Фото: Игор Бансколиев

Досегашното македонско евроинтегративно искуство е доволно предупредување дека патот и кон ЕУ и во перспектива нема да биде едноставен и без бирократски трикови и стапици. Но токму тоа искуство со барање да се испорачаат наши непотребни и непримерни национални себежртви треба да донесе мудрост да не се залетуваме во нови изнудени отстапки со сила и под притисок. Во реформите што ги предвидува ЕУ за себе треба да ја пронајдеме шансата, во идејата за повеќе начини и фази на интегрирање во текот на преговарачкиот процес. Токму враќањето на изворните принципи на здружувањето во заедница како да се изопачи низ годините. Заедништвото, одржливиот развој, меѓусебното почитување и уважување, меѓународното право, слободното движење на добра, капитал, услуги и работна сила итн. треба да се реафирмираат со ЕУ-реформите, и тоа во полн капацитет. Тука е шансата за Македонија!

Зошто претстојните реформи во ЕУ се компатибилни за остварување на македонските стратегиски интереси

Настојчивиот политички притисок за спроведување на уставните измени во Македонија и сѐ подинамичната европска дебата за реформи на Европската Унија, кои во македонската јавност допираат како далечно ехо од „длабочините“ на третите претполноќни телевизиски дневници, оставаат впечаток дека станува збор за процеси што немаат никакви допирни точки со нас, а не е така.

Вистинските реформите во ЕУ би биле „ветер во едра за Македонија“

Европската Унија веќе сериозно и самата тргнува на пат да се реформира, а тоа, според низа наши соговорници, е „ветер во едра за Македонија“. Не, тука не се работи за паушалните предлози од типот на „Европа во повеќе брзини“ или „европска прва, втора, па и трета лига“, туку се работи за суштински и сериозни реформи на враќање на изворните принципи на ЕУ и кон темелните критериуми за функционалност на Унијата, како и за приклучување на нови членки. Во овој контекст, како една од важните точки за реформирање на Унијата се најавуваат измените во начинот на одлучување, но и забрзување на процесот на преговарање, нешто што навестува дека уставните измени, со кои Македонија е практично уценета во процесот на евроинтеграциите, ќе се покажат бесмислени и непотребни.
Речиси секојдневно во изминативе две-три седмици од европските лидери и високи функционери на Европската Унија во јавноста се пласираат визии и намери за споменатите реформи, кои навидум се со различни ставови за одредени прашања, но од нив е јасно дека ЕУ сосема извесно ќе се реформира, а процесот на проширување ќе добие нови модалитети. Колку и да се слушаат различно пораките на Макрон, Мишел и на Фон дер Лејен, во секоја интерпретација може јасно да се препознае идејата за повеќе нивоа на интегрирање во Унијата на земјите-кандидати во текот на преговорите до полноправно членство, во зависност од реформските резултати во спроведувањето на критериумите од преговарачките поглавја. Во последното обраќање пред Европскиот парламент, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, застана зад позицијата дека ЕУ има капацитет да ги води паралелно двата процеса – и на себереформирање и на проширување. Во секој случај, овие реформски најави во Унијата укажуваат дека таа нема да биде истата од кога евентуално би се случил нов бран на проширување, нема да функционира на ист начин како сега. Тоа, пак, за земјите-кандидати, пред сѐ за Македонија треба да биде сериозен сигнал за адаптирање на својата стратегија за европско пристапување, без избрзување за исполнување услови (билатерални нонсенс вонкритериумски и барања без правна основа), кои и сега се спротивни на европските вредности и критериуми, а многу веројатно ќе се покажат непотребни и бесмислени во реформираната унија.
Според првичните согледувања на најавените реформи во Унијата, некои долгогодишни проследувачи и познавачи на политичките процеси во Македонија, насочени пред сѐ на исполнување на целта за евроинтеграции (која низ годиниве и деценииве се покажа контроверзна и непредвидлива), сметаат дека претстојните реформи на ЕУ се компатибилни со македонските национални интереси.

