Тенденцијата на намалување на производството на многу земјоделски култури ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме опиплива и реална стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме, дури и во какви било неповолни околности, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храна…
Хронични и тешки проблеми во аграрот, но решенијата не се непознати
Иселувањето, недостигот од млади земјоделци, скапите материјали, недостигот од доследна стратегија за поддршка на земјоделството се дел од причините поради кои во континуитет се намалуваат земјоделските површини што се обработуваат во Македонија. Иако нашата земја важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број предизвици што доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Без оглед што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население, додека во минатото ја храневме цела Југославија.
Според земјоделските експерти, годишно се намалуваат по околу 7.000 хектари обработлива површина, кои се трајно изгубени како потенцијал за производство на храна, поради несоодветната државна политика, односно на релативно плодни површини се градат стопански и станбени објекти, инфраструктура и слично. И тука доаѓаме до еден своевиден апсурд. Нашата земја е пред закана во голема мера да го изгуби производството на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други. Од друга страна, домашното производство на жита, месо, масло за јадење, млеко или шеќер ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението, па Македонија мора да увезува. Тука се провлекува уште еден проблем, иселувањето на младите, а со тоа и недостиг од земјоделци, бидејќи останатите се веќе стари и нема кој да ги замени.
Како да се реши проблемот со земјоделците, треба ли да увезуваме работници од странство? Какви мерки и стратегии се потребни за од корен да се променат состојбите во земјоделството за да не стане Македонија целосно зависна земја од увоз на храна?!
Неопходно е да се насочат земјоделците што да обработуваат
Според Илија Каров, поранешниот декан на Земјоделскиот факултет – Штип, состојбата во аграрот е очајна и мора неселективно да се пристапи кон проблемот и да се бара решение за секој сегмент одделно. Тој укажува дека Владата треба внимателно да ѝ се посвети на аграрната политика и заедно со средства што се предвидени од ИПАРД-фондовите да изработи издржана студија, во која ќе учествуваат домашни експерти од областа и чија цел ќе биде да се посочат предностите на одредени региони и какви култури во истите тие треба да се одгледуваат.
– Неопходно е да се насочат земјоделците што да обработуваат и како да ја максимизираат заработката. Да остварат максимално и квалитетно производство, за да имаат корист од обработката на земјата. Тоа е неопходен процес, особено ако се знае дека доаѓаат сушни години поради промена на климата, бидејќи ќе немаме доволно вода на располагање за наводнување на нивите, поради што ќе треба да се бараат поинакви начини на одгледување на културите или, пак, да се одгледуваат култури што се издржливи на суша, на високи температури и кои даваат доволно приноси и во такви услови. Со една сериозна студија, направена само за нашата земја и за нашите услови, може да се насочуваат земјоделците и да се постигне максимумот од домашното земјоделско производство – посочува Каров.
Тој укажува дека се неопходни соодветни политики што ќе ги подобрат условите за откуп на земјоделските производи и истакнува дека разликите меѓу откупните цени на земјоделските продукти и оние на пазарите се големи и дека треба да се најдат механизми за нивно изедначување.
Покривањето на нашите потреби за храна треба да ни биде приоритет и
стратегиска цел
Според Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, самата глобализација и зачленувањето на Македонија во Светската трговска организација наметнаа правила да не смееме да вршиме протекционизам или форсирање на домашните производи, преку зголемени такси на увоз на тие што потекнуваат од другите држави, па дури и да не се користи слоганот „купувајте македонски производи“. Тој додава дека на тој начин нашето неконкурентно производство полека почна да се уништува и да пропаѓа.
– Тенденцијата на намалување на производство на многу земјоделски култури ќе биде присутна и во иднина, сѐ додека не направиме стратегија за зачувување на домашното производство за да можеме во какви било околности, како војни и временски непогоди, да имаме доволно за прехрана на нашето население. Во спротивно стануваме држава што е лесен плен, и политички и економски, опасност што претстои во случај на глад, ако дојде до прекин на глобалните синџири за испорака на храна – објаснува Станковски.
Според него, покривањето на нашите потреби за земјоделски производи на годишно ниво треба да ни биде приоритет и стратегиска цел. Кога тие цели ќе станат приоритет на државата, тогаш може да се премине кон искористување на сите потенцијали што можат да го зголемат производството по единица површина, а тоа се системи за наводнување, модерна технологија, навремена заштита од болести итн.
