АЛЕКСАНДРА АЦЕСКА И ДАНИЕЛ КОЦЕВ ПАЗАМАТ, УМЕТНИЦИ
Македонските академски ликовни уметници Александра Ацеска и Даниел Коцев Пазамат живеат и творат во Кина. Нивната заедничка изложба отворена во галеријата „Ју Ју“ во Фошан, Кина, ја реализираат со нивниот српски колега Михајло Спорин. Александра Ацеска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2017 година, а од 2018 г. живее во Кина, каде што работи како професорка по ликовна уметност. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ на ФЛУ и двапати е наградена на саемот на современа уметност и дизајн „Паратисима“. Даниел Коцев Пазамат дипломирал вајарство на ФЛУ во 2007 година. Учествувал на повеќе значајни самостојни и групни изложби во Македонија и во Кина, а изложувал и во Турција, Италија, Србија и Бугарија. Во Кина живее од 2012 година. Од 2017 до 2022 година беше куратор на интернационалниот саем за современа уметност „Арт канон“, а од 2022 година е во одделот за академска поддршка на саемот.
– Јас сум голема симпатизерка на источните филозофии и култури и егзотиката на кинеската култура и мисла дефинитивно влијаеја на мојата одлука да се преселам. Покрај желбата да го искусам Истокот од прва рака, тука беа и желбата за нов почеток и сите предизвици што следуваат, како и соочување со стравот од непознатото. На некој начин се предизвикав себеси да излезам надвор од моето комфорно меурче за да се разберам себеси подобро, како и светот што е надвор од дофатот на популарната култура и медиумите. Тоа воопшто не беше лесно поради културната и јазична бариера. Ретко кој зборува на англиски јазик во Кина и тоа го направи процесот на приспособување многу потежок. Сепак, по речиси четири години во Кина, конечно можам да кажам дека полека се приспособувам на оваа нова и возбудлива средина – вели Ацеска.
Пазамат уште како студент бил фасциниран од источните култури, Јапонија, Кина, Индија и цела Азија. Немал намера да се отсели од Македонија, но добил понуда за работа во Кина, па ја искористил шансата да ја посети Азија, со можност да заработува.
– Не ми беше потребно многу убедување да купам карта во еден правец, без никакви очекувања. Откако се стабилизирав со работата и се навикнав на културата, која патем е сосема различна од нашата, се најдов себеси во околина во која бев сосема самостоен и животот стана комфорен за да можам да продолжам со мојата пасија и самозададена животна цел да бидам самостоен уметник – вели тој.
Во градот Фошан беше отворена нивна заедничка изложба, на чие отворање имаше перформанс – сликање со туш на хартија, а некои од посетителите беа калиграфи и традиционални кинески уметници. Интересен момент било кога некои од посетителите ја пронашле врската помеѓу авторите, иако делата визуелно изгледале сосема различно.
– Од моето досегашно искуство, во Кина има простор за секаква форма на уметност, од традиционална до постпостмодерна. Тука вреди да се спомне рапидното технолошко и дигитално развивање. Новите медиуми се модерни и со секој нов дигитален напредок напредува и уметноста. Мојата уметност во основа е базирана на процес на истражување, но овој пат резултатите се ѕидни дела (слики, печати и цртежи), а оваа форма е мошне прифатена од посетителите – вели Ацевска.
Според Пазамат, Кина е високоразвиена држава, каде што културата, технологијата и квалитетот на живот се со висок стандард. Голем дел од младата популација е активна и заинтересирана за ликовната уметност во сите форми (скулптура, видео, слики на платно, уметнички инсталации итн). Гуанжо е метропола на југоисток од Кина, во близината на Шенжен и Хонгконг, каде што електронската индустрија е најзастапена, што значи постарата генерација е повеќе насочена кон бизнисот, но сето тоа се менува драстично.
– Во градот има голем број мали самостојни галерии и музеи што се постојано исполнети со нови поставки од домашни и интернационални автори, што укажува на фактот дека заинтересираноста за уметностите е на солидно ниво, како што и се очекува од една современа метропола – вели тој.
Новата околина го променила креативниот процес на Ацеска, но тематиката што ја интересира (идентитет и духовност) најмногу има врска со нејзиното македонско и балканско културно наследство.
– Македонија е мојата база, местото каде што го научив занаетот. Кина е местото каде што созревам како ликовен уметник. За мене е невозможно да ги одвојам двата аспекта. Техниките не се стандардни за источните техники на творештво, слободата за манипулирање со материјалите доаѓа од моите европски корења, додека филозофијата во моите дела е сосема под влијание на источните култури. Двата аспекта се во хармонична симбиоза – вели Пазамат.
Нивната желба е да ја донесат оваа изложба во родната Македонија.