Царчев во текот на 32-годишната кариера го чуваше голот на нашите најпознати клубови. Дебито на меѓународниот турнир во Струга го исфрли во кругот на најбараните голмани. По препорака на Ванчо Јовановски стигна и до првата шпанска лига
ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (259)
За нашата ракометна голманска легенда Александар Царчев треба многу простор и време за да се опишат сите детали од неговата кариера, која ја заокружи кога наполни 44 години. Тој можеше и понатаму да брани, меѓутоа, сметаше дека е време да се повлече и да им го отстапи местото на помладите голмани. Инаку, Царчев почна да тренира уште од годините кога беше осмоодделенец во училиштето „Лазо Трповски“ во Скопје.
– Голема заслуга за моето вклучување во ракометот, кој во Македонија тогаш, па и сега, е многу популарен, има професорот по физичко воспитување Ѓорѓи Контраденко. Тој негуваше посебен афинитет кон овој спорт, па некако логично беше од ова училиште да излегуваат добри ракометари. Инаку, начинот на кој дојдов во спортот, кој подоцна ја исполни мојата младост, а и денеска ме исполнува, беше многу интересен. Професорот Контраденко за да направи барем каква-таква селекција нацрта на ѕидот еден круг со дијаметар приближно од еден метар. Потоа нѐ построи и бараше секој од нас да изведе по 10 удари од приближно седум-осум метри во нацртаниот круг. Јас бев толку прецизен, што немав ниту едно промашување. Тоа веќе беше виза да влезам во ракометната селекција на училиштето, која, пак, се натпреваруваше на меѓучилишните спортски игри, подоцна МОИ (Мали олимписки игри). Така, полека зачекорив во ракометниот спорт, во кој прво играв на крилната позиција, а потоа, и тоа случајно, бидејќи на еден натпревар не дојде стандардниот голман, професорот Контраденко барајќи решение ме стави мене на голот. Прво не бев задоволен од овој потег, но подоцна се покажа оти оваа трансформација беше добра и всушност таа го определи мојот натамошен ракометен пат – вели Царчев.
БРЗ ПРОБИВ ВО СЕНИОРСКИОТ ТИМ
Со оглед на тоа што училиштето „Лазо Трповски“ имаше една квалитетна ракометна екипа, ракометниот клуб Вардар како тука да ја виде својата перспектива и речиси целиот училиштен тим помина во познатиот клуб. Така, меѓу оние што станаа вардарци беше и Царчев.
Во тоа време Вардар беше многу организиран и во него со младите категории ракометари работеа познатите имиња Маневски, Лефтер Боскос и Славе Атанасовски-Чаве. Сите тие го пренесуваа своето знаење и искуство, што придонесе Вардар во својата конкуренција постојано да биде во македонскиот врв.
– Развојот на целата моја генерација беше многу брз. Не помина долго време, а веќе неколкумина бевме преквалификувани во првиот тим. Инаку, уште пред нашето вклучување во тренинзите со сениорскиот тим, по неколку посни години и натпреварување во Втората југословенска лига, клубот за натпреварувачката сезона 1977/78 се пласира во Првата лига. Во тој период, како впрочем и сега, во Струга се одржуваше меѓународниот турнир на кој во 1978 година, јас со само 17 години бев прогласен за најдобар голман. Тоа за мене многу значеше и ме мотивираше. Задоволството беше уште поголемо кога и на следниот меѓународен турнир во Романија повторно го добив епитетот најдобар голман. Тогаш си помислив, Царе, веќе нема бегање од ракометот и од голот. И навистина беше така, бранев до својата 44-та година – вели Царчев.
За квалитетното издигнување на Царчев, кој прво беше втор, а од 1981 година и прв голман на сениорскиот тим, многу придонесоа и тренерите со кои работеше во Вардар, репрезентативниот голман Ванчо Јовановски и Стево Коруновски. Во тој период, пак, на чело на клубот беше неуморниот Димитар Смугревски, кој остана запаметен како еден од највредните ракометни работници.
ИНТЕРЕСНИ ВТОРОЛИГАШКИ ДУЕЛИ
Погоре споменав оти Вардар една сезона беше прволигаш, но, за жал, немаше сили подолго да се натпреварува во оваа конкуренција. Затоа, пак, клубот се стандардизира меѓу второлигашите и речиси сите негови мечеви всушност беа дерби на колото. Единствен претставник од нашата република во годините пред распадот на поранешната држава беше Пелистер.
