Денови за уживање и за одмор секогаш ќе се најдат и ќе има и во иднина, но денови за широка, сеопфатна и стручна дебата и анализа за едно толку значајно прашање, како што е промена на Уставот, има сѐ помалку. Оттаму несомнено и законодавната и извршната власт требало на сосема поинаков начин да проценат и да одредат кои се државните приоритети. Сончањето на некоја плажа (веројатно странска) сигурно не е поважно од судбината на државата

ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈАВЕНИТЕ РАСПРАВИ ЗА УСТАВНИ ИЗМЕНИ ИЗБОРОТ Е – ДА СЕ ОДИ НА ОДМОР НАМЕСТО НА РАБОТА!?

На точно 10 дена пред собраниската седница за уставни измени, која е закажана за 18 август, законодавната, извршната и судската власт (како три носечки столба во државата) се на годишен одмор. Практично, веднаш по одбележувањето на Илинден на 2 август, на колективен одмор заминаа пратениците од македонското собрание, премиерот и дел од министрите во Владата, како и судската власт, која редовно користи одмор во првата половина од август. Патем и претседателот на државата најави дека ќе користи одмор токму во овој период.
Спикерот на парламентот, Талат Џафери, веќе потврди дека пратениците ќе користат одмор, што може да се забележи и од официјалниот сајт на Собранието каде што сѐ до 18 август нема закажано други планирани активности. На 18 август, пак, е 123-та седница на Собранието, на која на дневен ред се уставните измени. Тоа практично значи дека македонските пратеници (од власта и од опозицијата) директно од плажа, што би рекле, ќе дојдат на седницата на која треба да се гласа за уставните измени, откако ова прашање претходно експресно и без јавна расправа помина на Комисијата за уставни прашања.
Според аналитичарите, ова е класичен политички дилетантизам, крајно неодговорен и потценувачки однос кон едно толку значајно прашање за државата и граѓаните, како што е прашањето за евентуална промена на Уставот.
– Денови за уживање и за одмор секогаш ќе се најдат и ќе има и во иднина, но денови за широка, сеопфатна и стручна дебата и анализа за едно толку значајно прашање, како што промена на Уставот, има сѐ помалку. Овде станува збор за иднината на државата. Оттаму несомнено и законодавната и извршната власт требало на сосема поинаков начин да проценат и да одредат кои се државните приоритети. Сончањето на некоја плажа (веројатно странска) сигурно не е поважно од судбината на државата. Впрочем, токму најавените уставни измени може целосно да го видоизменат карактерот на државата доколку поминат без пошироката стручна и јавна дебата, која досега ја нема – велат аналитичарите.
И претставниците на невладиниот сектор, секој од свој агол, укажуваат на нелогичноста на избраниот момент за летните одмори.

– Македонската иднина во ЕУ е на летен распуст – смета Џабир Дерала од „Цивил“.
Претседателката на работната група за уставните измени, Маргарита Цаца Николовска, осврнувајќи се на условните оставки на министрите на ДУИ, исто така од свој агол, смета дека времето сепак нѐ гази.
– Допуштам дека некоја поширока дебата треба да има, но во дадената ситуација услов бил поставен. Времето нѐ гази, еве го 18 август за кога е закажана собраниската седница – вели Николовска.
Во меѓувреме, во отсуство на поширока јавна и стручна дебата во однос на уставните измени, сѐ се сведува на секојдневни речиси исти соопштенија и реакции од политичките партии. Во суштина и власта и опозицијата ги повторуваат своите добро познати позиции без обид да се отвори заедничка и суштинска дебата во интерес на граѓаните и државата.
За граѓаните, експертите и стручната јавност е несфатливо зошто и понатаму нема широка и сеопфатна материјална расправа во врска со предложените уставни измени.
– Доколку пратениците, како народни избраници, кои се избрани да ја претставуваат волјата на своите избирачи, навистина се загрижени за својот народ, иднината на државата и македонските национални интереси, најмалку што требаше е да почнат широка дебата, секој да ги изнесе своите аргументи и да ја убеди јавноста (или колегите пратеници што мислат различно) во оправданоста или неоправданоста на истите тие. Тоа е нивната задача. Тоа е фундаментот, есенцијата на секоја функционална парламентарна демократија – велат аналитичарите. Притоа тие предлагаат низ јавната расправа до најмал детаљ да се претресе прашањето поврзано со уставните измени, и тоа пред очите на севкупната јавност и во неколку фази. Да се направат консултации и анкети со граѓаните, како своевиден индикатор за пулсот на избирачите, да се направат консултации со поширок круг домашни и странски експерти, да се направи компаративна анализа со уставите во другите европски држава, сѐ со цел да се донесе најдоброто можно решение за Македонија и македонскиот народ. Вака сѐ се сведува на онаа народната, село гори – баба се чешла.