Фото: ЕПА

 

Се чини дека човештвото продолжува да поминува низ огромен период на иновации и технолошки напредок, но, во исто време, парадоксално е тоа што продуктивноста драстично забавува, пишува Џонти Блум за „Би-би-си“

Согледувања во екот на технолошката револуција

Деловниот сектор и светот на работата продолжуваат да се трансформираат и да се подобруваат со компјутерите, интернет, зголемената брзина на комуникација, обработката на податоците, роботиката, а сега и вештачката интелигенција. Има само еден мал проблем со сето ова, а тоа е што ништо од тоа не се појавува во економските податоци. Ако сета оваа технологија навистина прави сите да работат побрзо и подобро, тогаш има малку докази.
Помеѓу 1974 и 2008 година продуктивноста на Велика Британија, поточно износот на продукција што се добива по работник, порасна со годишна стапка од 2,3 отсто. Но помеѓу 2008 и 2020 година стапката на раст на продуктивноста падна на околу 0,5 отсто годишно. И во првите три месеци од оваа година, продуктивноста во Велика Британија всушност беше намалена за 0,6 отсто во однос на претходната година. Слична е сликата во повеќето други западни нации. Во САД, растот на продуктивноста помеѓу 1995 и 2005 година беше 3,1 отсто, но потоа падна на 1,4 отсто од 2005 до 2019 година.
Се чини дека човештвото продолжува да поминува низ огромен период на иновации и технолошки напредок, но, во исто време, продуктивноста е драстично забавена. Тогаш, како може да се објасни овој очигледен парадокс?
Можеби сите само ја користат технологијата за да избегнат завршување на работните задачи. Типичен пример се бескрајното комуницирање со пријателите по пораки на Ватсап, гледање видеа на Јутјуб, луто расправање на Твитер или едноставно бесмислено сурфање на интернет. Или, се разбира, може да има поголеми основни фактори.

Како се мери продуктивноста?

Продуктивноста е нешто на што економистите гледаат многу внимателно. Иако тоа е комплицирано прашање, со негативно влијание на финансиската криза од 2008 година и тековната висока инфлација се вели дека има две главни објаснувања зошто технологијата не ја зголемува продуктивноста. Првата е дека едноставно не се мери правилно влијанието на технологијата. Втората е дека економските револуции имаат тенденција мошне бавно да се одвиваат. И затоа, технолошките промени се случуваат, но можеби ќе поминат децении пред да се забележат целосните придобивки.
Дајан Којл е истакната професорка по јавна политика на Универзитетот во Кембриџ и признаена експертка за мерење на продуктивноста. Таа вели дека денес речиси сè е дигитализирано, но тешко е да се види што се случува бидејќи ништо од ова не е видливо во статистиката, бидејќи податоците не се собираат на начини што би помогнале да се разбере што се случува. Којл објаснува дека начинот на кој ја гледаме економијата е низ објективот на тоа како беше во минатото, а не како што е денес.

Бавниот процес на револуцијата

Друг аргумент е дека сегашната технолошка револуција се случува, но само побавно од очекуваното. Ник Крафтс е почесен професор по економска историја на Факултетот за бизнис на Универзитетот во Сасекс. Тој истакнува дека огромните промени во економските перформанси за кои се мисли дека се случиле речиси прекуноќ, всушност траеле со децении, а истото тоа најверојатно се случува и сега. Истото тоа може да се забележи во користењето електрична енергија. Од првата јавна употреба на Едисон на светилката во 1879 година, до електрификацијата на цели земји и замената на моќта на парната машина во производството, беше потребно да поминат најмалку 40 години.
Всушност, човештвото можеби се наоѓа во слична фаза во моментот. Но државата и деловниот сектор, кои можат најдобро и најбрзо да ја користат новата технологија, ќе победат во трката за продуктивност. Како што беше случајот со парната машина и електричната енергија, продуктивноста се чини дека не се сведува на самата технологија, туку на тоа колку добро и вешто може да се користи, но и да се приспособи.

Со вешто искористување на ресурсите до поголема продуктивност

Професорката Којл гледа дека ова веќе се случува. Според неа, сега има многу докази дека каква и да е компанијата, постојат сè поголеми разлики помеѓу оние што можат добро да ја користат технологијата и оние што не можат. Таа додава дека кога фирмата има висококвалификувани вработени располага со многу податоци за работењето и се знае како да се користи софистицираниот софтвер. Така, на овој начин можат да се променат работните процеси, со помош на анализата на достапните информации за начинот на работа што ќе резултира со максимално подобрување на продуктивноста на вработените. Но во истиот сектор на економијата има и други компании, кои едноставно не можат да го држат тој чекор.
Технологијата навидум не е проблемот, а во некои аспекти не е ниту решението. Високиот раст на продуктивноста ќе дојде само кај оние што ќе научат како најдобро да го користат.