Најави за престанок на одлуки со консензус, нема вето, има фазно
приклучување кон ЕУ…

– Постои сериозен план, сериозна намера на водечките земји-членки на Европската Унија, прво – да ја реформираат самата Унија, што би значело, Европа со повеќе нивоа на интегрирање. А заврши со она што го слушавме како германска позиција, од поранешниот министер Михаел Рот (сегашен претседател на парламентарна комисија за надворешна политика во Бундестагот), каде што се предлагаат уште посериозни реформи и на самата Унија, но и на процесот на проширување. Иако таа дебата се случува веќе десетина години, но сега е со позабрзано темпо, пред сѐ поради Украина, која стана земја-кандидат и го комплицира целиот процес на проширување во самата Унија. Реформите што се предлагаат во Европската Унија, вака како што сега се кажуваат…, зборуваат за предлози што се блиски до стратегискиот интерес на Македонија. Најавата дека за пристапување во Унијата би требало да се одлучува со квалификувано мнозинство, а не со консензус и право на вето е апсолутно стратегиски интерес на Македонија. Најавите дека ќе има фазно приклучување кон ЕУ (значи земјите-членки додека не станат полноправни членки ќе добиваат пристап кон пазарот, пристап кон фондовите, пристап кон некои политички иницијативи) е нешто што апсолутно ѝ одговара на Македонија во овој момент. И така, во најдобар случај, преговорите траат со години. Така што, аналитичарите во Скопје, оние искрени еврофили, треба да ја следат суштината на промените, кои ќе следуваат неминовно (зашто ЕУ не може да функционира без тие промени), треба да ги анализираат тие промени и треба да ја променат и нашата европска политика, да ја иновираат во согласност со промените што се случуваат во ЕУ. Едноставно да ги следат реформите во ЕУ, бидејќи се компатибилни и се во наш стратегиски национален интерес – оценува во своите анализи искусниот новинар Бранко Героски.
Во контекст на актуелната силна кампања за брзо спроведување на уставните измени, без да се земат предвид претстојните реформи на ЕУ, Героски смета дека тоа води кон неодржливо решение.
– Она што го гледам сега, овој обид да ѝ се наметне на македонската јавност мислењето, дека за нас, на европскиот пат стои само една пречка, а тоа се уставните измени, без да се разговара за европските вредности, без да се реферира на оваа дебата за реформи на самата Унија што сега се води во Европа… ми кажува дека власта влегува во оваа приказна пропагандистички, површно и сервилно прифаќање на уцените од Софија, поради што не може да се конструира една одржлива политика. Може да се направи обид прекутрупа да се најде некое решение, меѓутоа ќе падне на наредната прва изјава од бугарска страна. Одлучувачите од власта треба малку да се извлечат од опсесијата со уставните измени и да го видат малку поширокиот контекст и така можеби ќе се сетат да предложат подобро решение за влегување на Бугарите во Уставот – вели Героски.

Додека ЕУ се реформира нема да има интегрирање, но тоа ни дава шанса за спроведување на наши длабоки внатрешни реформи

Досегашното македонско евроинтегративно искуство е доволно предупредување дека патот и кон реформираната ЕУ нема да биде едноставен и без бирократски трикови и стапици. Но токму тоа искуство со непотребни и непримерни национални жртви треба да донесе мудрост да не се залетуваме во нови изнудени отстапки со сила и под притисок. Во реформите што ги предвидува ЕУ за себе треба да ја пронајдеме шансата, во идејата за повеќе начини и фази на интегрирање во текот на преговарачкиот процес. Тоа, секако, значи дека треба да се посветиме на внатрешните реформи (функционални институции, ефикасна правна држава, реформирано судство, искоренета корупција, реформи во стопанството и удвоен БДП, ефикасен здравствен и образовен систем..), односно спроведување на критериумите во преговарачката рамка, оние принципиелните што важат за сите кандидати, наспроти оние непринципиелно-уценувачките, кои се спротивни на базичните вредности на самата Унија. Тоа се сите клучеви на еден ист приврзок за отворање на вратите во која било форма на реформирана ЕУ.