Македонскиот народ и држава имаат богата вековна традиција и голем број крупни настани, кои се трајно врежани во колективната национална меморија на македонскиот народ и со кои се потврдуваат и отсликуваат посебноста на македонскиот народ и неговиот вековен идентитет. За да се освежат сеќавањата на некои од нив, во рубриката Датуми за паметење, секој месец издвојуваме по неколку настани поврзани со македонската историја и истакнати македонски дејци
1 октомври 1943 година – Околу 4.000 балисти, заедно со германски офицери и војници, на планината Буковиќ, Кичевско, извршија напад врз слободната територија на Западна Македонија.
3 октомври 1943 година – Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија упати манифест до македонскиот народ, во кој се изнесени основните прашања во врска со ослободителната борба на македонскиот народ, карактеристиките на ослободителното движење, потребата за единство на македонскиот народ со сите националности во ослободителната борба.
4 октомври 1941 година – Во селото Чучер, Скопско, е формиран првиот Народноослободителен одбор во Македонија. За прв претседател беше избран Петар Крстев Урдаревски.
5 октомври 1995 година – Собранието на Република Македонија со 110 гласа „за“ и само еден воздржан од присутни 111 пратеници, едногласно го усвои Законот за знамето на Република Македонија.
6 октомври 1943 година – Балистите запалија повеќе куќи во селото Кленоец и во селото Попоец, Кичевско, а во наредните денови беа ограбени повеќе куќи и беа убиени луѓе во селата Душегубица, Иванчиште, Малкоец и други.
7 октомври 1943 година – Кај кумановското село Драгоманце, кумановскиот партизански одред води битка против четниците. Загинале девет четници, а пет преминале во партизани.
8 октомври 1944 година – На Скопска Црна Гора, Шеснаесеттата македонска НО-бригада по тридневни борби ги одби нападите на балистичките сили од правецот на селото Орман – селото Бразда, кои се обидуваа да ја заземат комуникацијата Скопје – Качаник и да го овозможат сообраќајот на германските сили.
9 октомври 1967 година – Во Собранието на СР Македонија, под претседателство на д-р Милан Бартош, е одржана седница на Матичната комисија за формирање на Македонската академија на науките и уметностите, на која е извршено конституирање на МАНУ.
10 октомври 1944 година – Во селото Жегљане, Кумановско, е формирана Кумановската дивизија, во чиј состав влегоа Шеснаесеттата, Седумнаесеттата и Осумнаесеттата македонска НО-бригада. Имаше околу 5.500 борци.
10 октомври 1946 година – Во Скопје, во црквата „Свети Спас“, со сите државни почести и пред повеќе илјади граѓани од цела Македонија, беа положени моштите на истакнатиот македонски револуционер и идеолог Гоце Делчев, кои два дена порано македонската делегација ги донесе од Софија.
10 октомври 1967 година – Во Скопје, на свечената седница на Собранието на СР Македонија, е извршено свечено отворање на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
11 октомври 1941 година – Во Прилеп, борците на Првиот прилепски партизански одред извршиле напад на бугарската полициска станица во градот, на прилепскиот затвор и на телефонско-телеграфската мрежа. Овој напад се смета за почеток на востанието на македонскиот народ против бугарскиот окупатор, а за конечно ослободување на земјата.
12 октомври 1941 година – Во Прилеп, бугарската полиција уапсила 900 граѓани како репресија поради нападот на Прилепскиот партизански одред на бугарската полициска станица, на затворот и на телеграфско-телефонската мрежа, претходниот ден. По малтретирањето биле издвоени членовите на КПЈ и на СКОЈ и биле префрлени во Битола, а потоа изведени пред суд.
13 октомври 1952 година – Во издание на Државното книгоиздателство излезе од печат „Граматика на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески.
14 октомври 1944 година – Германскиот окупатор изврши масовни убиства во девет села во Штипско и Кочанско. Најмногу настрадале штипските села Крупиште, каде што биле убиени 49 лица, и Горни Балван, со убиени 26 лица, како и кочанското село Уларци, со убиени 25 лица.
17 октомври 1878 година – Започнало Кресненското востание на македонскиот народ против османлиската власт, а за ослободување на Македонија и за создавање независна држава. Околу 400 востаници, предводени од Димитар Поп Георгиев-Беровски и војводата Стојан Карастоилов, го нападнале селото Кресна, каде што се наоѓала османлиска касарна. Притоа ја зазеле касарната и ослободиле неколку места каде што била создадена народна власт. Востанието било задушено дури во јуни идната година.
17 октомври 1912 година – Почнала Првата балканска војна. Војната завршила со примирје на 3 декември истата година. На конференцијата во Лондон, на 30 мај 1913 г., Турција морала да се откаже од териториите на европскиот континент, освен од Одрин, кој сојузниците не успеале да го заземат. Македонскиот народ активно учествувал во војната, очекувајќи дека ќе се избори за слобода и независност. Но, наместо тоа, сојузниците ја поделиле Македонија, што, пак, било причина за почетокот на Втората балканска војна.
18 октомври 1898 година – Родена е Вера Циривири-Трена – носителка на „Партизанска споменица 1941“ и прва претседателка на АФЖ на Македонија. За време на окупацијата, Вера Циривири била меѓу првите што се приклучила во НОБ. Таа важела за многу добра инструкторка со одлични организаторски способности, па поради тоа партијата постојано ѝ доверувала задачи да отвора месни комитети и да испраќа борци на фронтот. Во повеќе места Вера се претставувала како Трена, некаде како Светлана, некаде како Ленче. За да не се предаде жива во рацете на непријателот, Вера се самоубила. Вера Циривири-Трена до денес не е прогласена за народен херој.
20 октомври 1915 година – Роден е Мирче Ацев – народен херој на Македонија. Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Од Велес бил пренесен во злогласниот Скопски полициски затвор. По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година.
23 октомври 1893 година – Во Солун е основана Македонската револуционерна организација (МРО) за ослободување на македонскиот народ од империјализмот и превласта на околните сили и остварување на неговите основни права на самостојност и идентитет.
25 октомври 1689 година – Австрискиот генерал Енеја Силвио Пиколомини (како дел од контраофанзивата против Отоманското Царство, по кампањата на Турците во 1683 година) го запалил Скопје. Во тој период градот бил зафатен со епидемија на колера. Пиколомини наредил градот да се запали за да се запре епидемијата. Градот горел два дена. До темел изгореле голем број куќи и дуќани, но епидемијата не запрела. Дури и самиот генерал Пиколомини се заразил од колера и набргу починал.
27 октомври 1920 година – Роден е Стефан Наумов-Стив – народен херој на Македонија. На 12 септември 1942 година, кај селото Болно, Ресенско, во борба против бугарската војска и полиција се самоубил, заедно со својот соборец, народниот херој Мите Богоевски. За неговата глава се барале 200 илјади лева, жив или мртов. Потоа бугарската војска ги изложила нивните тела во селото Болно за да ги распознаат роднините на Мите, при што, двете тела биле фотографирани од страна на бугарската војска.
29 октомври 1944 година – Во селото Горно Врановци, Велешко, излезе првиот број на весникот „Нова Македонија“ на македонски јазик, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија. Вториот број излезе во ослободениот град Битола, а од третиот број излегува во Скопје. Излегувањето на овој весник е од исклучително значење за развојот на современото македонско новинарство.
30 октомври 1890 година – Охридското граѓанство испрати молба до Високата порта во Цариград, во која замолуваше да се дозволи основање македонски училишта во градот и околината и да се дозволи наставата во училиштата да се изведува на македонски јазик. Д.Ср.