои најчесто се наоѓаат во Швајцарија, Шпанија и во северна Европа.
Меѓу регионите со најмал животен век, убедливо доминираат регионите од Бугарија, каде што очекуваниот животен век за мажите не надминува 68, а за жените 75 години.
Сепак, она што најмногу ѝ го привлече вниманието на тукашната јавност беа проекциите за наредните децении, кои ги објави „Евростат“. Имено, според нив, жителите на најдолговечниот хрватски регион, оние во Јадранскиот Регион, дури ни до 2050 година нема да го достигнат животниот век каков што можеа да очекуваат жителите на Мадрид во 2021 година. Според оваа проекција, во 2050 година, сите жители на хрватското крајбрежје (мажи и жени заедно) може да очекуваат просечен животен век од 84,9 години, додека очекуваната возраст за жителите на Мадрид беше 85,4 години пред две години.
Исто така, интересен е податокот добиен од ова истражување дека иако Хрватска поседува релативно мала територија, во нејзините региони постојат значителни разлики во должината на животниот век. Мажите од Загреб можат да очекуваат најдолг животен век од 74,8 години, а најдолговечни се жените од приморјето, за кои се проценува дека во просек живеат 81,2 година. Најкраткиот животен век се предвидува за жителите на панонска Хрватска, која приближно ги вклучува Славонија и Банија. Очекуваниот животен век за мажите во тој регион е 72,1 години, односно дури 2,7 години пократок од мажите во Загреб, а за жените 78,4 години, што е речиси три години помалку отколку во јадранска Хрватска.
Коронавирусот го стопира растот на животниот век
Очекуваниот животен век во нормални услови се зголемува секоја година. Сепак, поради епидемијата на коронавирусот и големиот број на т.н. вишок смртни случаи, во сите европски земји очекуваното траење на животот се намали од 2019 до 2020 година, а во некои земји, вклучувајќи ја и Хрватска, продолжи да паѓа и во 2021 година. Хрватска е меѓу земјите чиј животен век е намален за две или повеќе години во споредба со 2019 година. Оваа група вклучува седум постсоцијалистички земји.
Единствените земји што успеаја да го изедначат животниот век на своите жители во 2021 година со оној од 2019 година се Исланд и Данска, додека на Шведска и Швајцарија им недостига нешто повеќе од еден месец за да дојдат до истите параметри.
Единствената набљудувана земја во која очекуваниот животен век на вкупното население во 2021 година е зголемен во однос на 2019 година е Норвешка (од 83 на 83,3 години).
Европски региони со најдолг животен век – мажи
1. Тичино, Швајцарија – 83,4
2. Аланд, Финска – 82,8
3. Регион Леманик, Швајцарија – 82,5
4. Тронделаг, Норвешка – 82,1
5. Исланд – 81,8
Европски региони со најкраток животен век – мажи
1. Северозападна Бугарија – 66,1
2. Северен централен дел на Бугарија – 67,2
3. Југоисточна Бугарија – 67,8
4. Североисточна Бугарија – 68
5. Суд-Ест, Романија – 68,3
Европски региони со најдолг животен век – жени
1. Мадрид, Шпанија – 88,2
2. Тичино, Швајцарија – 87,9
3. Навара, Шпанија – 87,6
4. Кастилја, Шпанија – 87,5
5. Кантабрија, Шпанија – 87,1
Европски региони со најкраток животен век – жени
1. Мајот, француски прекуморски департман – 72,6
2. Северен централен дел на Бугарија – 74
3. Северозападна Бугарија – 74
4. Југоисточна Бугарија – 74,5
5. Североисточна Бугарија – 74,7
Очекуван животен век во Хрватска (во години)
Град Загреб: мажи – 74,8, жени 80,4
Јадранска Хрватска: мажи 74,7, жени 81,2
Панонска Хрватска: мажи 72,1, жени 78,4
Северна Хрватска: мажи 72,6, жени 79,2
Ангел Митревски, наш дописник од Хрватска