Репрезентативките на Англија, Шпанија и на Португалија одиграа најмногу натпреварувачки минути во изминатата година, само Европа имаше самостоен квалификациски турнир за СП 2023, Бразил одиграл 18 пријателски натпревари по ред, а Колумбија и Аргентина имаа по 16, според истражувањето на ФИФПРО. „Само чувствуваме дека им се ускратува можноста на играчите да имаат конкурентни и последователно значајни натпревари“, рече Сара Грегориус, стратегиска директорка на ФИФПРО за фудбал за жени
Неколку дена пред почетокот на Светското првенство (СП) за фудбалерки во Австралија и во Нов Зеланд, Светскиот синдикат на фудбалери (ФИФПРО) објави анализа на обемот на работа на своите членови на патот на 32-те репрезентации до годинашниот Мундијал, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Клучниот заклучок е дека европските селекции и играчите со клубови во Европа ќе бидат најдобро подготвени. Репрезентативките на Англија, Шпанија и на Португалија одиграа најмногу натпреварувачки минути во изминатата година, според истражувањето на ФИФПРО.
Само Европа имаше посветен, самостоен квалификациски турнир за СП 2023, додека мечевите во другите конфедерации се сметаа и за континентално првенство или за квалификации за Летните олимписки игри (ЛОИ). Истражувањето на ФИФПРО покажа дека Бразил одиграл 18 пријателски натпревари по ред, а Колумбија и Аргентина имаа по 16.
– Само чувствуваме дека им се ускратува можноста на играчите да имаат конкурентни и последователно значајни натпревари – рече Сара Грегориус, стратегиска директорка на ФИФПРО за фудбал за жени.
Дури и двократниот бранител на титулата, селекцијата на САД, во голема мера се потпира на пријателски натпревари отколку на натпреварувачки средби, пишува АП. Женската Лига на шампиони, исто така, е пред другите конфедерации во давањето меѓународно натпреварување на клубовите. Светската фудбалска федерација (ФИФА) од најмалку од 2019 година има за цел организирање Светско клупско првенство за жени, но уште не се појави јасен проект, пишува АП.
– Некои фудбалерки имаат пристап само до околу 20 натпревари годишно, што едноставно не е доволно. Професионализацијата и проширувањето на лигите не се случуваат толку брзо како што би сакале да видиме – рече Грегориус.
Грегориус забележа „голем диспаритет во домашните клупски структури“, па олимпискиот шампион во Токио, Канада, уште нема женска лига, а некои национални лиги имаат само по 12 кола, пишува АП.
– Со користење на пресвртницата, Светското првенство за жени, и контекстот за фудбалерките учеснички, можеме да видиме каде засегнатите страни во фудбалот можат да се здружат за да го подобрат меѓународниот календар на натпревари и да донесат одлуки засновани на податоци за тоа како да додаваат и иновираат со натпреварите за подобро промовирање на перформансите и благосостојба за повеќе играчи – вели Грегориус, пренесе ФИФПРО.
Фудбалот за жени расте брзо, а светското првенство двојно се зголеми за само 12 години, па од 16 репрезентации на СП 2011, сега ќе играат 32.
– Светското првенство за фудбалерки е фантастична прослава на фудбалот за жени, но, исто така, време е да се анализира понекогаш нееднаквиот развој на спортот – рече генералниот секретар на ФИФПРО, Јонас Баер-Хофман. Н.М.