Фото: ЕПА

На Бугарија ѝ треба многу нова опрема за модернизирање на своите вооружени сили: главно оклопни возила, радарски системи за воздухопловните сили и морнарицата, нови артилериски системи компатибилни со стандардите на НАТО, хаубици, системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала

Бугарија темелно ја обновува воената опрема

Бугарија со години ја одложуваше модернизацијата на своите вооружени сили, а бугарската армија сè уште се потпира на старото советско оружје, иако е членка на НАТО од 2004 година. Сепак, ескалацијата на војната во Украина во 2022 година, барем така образложуваат некои од воените аналитичари, послужи како поттик за серија големи набавки на оружје од Запад, кои би можеле да бидат завршени многу брзо, и тоа до крајот на оваа година. Конкретно, Софија бара да набави воени бродови и оружје за својата крајбрежна стража, поради воените закани во Црно Море. Бугарија има околу пет милијарди лева (2,7 милијарди американски долари) договори за оружје во различни фази од преговорите со западните производители на оружје.
Бугарија, како членка на НАТО, треба да потроши најмалку два отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) за одбрана, но малку членки на Алијансата го исполнуваат овој критериум. Во последните години беа потпишани само два големи договора за оружје. Едниот, во 2019 година, за набавка на осум авиони „Ф-16“, кои чинат повеќе од пер милијарди лева (2,7 милијарди американски долари).
Лани, бугарската влада го продолжи договорот и нарача уште осум „Ф-16“. Другиот договор беше за набавка на повеќенаменски модуларни патролни бродови (ММПВ), мали воени пловила што можат да им се спротивстават на воздушните, морските, копнените и подморските закани.
Бугарскиот претседател Румен Радев постојано се спротивставува на обезбедувањето на Украина со голема воена помош. Но тоа не ја спречи Бугарија да ги подобри своите воени потенцијали.
Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ), воените расходи на државите во Централна и во Западна Европа изнесуваа вкупно 345 милијарди долари во 2022 година. Во реални услови, воените издатоци на овие држави за првпат го надминаа воениот буџет во 1989 година, додека завршуваше Студената војна, и беа за 30 отсто поголеми од 2013 година.

– Војната во Украина имаше непосредно влијание врз одлуките за воените трошоци во Централна и во Западна Европа. Како резултат на тоа, разумно можеме да очекуваме воените трошоци да продолжат да растат во годините што следуваат – изјави Диего Лопес да Силва, висок истражувач во Програмата за воени трошоци и производство на оружје на СИПРИ.
На Бугарија, според воени експерти, ѝ треба многу нова опрема за модернизирање на своите вооружени сили: главно оклопни возила, радарски системи за воздухопловните сили и морнарицата, нови артилериски системи компатибилни со стандардите на НАТО, хаубици, системи за противвоздушна одбрана и беспилотни летала. Бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев има целосна поддршка за плановите за модернизирање на армијата од парламентарците од централнодесничарската партија ГЕРБ и од Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија (ПП-ДБ), кои формираа владејачка коалиција во јуни годинава, по неуспешните пет предвремени избори во последните две години.
– Ова вооружување мора да се направи брзо. Второ, мора да се направи системски – рече Христо Гаџев, член на партијата ГЕРБ и претседател на Комисијата за одбрана во парламентот.
Планот за повторно вооружување на војската на земјата се очекува да биде поднесен од Министерството за одбрана до Националното собрание на гласање до ноември, но неодамнешните извештаи сугерираат дека тоа може да биде одложено, поради противењето на опозицијата. Бугарската социјалистичка партија, ултрадесничарската партија Преродба и другите проруски парламентарци гласаа „против“ во 2022 година за купување на уште осум ловци „Ф-16“. Додека таа партија и другите веројатно ќе гласаат против каква било програма за модернизација на војската, ПП-ДБ и ГЕРБ имаат доволно гласови во Националното собрание за да ја протуркаат предвидената програма за вооружување. Во неа се предвидува и набавка на ракетни батерии за крајбрежна одбрана, во вредност од 50 милиони лева (околу 27 милиони американски долари) и ќе бидат вооружени со крстосувачки ракети „РБС-15 Мк3“, кои се произведени од шведската компанија „Сааб“.
На врвот на приоритетите за бугарската војска е набавката на возила за транспорт на пешадија (ИЦВ). Според обврските во НАТО, тие се потребни за опремување на две борбени групи на баталјони. Во 2021 година, Министерството за одбрана ги прекина разговорите со две компании од Чешка и од САД, а нивните понуди се повеќе од две милијарди лева (една милијарда долари), од износот што го одобрило Националното собрание. Неодамна, надежите се зголемија кога, на 1 септември, Стејт департментот на САД ја одобри продажбата за 1,5 милијарда американски долари на 183 ИЦВ, според барањето на Софија. Дел од договорот предвидува производството на некои компоненти да се врши во Бугарија, како и работите за одржување и поправка.
Бугарската војска, исто така, купува нови радарски системи за воздухопловните сили да ги заменат системите од советската ера, кои не се компатибилни со „Ф-16“ што се очекуваат во 2024 година. Набавката треба да опфати најмалку седум радарски системи, пет стационарни и два мобилни.
Кон крајот на годинава се очекува да започнат и разговори за набавка на нови системи за воздушна одбрана. Системите со помал дострел, кои би можеле да чинат и до 500 милиони лева, се очекува да бидат први на листата. На подолг рок, бугарското министерство за одбрана изрази интерес за набавка на ракетни одбранбени системи „патриот“ од американско производство.

Подготвил: Митко Јовановски