Првото место по бројот на слап-тужби го зазема Хрватска со 54 случаи, потоа Босна и Херцеговина со 43 и Словенија со 42. Во Србија се евидентирани 28 слап-тужби, во Македонија пет, додека ниту една не е евидентирана во Црна Гора
Годишен извештај на коалицијата „Кејс“, која се занимава со борба против судски процеси во кои се обвинети новинари и медиуми
Објавен е традиционалниот годишен извештај на коалицијата „Кејс“, која се занимава со борба против судски процеси во кои се обвинети новинари и медиуми. Станува збор за тужби што најчесто се поднесуваат за надомест на штета поради написи во медиумите, а чија намера е, всушност, да се заплаши новинарот.
Во официјалната терминологија се користи терминот слап-тужби, што доаѓа од англиската кратенка SLAPP (Strategic Lawsuits Against Public Participation), односно стратегиски тужби против јавен настап, значи тужби што се насочени како притисок врз медиумите и поединците да ги одвратат од критички настап. Цел на овие тужби најчесто се новинари, медиумски организации, уредници, активисти и невладини организации, а претежно се иницирани од фирми и политичари.
Во изминатата година во Европа се поднесени 250 слап-тужби. На самиот врв е Полска со 128 тужби, потоа Малта со 88 и Франција со 76. Кога станува збор за регионот. Првото место го зазема Хрватска со 54 случаи, потоа Босна и Херцеговина со 43 и Словенија со 42. Во Србија се евидентирани 28 слап-тужби, во Македонија пет, додека ниту една не е евидентирана во Црна Гора.
Помеѓу 28-те тужби што се регистрирани во Србија во изминатата година, во моментов се водат 12 постапки против порталот „Крик“, кој истражува криминал и корупција. Од оваа редакција велат дека овие акции финансиски ги исцрпуваат и им го одземаат работното време.
– Сите тие тужби, сите тие 12 постапки бараат да ја финансираш одбраната, да платиш адвокати, превод на судски документи. Да не зборуваме за намерите за тие што нѐ тужеа, а тоа беше медиумите да се откажат од постапката и да почнат да се самоцензурираат. Но не успеаја во тоа – вели Јелена Васиќ од „Крик“.
Слап-тужбите најчесто се поднесуваат за отштета, но всушност нивната намера е да ги заплашат и уценуваат медиумите и граѓанскиот сектор, објаснуваат експертите и прецизираат дека тоа се чести тужби против одреден медиум.
– Во ваквите тужби тужителот сака да го заплаши и замолчи обвинетиот и да го казни. Во спорот тужителот најчесто влегува свесен дека неговото барање е очигледно неосновано и дека најверојатно ќе го изгуби, но тоа не му е важно. Карактеристика на слап-тужбите е висока поставена вредност на побарувањето, бидејќи од тоа зависи висината на судските такси што обвинетиот ќе треба да ги плати во текот на постапката – изјави за „Еуроњуз“ Ана Здравковиќ, докторантка на Правниот факултет во Белград, Србија.
Ваквиот тип тужби најчесто ги поднесуваат оние што имаат доволно или вишок финансиски средства.
– Тоа се обично фирми, но и богати поединци што можат да си го дозволат тоа – бизнисмени, политичари, дури имавме случај во литературата кога тужбата поднесена од судија против новинар во Хрватска беше окарактеризирана како слап. Важно е да се истакне дека обвинетиот најчесто е новинар или медиум, но може да биде секој од нас – истражувачи, активисти – наведува таа.
Здравковиќ посочува дека иако истражувањата покажуваат дека во над 70 проценти од случаите судиите ги отфрлаат ваквите тужби како неосновани, тоа претставува форма на злоупотреба на правото и судот.
– Се активира целиот државен механизам, кој е создаден да нѐ штити и да ни служи за заштита на нашите права, а во овие случаи служи за да се злоупотребува заради нечии интереси и за да се малтретира друго лице. Ова е неприфатливо и мора да се заштитат обвинетите, кои секако се најранливи. На второ место е судството, бидејќи судовите се пренатрупани и оптоварени со непотребни барања – вели таа.
Здравковиќ наведува и дека во Србија, како и во повеќето други земји, оваа област моментално не е регулирана и дека државата би морала што поскоро да започне со иницијатива за дизајнирање соодветен механизам што ќе повлече промена на законот што ќе овозможи судиите да се борат против оваа појава и да се заштитат себеси. Исто така, како што вели, треба да се работи на едукација на судиите за да можат што побрзо и полесно да ја препознаат оваа појава.