Септемвриски сигнали и пораки до политичарите
За разлика од политичарите, кои сѐ почесто и погласно нудат некаква „розова иднина“, постојано говорејќи за ЕУ и уставни измени, македонската реалност, за жал, е сосема поинаква, повеќеслојна и, за жал, „потемна“, при што приоритетите и потребите на граѓаните се сосема поинакви, што јасно можеше да се воочи и изминатите денови. Во нашата поширока анкета со граѓаните добивме децидни одговори дека „за македонските граѓани уставните измени воопшто не се на листата на приоритетни прашања“. Имено, граѓаните ги мачат сосема други проблеми за кои бараат решение, а политичарите од власта и од опозицијата мора да го имаат тоа предвид.
Всушност, кои се септемвриските сигнали и пораки што граѓаните ги манифестираа и ги упатија деновиве до политичарите и народните избраници?
Септември понекогаш се доживува и како втор почеток на годината, кога по сезоната на годишни одмори сите се враќаат на секојдневните обврски, проблеми и предизвици.
И ако денот по утрото се познава, токму почетокот на септември навестува дека Македонија и македонските граѓани се исправени пред тешки искушенија и наталожени проблеми, кои бараат преземање итни и енергични мерки од надлежните институции и органи. За разлика од политичарите, кои сѐ почесто и погласно нудат некаква розова иднина, постојано говорејќи за ЕУ и уставни измени, македонската реалност, за жал, е сосема поинаква и потемна, при што приоритетите и потребите на граѓаните се сосема поинакви, што јасно можеше да се воочи и изминатите денови.
Уставните измени воопшто не се на граѓанската листа на приоритетни прашања
За македонските граѓани уставните измени воопшто не се ни под точка разно во нивната листа на приоритетни прашања. Граѓаните ги мачат сосема други проблеми за кои бараат решение и политичарите од власта и од опозицијата мора да го имаат тоа предвид. По паузата поради одморите, вчера на 5 септември се вратија на работа и народните избраници, при што беше закажана првата седница на Комисијата за надворешна политика и на Законодавно-правната комисија. Токму политичарите и пратениците во следниот период треба да покажат и најголем слух и сенс за потребите, очекувањата и барањата на граѓаните, доколку се навистина народни избраници во вистинска смисла на зборот. Во таа насока, направивме сондажа за тоа „кои се септемвриските сигнали и пораки што граѓаните ги манифестираа и ги упатија деновиве до политичарите и пратениците?“
Ако до пред извесно време правосудството беше некаков индикатор дека сме го допреле дното, сега конкуренцијата за дното е многу поголема и сега таму се и здравството, образованието, социјалата итн. Последните случувања поврзани со Клиниката за онкологија и сомнежите дека се тргувало со цитостатици и се правел профит на сметка на најтешко болните ја шокираа и фрапираа целокупната домашна и меѓународна јавност. Дали по еден ваков скандал некој утре може да излезе пред граѓаните и да каже „ние сме Европа“ и да зборува за уставни измени? Тоа би било срам и удар и за самата Европа и нејзините цивилизациски вредности. А срамот во врска со последните случувања е токму голем што веќе не се стеснуваат за тоа јавно да проговорат и лекарите.
Еден од нив е и Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар, лекар по професија и поранешен министер за здравство.
– Не сакам да верувам дека е вистина, инаку белиот мантил станува црн, Хипократовата заклетва се претвора во активност на Менгеле, а веќе нема ни М од медицината.
Како доктор со дведецениско искуство, чувствувам срам, срам и гадење поради овие постапки, кои изгледаат како настани од минатото и ги претворија зградите на надежта во логори на смртта – напиша Таравари.
Транспарентот „Разбуди се мој народе“ не се однесува само за онкологија
Поради случувањата со Клиниката за онкологија деновиве се одржа и протест пред македонската влада. Од мноштвото транспаренти меѓу кои, „Колку вреди човечкиот живот“, „Онкологија=профит“, еден сепак се издвои по длабочината и универзалноста на упатената порака.
