Бројките на новодојдени мигранти ги уриваат рекордите, а полицијата има полни раце работа - Фото: ЕПА

Италија

Подготвил: Mарјан Велевски

Џорџа Мелони во понеделникот објави дека ја свикала министерската комисија за национална безбедност, со цел нејзината влада поуспешно да се справи со проблемот со зголемениот број мигранти. И италијанскиот Црвен крст побара во понеделникот посилна меѓународна реакција на „хаосот“ предизвикан од доаѓањето на мигрантите. Некои од италијанските медиуми коментираат дека „фактот што премиерката Мелони го направи тоа токму сега укажува дека нејзината влада, по ова клучно прашање за безбедноста на земјата, веројатно досега не била многу заинтересирана“.

Меѓуресорскиот совет за безбедност на Италија (ЦИСР) ќе остане трајно во функција за решавање на проблемот со зголемениот број мигранти

По седницата на кабинетот, Мелони најави дека го активирала Меѓуресорскиот совет за безбедност на републиката (ЦИСР), кој ќе остане трајно во функција за да се реши проблемот со зголемениот број мигранти.
– Нашата цел е да го решиме проблемот на прагматичен начин, со брзи и координирани одлуки – рече Мелони.

Според официјалните податоци на италијанското министерство за внатрешни работи, во изминатата година по морски пат во Италија пристигнале околу 113.500 имигранти, додека една година порано, нивниот број беше околу 55.800. Според статистичките податоци, за викендот ги имало најмногу досега, 2.300 во петокот, повеќе од три илјади во саботата и речиси илјада во неделата. Значи нешто помалку од 10.000 мигранти за три дена, цел град. Ниту една земја не може да издржи ваква динамика на прилив на илегални мигранти без тој радикално да влијае на внатрешните промени и процеси во самото општество. Но она што дополнително ја комплицира вкупната слика е фактот дека земјата се соочува со намалување на населението и недостиг од работна сила, па таа ја зголеми влезната квота за работници мигранти што не се членки на ЕУ на 452.000 за периодот 2023-2025 година, од околу 83.000 во 2022 година.

Дали со вклучување нови државни органи ќе се реши проблемот со напливот на мигранти?

За издвојување е дека италијанската влада ги ограничи активностите на хуманитарните спасувачки бродови. Имено, таа заплени три од нивните бродови само минатата недела. Колку овие мерки ќе го спречат натамошниот наплив на мигранти останува да се види.

Понатаму, знаејќи како со години се одвиваат процесите на масовно испраќање мигранти кон европскиот континент – или по добро воспоставени копнени патишта (балканска маршрута) или по море, преку Средоземно Море, јавноста не е преголем оптимист во врска со некои нови модели за решавање на кризата од страна на италијанската влада со вклучување одредени нови државни органи. Големите проблеми не се решаваат спонтано. За такво нешто е неопходна интегрална стратегија. Која, за жал, не постои – не само во Италија!