КОШАРКА
Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги потврди 19-те репрезентации што го искористија настапот на неодамнешното Светско првенство за да се пласираат на квалификациските турнири за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз в година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Од Европа тоа се Летонија, Литванија, Словенија, Италија, Шпанија, Црна Гора, Грција, Грузија и Финска, од регионот на Америка ќе играат Порторико, Бразил, Доминиканската Република и Мексико, од Африка тоа се Египет, Ангола и Брегот на Слоновата Коска, а од Азија и од Океанија селекциите што ќе играат за настап на ЛОИ 2024 се Либан, Филипини и Нов Зеланд. Тие ќе им се придружат на петте победници на претквалификациските турнири, Камерун, Бахамите, Бахреин, Полска и Хрватска.
Турнирите во моментов се закажани за во јули 2024 година, а допрва треба да бидат одредени домаќините. Овие 24 репрезентации ќе бидат поделени во четири групи со по шест селекции, а победниците на тие турнири ќе играат на ЛОИ во Париз, каде што ќе им се придружат на домаќинот Франција, светскиот шампион Германија, Србија, Канада, САД, Австралија, Јапонија и на Јужен Судан. Н.М.