Потребни се организирано производство и пласман
Според Билјана Петровска Митревска од Националната федерација на фармери (НФФ), треба да се стави акцент на организирано производство и пласман, кои ќе им дадат сигурност на малите производители и кои се столб на нашето земјоделството. Во Македонија најголемиот дел од земјоделските домаќинства припаѓа на групата ситни индивидуални земјоделски производители (98 отсто), при што околу 58 отсто од нив имаат фарми со големина под еден хектар или околу 87 отсто од домаќинствата со под три хектари.
– Политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на малите земјоделци, чија основна дејност е земјоделството, за да можат да произведуваат поголемо количество земјоделски производи што ќе го снабдуваат нашиот домашен пазар и да нема вишок храна. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување со храна од домашното производство – истакнува Петровска Митревска.
Како што вели таа, преработувачките капацитети во државата треба да се развиваат за да може да се зголеми откупот на домашни производи со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје.
– Многу е важно креирање стратегија и мерки за приспособување на земјоделството на новите климатски услови и справување со временските непогоди. Овој сектор е особено изложен на климатските промени, кои негативно влијаат врз него – потенцира Петровска Митревска
Руралното население е лишено во однос на населението во урбаните области
За проблемот со земјоделците и намалувањето на бројот на млади и заинтересирани лица во земјоделството, Петровска Митревска од НФФ вели дека е сериозен предизвик за нашата држава тоа што, миграцијата на граѓаните од руралните средини кон градовите и европските држави, особено млади и жени, достигнала 50 отсто високо ниво.
– Според податоците од пописот во 2021година, нашата земја се соочува и со изразена регионална нерамномерност на населението помеѓу урбаните и руралните средини. Во земјава доминира урбаното население, со вкупно 1.131.356 жители (или 61,6 отсто), додека во руралните средини живеат 705.357 жители (или 38,4 отсто). Според годишниот земјоделски извештај, руралното население е лишено во однос на населението во урбаните области во многу аспекти. Така, 36 отсто од оние што живеат во рурални области се соочуваат со проблем на пристап до банкарски услуги, 24 отсто пристап до поштенски услуги и 20 отсто пристап до културни објекти. Основните услуги за транспорт не се достапни или се тешко достапни за населението во руралните области. Потребата од подобрување на патната мрежа во руралните области е нагласена како висок приоритет, како во низинските села (51 отсто), така и во планинските села (54 отсто) – истакнува Петровска Митревска
Како што споменува таа, малите и економски слаби рурални општини имаат значителни проблеми за одржување на квалитетот и пристапот до основните услуги, како што се здравствените, образовните и социјалните услуги, особено за населените места со помал број жители, што резултира со поголемо незадоволство од квалитетот на животот кај руралното население во однос на она што живее во урбаните средини.
– Оттука, постои потреба за понатамошно подобрување на инфраструктурата и основните услуги во руралните области, бидејќи сите бараат подобри услови за живеење и младите ги напуштаат руралните средини. Затоа и еден од најголемите проблеми во земјоделскиот сектор во земјата се стареењето на работната сила и немањето работници – додава Петровска Митревска.
Таа потенцира дека државата мора да изработи долгорочна стратегија што ќе го акцентира значењето на руралните средини како клучна област за Македонија, бидејќи тука е производство на храна и на земјоделство да се гледа како развојна гранка и профитабилен бизнис. Исто така треба да се забележи дека сите стратегии и политики треба да бидат инклузивни, каде што руралните средини се еднакво важни како и градовите.
– Сегашните напори преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како поддршка на младите земјоделци преку мерката за млад земјоделец од Програмата за рурален развој се значајни, но иако се дел од решението, главниот предизвик е да се подобрат структурата и можностите за развој во руралните средини, особено за младите лица доколку сакаме да ги задржиме во државата. За да ги поддржиме земјоделците, особено младите, и да го намалиме ограничувањата, потребно е да се инвестира во инфраструктура, поголема работа и ангажман на руралните општини во насока на решавање на проблемите, образование и обука на младите лица во земјоделство и агроиндустрија, воведување нови технологии на производство. Кампањите за промоција на земјоделството и неговите предности, заедно со поволни кредити и поддршки за почеток на земјоделски бизниси и живот во рурални средини, се исто значајни за развојот на руралните средини и одржливоста на земјоделството – смета Петровска Митревска.