Велика Британија неодамна ја објави Декларацијата од Блечли, договорена со земји како што се САД и Кина, за зајакнување на глобалните напори за соработка за безбедноста на вештачката интелигенција. Декларацијата, потпишана од вкупно 28 земји, беше објавена на денот на отворањето на самитот за вештачка интелигенција во паркот „Блечли“, во централна Англија.
– Декларацијата ги исполнува клучните цели на самитот за воспоставување заеднички договор и одговорност за ризиците, можностите и продолжувањето на процесот на меѓународна соработка во областа на безбедноста и истражувањето на вештачката интелигенција, особено преку поголема научна соработка – се наведува од страна на Велика Британија во одвоената изјава од декларацијата.
Велика Британија ги собра владите, академската заедница и компаниите што работат на вештачка интелигенција на инаугуративниот самит за безбедност на вештачката интелигенција одржан неодамна за да разговараат за тоа како да се ограничат ризиците од технологијата и дали може да се направи тоа.
Средбата е идеја на премиерот Риши Сунак, кој сака Велика Британија да стане посредник меѓу економските блокови на САД, Кина и Европската Унија. Листата од 100 гости вклучуваше светски лидери, технолошки лидери како Илон Маск и шефот на „ЧетГПТ“, Сем Алтман, како и академици.
Усвоената декларација повикува на транспарентност и одговорност на актерите што ја развиваат најнапредната технологија за вештачка интелигенција во нивните планови за мерење, следење и ублажување на потенцијално штетните способности. Таа постави двонасочна агенда насочена кон идентификување на ризиците од заеднички интерес и градење научно разбирање за нив, како и заеднички политики за ублажување на ризиците.
– Тоа вклучува, покрај зголемената транспарентност на приватните актери што развиваат способности за вештачка интелигенција, соодветни критериуми за процена, алатки за безбедносно тестирање и развој на релевантен јавен сектор и научноистражувачката дејност – се наведува во декларацијата.