– Многу се разочарав кога во една сезона, кога бевме на вратата на Првата лига, сепак, не успеавме да се пласираме меѓу најдобрите југословенски екипи. Во последното коло во кое ни беше потребна победа загубивме од Дубочица од Лесковац и така не се оствари нашиот прволигашки сон – вели тој.
Сакајќи да напредува и да брани против најсилните екипи, пред распадот на поранешната држава, Александар Царчев ја прифати понудата од битолчани и се пресели во градот под Тумбе Кафе.
– Овде дојдов со големи амбиции, но токму во тоа време, таму некаде 1988-89 година, најдобриот играч Пепи Манасков замина на отслужување на воениот рок. Неговото отсуство тешко можеше да се дополни и требаше да мине време битолчани повторно да блеснат и да стигнат да го играат она историско полуфинале во европскиот куп, кога во последните 10 секунди примија гол во мечот со германскиот Лемго. Меѓутоа, јас не ги дочекав тие моменти зашто во Битола останав само една година и потоа поминав во редовите на црногорскиот прволигаш Будуќност. Тоа беше времето кога се насетуваше распадот на поранешната држава и секој од нас беше оптоварен со мислата по кој пат да тргне. За мене, сепак, најдобра опција беше да се вратам во матичниот клуб, кој веќе беше стабилизиран. На чело на Вардар беше денешниот претседател Михајло Михајловски, а тренерската функција ја извршуваше легендарниот Ванчо Јовановски. Се сеќавам оти пред распадот кога игравме во Првата лига, во која не беа хрватските и словенечките клубови, на свој терен во салата Расадник имавме само еден пораз од Нафтагас. Тогаш се создаде една вистинска ракометна еуфорија. Вардар беше конкурентен во лигата, а не изостануваше и поддршката од навивачите – се сеќава Царчев.
ПРАВЕЦ ШПАНИЈА
Александар Царчев не можеше да мирува. Тој секогаш тежнееше кон нешто ново. Така, како гром од ведро небо беше примена веста оти тој заминува за Квенка (Куенка) во Шпанија.
– Се случи некако неочекувано во 1995 година да станам член на еден шпански прволигаш. Но мора да кажам оти целата работа ја заврши Ванчо Јовановски, кој уште од оние репрезентативни денови во бившата држава беше голем пријател со тогашниот тренер на Квенка, Србинот Братислав Обучина. Еден ден Ванчо дојде и ме праша дали сакам да одам да бранам во Шпанија. Мене ми стана чудно, како одеднаш да одам таму, во земјата во која во секој клуб за секоја позиција има голема конкуренција. Јас, нормално, се согласив, врската набрзо беше воспоставена и јас заминав за Шпанија. Таму бев пречекан со голем респект, очигледно зборот на Ванчо „врвеше“. Сето ова го дополнуваше и фактот што доаѓам од поранешните простори на Југославија, која, меѓу другото, беше олимписки шампион, а имаше сребрени и бронзени медали речиси од сите најголеми светски ракометни приредби – вели тој.
Во почетокот од шампионатот на Квенка не ѝ тргнало најдобро. Тоа било причина тренерот Обучина да биде сменет. Веројатно сите помислиле оти со неговото заминување ќе замине и Царчев, кој по негова иницијатива беше доведен во клубот.
– Тоа не се случи и натаму бранев за Квенка, со која се спасивме од испаѓање од лигата. Во финишот го совладавме Грањолерс и стигнавме до „мајсторка“ за опстанок во која бевме подобри од Атлетик Билбао и обезбедивме место во елитното друштво. Јас, пак, во меѓувреме склучив договор со Естудијантес и наредната сезона настапував за популарниот тим од Аликанте – рече тој.
За другите детали од играчката и од тренерската кариета на Александар Царчев ќе читате идната недела.
Александар Царчев
Роден: во 1961 година во Скопје
Кариера: РК Вардар, Пелистер, Будуќност (Подгорица), Металург, Тутунски комбинат, РК Македонија, Тиквеш, сениорската репрезентација на Македонија од 1991 до 1995 година, Квенка и Естудијантес (Шпанија)
Тренерска кариера: Тренер на голмани во машкиот и во женскиот тим на Вардар од 2013 до 2021 година (освоени две титули европски првак со машкиот тим), тренер на голмани на репрезентацијата на Саудиска Арабија, бронзен медал на Азиските игри во Дамам во 2022 година, тренер на голманите на машката и на женската репрезентација на Македонија од 2015 до 2021 година (учесник на по две европски и светски првенства како тренер на голманите), прв тренер на ЖРК Вардар