Транспарентот „Разбуди се мој народе“ не се однесува само за онкологија, туку може да биде своевидна генерална порака или мото за сите случувањата во државата. Зашто тој се однесува и на случувањата во политиката, сите досегашни притисоци и уцени, но и за сите други сфери и афери во државата. Но пред да се разбуди народот треба да се разбудат и политичарите и народните избраници и да ги слушнат сите овие пораки упатени кон нив. По сѐ што се случува во државата, по сите наталожени проблеми во сите сфери, навистина беспредметно и крајно иритантно е сега да се говори за уставни измени, велат аналитичарите.
Овој септември и почетокот на новата учебна година ги освежи сеќавањата на сите досегашни неуспешни проекти и експерименти и во сферата на образованието. Но не само што ги освежи туку ги зголеми и мултиплицира проблемите. За тоа колкави се проблемите и незадоволството, веројатно, најдобар показател е фактот што за првпат се најавува и тужба на државна институција кон МОН, поради недостиг од учебници.
Според Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), од 126 учебници потребни за сите задолжителни и изборни предмети во деветгодишното основно образование, на почетокот на учебната 2023/2024 година Министерството за образование и наука не обезбедило 43, односно недостигаат 34 отсто учебници.
– Во овој случај станува збор за дискриминација на многу голема популација. Голем број ученици, кои учат на различни јазици во основното образование, остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаења и образување. Таквата форма на дискриминација, според законот, е структурна, системска, што ја прават институциите – вели Весна Бендевска од КСЗД.
Според Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор во пензија, токму во овој случај со недостигот од учебници, се направени сериозни и груби прекршувања на Уставот и законите.
– Се прекршува Законот за основно образование во однос на Конвенцијата за правата на детето – основното човечко – детско право на образование, кој е најдобар интерес на детето. Понатаму спротивно на Уставот се врши дискриминација врз учениците, кои се ставени во нерамноправна положба со сите деца, а тоа е со немање елементарни потреби од учебници и други помагала, еднаков третман како сите деца, без разлика на национална, верска припадност. Се прекршува Законот за учебници, а се прекршува и не се применува и практикува и меѓународниот документ – Конвенцијата за правата на детето. Ваквото дејствување и потценување на граѓаните на Македонија не е европска практика, туку племенско, нецивилизирано и нехумано однесување – вели Илиевски.
На удар и пензионерите и социјалата
И додека помладите чекаат учебници со почетокот на септември, највозрасните токму деновиве очекуваат да се најде решение во однос на нивните барања за зголемување на пензиите во согласност со зголемените трошоци за живот и растот на инфлацијата. Работната група, која ја оформи Владата и која треба да ги разгледа барањата на пензионерите, в среда (6 септември) ќе ја има првата средба на која се очекува главна точка да биде Законот за минимална пензија.
– Ќе разговараме за она што е потребно за да се подобри животниот стандард на пензионерите, какви мерки се потребни, ќе зборуваме и за усогласувањето, а секако главна тема ќе ни биде Законот за минимална пензија со што сакаме, по примерот на минимална плата во државата, да имаме утврдено со закон и минимална пензија – вели министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Изминатиот период пензионерите излегоа на масовни протести иритирани од зголемување на платите на функционерите за 78 отсто, додека за нив се предлага 6 отсто процентуално усогласување на септемвриските пензии.
Според Драги Аргировски, експерт за трета доба, публицист и автор на повеќе книги за пензионерската проблематика од 2018 година до март 2023, просечната плата се покачила за 12.000 денари, минималната за 11.000 денари, а просечна пензија за само 4.900 денари.
– Ретки се земјите каде што соодносот меѓу најниската и највисоката пензија е толку голем како кај нас. Минималната пензија од околу 18.000 денари треба да се планира од идната година со подобра правилна распределба на буџетската проекција за 2024 година.
Во целина, потребни се сериозни реформи на нашиот пензиски систем заедно со нивелација на пензиите што ќе овозможи не само намалување на сиромаштијата туку и достоинствен живот на сите пензионери – смета Аргировски.
По сето ова станува повеќе од јасно дека пред домашните политичари и пред институциите претстојат многу сериозни прашања за решавање. Сето тоа се елементарни суштински прашања што живот значат за македонските граѓани, а не имагинарни политички хипотези и претпоставки со кои најчесто се поврзуваат проширувањето на ЕУ и бараните уставни измени.
Зашто на граѓаните најмногу и првенствено им требаат леб, лекови и учебници за да преживеат и да се просветлат до денот кога евентуално ќе стигнеме до ЕУ.