Државата мора да смисли како во иднина да се намали зависноста од увоз на електрична енергија и да вложи поголеми финансиски средства во искористувањето на домашните ресурси. Бидејќи станува збор за исклучително важен стратегиски ресурс, а изградбата на новите производствени капацитети бара многу време и финансиски средства, јасно е дека во овој случај мора да се направат и испочитуваат долгорочните стратегии во оваа област, без разлика каква политичка гарнитура ќе дојде на власт

Од земјите во регионот, најскапа струја плаќаат домаќинствата во Македонија, 100 киловати ги чинат 10,5 евра. По нас се граѓаните на Албанија, кои плаќаат 10,1 евра, додека најевтина електрична енергија во Европа имаат косовските домаќинства – 0,6 евра за 100 киловати. Србите и Црногорците плаќаат 0,96, а Босанците 0,87 евра за 100 киловати.
Според податоците на „Евростат“, во првата половина на 2023 година, семејствата во Албанија и во Македонија плаќаат повеќе за енергијата што ја трошат во споредба со другите земји во регионот. За споредба, пак, развиените земји во ЕУ (со просек на БДП во Унијата што е шест пати повисок од Македонија по жител), плаќаат за енергијата трипати повеќе од земјите во регионот на Западен Балкан.
За да се ублажат високите трошоци за енергија, речиси сите земји размислуваат и дејствуваат за да обезбедат поевтини енергенти и за стопанството и за граѓаните.

Да се фокусираме и посветиме на домашно производство на електрична енергија

Според Ангел Димитров, цената на електричната енергија најмногу зависи од начинот на производство, а се подразбира дека домашното производство е најевтино, во секоја варијанта.
– За Македонија е карактеристично што огромен дел од електричната енергија, од онаа што се произведува дома, добиваме од РЕК-Битола. И тоа би било голема предност доколку се користат ресурсите во полн капацитет, од снабдувањето со домашен јаглен до производството на домашна електрична енергија. Но, не треба да заборавиме и дека е неповолно што поради нискиот квалитет на нашиот јаглен мораме да увезуваме, што ја прави цената на електричната енергија нешто повисока – вели Димитров.
Како што додава тој, стратегиски пропуштена шанса е што Македонија во минатото не инвестирала во поголемо искористување на водните ресурси, кои сѐ уште остануваат недоволно искористени. Тој потенцира дека хидроцентралите многу добро се вклопуваат во производството од обновливи извори затоа што можат да се вклучуваат во периодите кога ни е најпотребно.
– Познато е дека цената за домаќинствата и малите компании е субвенционирана од државата т.е. од државниот буџет, кој го полнат и граѓаните и компаниите. Поголемите компании се снабдуваат на отворениот пазар и цената зависи од берзата во Будимпешта, каде што таа е повисока од оваа што е субвенционирана. Во зависност од тоа за што се користи електричната енергија во компаниите, зависи и нивната важност. Ако електричната енергија се користи при процесот на производство (т.н. погонско гориво, како на пример во топилницата за фероникел во „Фени“), тогаш учеството на трошоците за струја во вкупните трошоци е многу големо и судбината на комбинатот, како и судбината на другите претпријатија од реалната економија во Македонија, зависи од цената на струјата – нагласува Димитров.
На таков начин, компаниите во Македонија, сакале да се соочиме со тоа или не, чекорат кон сигурно гаснење и затворање. Имено, доколку индустријата во Македонија не обезбеди домашна, евтина базична енергија за наредните триесет години, односно додека не се направи успешна „зелена транзиција“, реалната економија набргу ќе згасне.
Во секој случај, соговорникот Ангел Димитров посочува дека државата интензивно мора да смисли побрз и ефикасен начин како во иднина да ја намали зависноста од увоз на електрична енергија и да вложи поголеми финансиски средства во искористувањето на домашните ресурси.
– Бидејќи станува збор за многу важен стратегиски ресурс, а изградбата на новите производствени капацитети бара многу време и финансиски средства, јасно е дека во овој случај мора да се направат и испочитуваат долгорочните стратегии во оваа област – истакнува Димитров.

