Фото: П. Василијадис

Езерото е богато со различни видови фитопланктони, шумите околу него се дабови, а има и повеќе градини со овошја. Во Бешичко Езеро живеат 29 вида риби, а една од нив е ендемска. Водоземците се барем пет вида, а во и околу езерото се среќаваат 34 вида цицачи. Богатството на птици е презентирано со повеќе од 200 вида

Бешичко Езеро, во минатото познато и како Бешикско Езеро, е езеро во егејскиот дел на Македонија, денес Република Грција. Се наоѓа на 40 километри од Солун, а водниот слив опфаќа површина од приближно 1.247 километри квадратни. Нивото на водата се менува во зависност од сезоната и врнежите. Водата најчесто се користи за наводнување и риболов. Езерото е именувано според околните населени места: Голем Бешик и Мал Бешик, а според нив е именувана и блиската Бешичка Планина.
Езерото е богато со различни видови фитопланктони, шумите околу него се дабови, а има и повеќе градини со овошја. Во Бешичко Езеро живеат 29 вида риби, а една од нив ендемска. Водоземците се барем пет вида, а во и околу езерото се среќаваат 34 вида цицачи. Богатството на птици е презентирано со повеќе од 200 вида. Поважни птици што се гнездат се: мал воден бик, ноќна чапја, мала бела чапја, пепелава чапја, црвена чапја, бел штрк, лисеста гусковида патка, краткопрст јастреб, лисест глувчар, мал орел, кликач, блатна еја, џуџест (мал) орел, мала барска кокошка, модроврана и пепелаво (мало) свраче.
Исто така Бешичко Езеро има особено значење за прехрана на: розов (обичен) пеликан (околу 550 двојки) во летото, како и белоглав (кадроглав) пеликан (повеќе од 50 двојки) за време на миграцијата. Зимно време можат да се видат цуцулест нуркач (околу 11.000 единки), црноврат нуркач (повеќе од 100 единки), кафеноглава потопница (30.000 единки), лиска (20.000 единки), а понекогаш и синоклунеста патка.

Д.Ст.


Бешичка Планина

Бешичка Планина е ниска планина во Лагадинско, егејскиот дел на Македонија, сместена северно од Бешичко Езеро. Планината е именувана по селата Голем Бешик и Мал Бешик, по кои е именувано и езерото. На север е одвоена од Богданска Планина и Орсова Планина со долината на пресушените Мавровско и Ланџанско Езеро. Понекогаш оваа планина се смета за дел од Богданска Планина (Бешикдаг).
Езерата на јужната граница (Бешичкото и Лагадинското) се заведени во Рамсарската конвенција во 1974 година и се членки на мрежата на заштитени подрачја Натура 2000 (1220001 и 1220009), исто така се прогласени за места од орнитолошка важност (032). Поширокото подрачје е национален парк под името „Лагадинско Езеро – Бешичко Езеро и Македонски Темпи“ во 2003 г. Три повеќевековни чинари во околината на селата Сарај и Пазаруда, во кои се гнездат чапји и бели штркови, се прогласени за заштитени споменици на природата. Карпите на планината се гнајсови, а има и малку амфиболити. До врвот се стигнува преку селото Ѓувелци (420 м) за околу час и половина.

Мал Бешик, Бешичкото Езеро и Бешичка Планина (десно) на гравура од 1813 годинаa
Фото: Софија Елефтериу
Фото: Ирина Вогијацис