Mеморијален споменик на НОБ

По повод Трети ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп

Заводот и музеј – Прилеп, непосредно пред празникот Трети ноември – Денот на ослободувањето на градот, ги санира оштетувањата на Алејата на народните херои, Могилата на непобедените во Паркот на револуцијата и на споменикот кај Песјобрдце, каде што се водела битката за конечно ослободување на Прилеп во 1944 година.
– Завршивме проект поддржан од Министерството за култура. Целосно е обновена патеката пред Алејата на народните херои, сменети се уништените плочи. Аурите пред криптата на Могилата на непобедените со техника и пескарење го добија стариот лик, а во криптата каде што почиваат останките на борците се сменети скршените плочи, санирана е целосно патеката низ паркот, а целосно е реновиран и амфитеатарот. Сакаме Паркот на револуцијата комплетно да блесне во нов сјај – вели Горан Цветкоски, директор на прилепскиот музеј, потенцирајќи дека локалната самоуправа треба да се погрижи за поголема чистота на просторот.
Со средства од Министерството за култура се санирани оштетувањата и на споменикот на Песјобрдце, дело на скулпторот Бранко Конески, висок околу пет метри, изграден 1978 година.

– Ги сменивме скршените плочи, а се уреди и просторот околу него – потенцираат од Заводот и музеј – Прилеп.
Од Здружението на поддржувачи на Сојузот на борците го поздравија проектот на прилепскиот музеј за заштита на спомениците на културата и спомен-обележјата, кои во Прилепскиот Регион се околу 160.
– Прилеп како град херој одиграл значајна улога во Втората светска војна. Паркот на револуцијата е симбол на градот, обележје изградено во 1961 година, посветено на паднатите борци. Автор е архитектот Богдан Богдановиќ од Белград. Изграден е по повод 20 години од одбележувањето од Втората светска војна. Има три компоненти – Могилата на непобедените, каде што се останките на паднатите борци, вкупно 462, иако загинале 650. Алејата на 10-те народните херои и споменикот Жена борец, чиј автор е Драган Попоски-Дада. Поголемиот дел од спомен-обележјата се во добра состојба – изјави историчарот Рубинчо Белчески, претседател на Здружението на поддржувачи на Сојузот на борците.
Могилата на непобедените и Алејата на народните херои се споменик од прва категорија и затоа Заводот и музеј – Прилеп работи на проект за изработка и леење на петте бисти од народните херои што во меѓувреме починаа.

– Алејата треба да се збогати со нови содржини и се надеваме дека проектот ќе биде поддржан од Министерството за култура бидејќи в година одбележуваме 80 години од конечното ослободување на Македонија – додава Цветкоски.
Во Алејата на народните херои треба да се додадат бисти на народните херои што починаа во изминатите години, а тоа се Вера Ацева, Крсте Црвенкоски, Борко Темелкоски-Лилјакот, Ѓоре Дамески–Боксерот и Атанас Забазноски-Руски. Ка.М.