Според експертите од областа на енергетиката, со години редовно увезуваме електрична енергија, а состојбата се влошува бидејќи се зголеми вредноста на увезената струја. Некој ќе рече, ама, ние произведуваме за домаќинствата, а стопанството ќе оди на слободен пазар и ќе ги купува тие потребни гигават-часови и ќе ги плати. Што правиме ако стопанството не може да ги плати и ако ги затвори компаниите? Ако компаниите затворат, ќе нема пари и за вработените граѓани и за буџетот… Така што и граѓаните нема да можат да си ја платат ниту домашната (субвенционирана цена) струја, ниту пак ќе може да се полни буџетот од страна на компаниите. Ако и буџетот отиде надолу, не се полни, утре државата нема да биде кредитоспособна, ќе биде несолвентна и нема да може да позајми пари, од каде било… Суштината е дека мора да се мисли паралелно, и на домаќинствата и на стопанството. Тоа ја држи државата

Суштина е дека мора да се мисли паралелно, и на домаќинствата и на
стопанството

Експертот од областа на енергетиката Константин Димитров вели дека ние како мала земја најмногу зависиме од увоз на скапа електрична енергија и поради тоа цената на струјата кај нас е повисока.
– Иако со години се знае дека немаме доволно капацитети за производство на домашна електрична енергија, ништо не се презема. Проблемот е што ние подолго време знаеме дека не произведуваме доволно количество сопствена електрична енергија, ама ништо не преземаме. Со години редовно увезуваме електрична енергија, а состојбата се влошува бидејќи се покачи вредноста на увезената струја. Некој ќе рече, ама, ние произведуваме за домаќинствата, а стопанството ќе оди на слободен пазар и ќе ги купува тие потребни гигават-часови и ќе ги плати. Што правиме ако стопанството не може да ги плати и ако ги затвори компаниите? Ако компаниите затворат, ќе нема пари и за буџетот, ако и буџетот отиде надолу, не се полни, утре државата нема да може да позајми пари ако не е солвентна. Суштината е дека мора да се мисли паралелно, и на домаќинствата и на стопанството. Тоа ја држи државата – потенцира Димитров.
Тој е скептичен дека Македонија може сама да произведе доволно електрична енергија со расположливите енергетски капацитети, поради кондицијата на нашите термоцентрали.
– Без енергетска основа нема индустриски развој на државата, нема сигурност, нема потенцијал, нема конкурентност на производот. Мора да постои моќна база за производство на електрична енергија, да ги задоволи потребите на стопанството. Ние го пуштивме стопанството низ вода. Купуваме скапа електрична енергија на пазарот, преку трговците што прават профит. Сето тоа се прави затоа што немаме доволно домашно производство. Тоа е така бидејќи со години не сме вложувале во електроенергетскиот систем – смета Димитров.


Секоја земја има свои специфики што влијаат на крајната цена на електричната енергија

Според Регулаторната комисија за енергетика, секоја земја има свои специфики што влијаат и на крајната цена на електричната енергија, а тоа се обемот на домашното производство на електрична енергија, увозната зависност, степенот на либерализација на пазарот, инвестициите во енергетската инфраструктура, инвестициите во обновливи извори на енергија и сл.
– Во нашата земја просечната цена во анализираниот период од јануари до јули за домаќинствата изнесува 0,0868 евра за киловат-час и претставува просек пресметан од сите четири блок тарифи, при што во цената се вклучени сите надоместоци (пренос и дистрибуција). Во анализираниот период стапи во сила одлуката со која цената за домаќинствата за првиот блок се намали за 4,11 отсто, додека во вториот намалувањето изнесуваше 2,95 отсто, а во третиот блок имаше зголемување од 0,85 отсто и во четвртиот, за оние што трошат најмногу, зголемувањето изнесуваше 7,65 отсто – потенцираат од РКЕ.
Оттаму појаснуваат дека анализите укажале (пред воведувањето на блок тарифите) дека некои од домаќинствата во четвртиот блок се комотни во потрошувачката, па, така, мал број потрошувачи трошат големи количества електрична енергија (за четвртиот блок) и за нив цената во четвртиот блок се проектирала да биде приближно до пазарната.
– РКЕ при воведувањето на блок тарифите се водеше од принципот кој троши помалку да плаќа помалку, а кој троши повеќе да плаќа повеќе – и тој се покажа како фер и ефикасен.
Дополнително, сега со воведувањето на дневната евтина тарифа, се очекува да има намалување врз сметките за 5 отсто – истакнуваат од РКЕ.
Во однос на цените на струјата за компаниите, од РКЕ посочуваат дека тие се на либерализиран пазар и во овој изминат период поттикнати од цените на берзите агресивно влегоа во сериозен инвестициски циклус со кој си обезбедија најголем дел од количеството на електрична енергија од фотоволтаици.
– Во согласност со последните податоци на РКЕ, од јануари 2022 година заклучно со 30 септември 2023 година, им се издадени лиценци на вкупно 686 централи со вкупна инсталирана моќност од речиси 503 мегавати, што е доволен капацитет да се обезбедат потребите за електрична енергија на домаќинствата во 18 града од државата – велат од РКЕ.