Јуни 2023 година. Израел го повика германскиот амбасадор за да го прекори за мешање во внатрешната политика на државата, откако непрофитна група го обвини дека германскиот дипломат го „посрамотил најсветиот ден“ во календарот на еврејската држава – Меморијалниот ден на холокаустот со неговата наводна поддршка на палестински терористи учествувајќи на церемонијата „Алтернативен ден на сеќавање“ во Тел Авив“.
2023 година. Министерството за надворешни работи го повика кинескиот амбасадор во Јужна Кореја за силно да го предупреди на забелешките што може да се протолкуваат како интервенција во внатрешните работи на оваа држава. Јужна Кореја изрази жалење поради нефилтрираната критика на Ксинг за надворешната политика на оваа држава, која беше упатена за време на состанокот со лидерот на главната опозициска Демократска партија на Кореја, Ли Јае-Мјунг. „Критикувањето на политиката на нашата влада со лажни информации и неподносливи изрази не е само против Виенската конвенција и дипломатските практики, туку може да се толкува и како интервенција во нашата внатрешна политика“.
2018 година. Германските политичари бараат отповикување на американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, по контроверзното интервју во кое дипломатот тврди дека се обидува да ги зајакне антиестаблишмент партиите низ Европа. „Она што го прави овој човек е без преседан во меѓународната дипломатија“, ќе изјави тогаш поранешниот лидер на социјалдемократите Мартин Шулц. „Ако германскиот амбасадор во Вашингтон рече: ’Тука сум да ја зајакнам Демократската партија‘, тој веднаш ќе биде исфрлен“, додаде тој. Американскиот амбасадор Гренел јасно ставил до знаење дека не сака да биде гласник. Наместо тоа, тој се гледал себеси како „играч“ што има улога во влијанието на политичките одлуки – и портфолио што се протега надвор од Германија и пошироко во Европа.
21 октомври 2021 година. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган остро ги критикуваше амбасадорите на 10 земји за нивниот повик за ослободување на филантропот Осман Кавала, велејќи дека Анкара не треба да биде нивен домаќин и истите тие треба да бидат прогласени за персона нон грата.
2023 година. Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто го критикуваше американскиот амбасадор за обид да се меша во внатрешните работи на Унгарија. Говорејќи на прес-конференција, тој рече дека ниту американскиот, ниту амбасадорот на која било друга земја што работи во Унгарија, немаат право да се мешаат во внатрешната политика на Унгарија. „Целосно е ирелевантно што мисли (амбасадорот Дејвид) Пресман или кој било друг амбасадор за внатрешниот политички процес во Унгарија, бидејќи тоа нема никаква врска со него. Не е негово место да се меша во внатрешните работи на Унгарија“, рече Сијарто. „Ние не прифаќаме гувернери или регенти. Тој не беше испратен да ни каже како да живееме во нашата сопствена земја. Таа ера е завршена. Унгарија е суверена земја и никој однадвор не може да ни каже како да живееме“, додаде тој.
Ама затоа ние прифаќаме. Со радост, внимание и сервилно понизни. Нашата држава не го третира амбасадорот како „гласник“, посредник, кој објаснува и пренесува пораки меѓу две земји. Кај нас одамна дозволивме амбасадорите да излезат од својата традиционална улога во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи и да функционираат како пропагандисти. И многу повеќе, тие ја уредуваат нашата внатрешна и надворешна политика и ги насочуваат политичките процеси во државата. Секако, да бидам коректен: со наш недвосмислен благослов. Затоа ќе си земат за право да ни кажуваат дека треба да си го смениме Уставот по диктат на друга држава, како да е тоа најнормална работа во демократскиот свет. Затоа ќе нѐ третираат како недоветни, како племе што заслужува држава каква што тие посакуваат за нас. И сето тоа изгледа како нормално во држава што глуми дека е суверена. Затоа во ваква сурогат-држава каква што е Македонија не важи изјавата на американскиот демократски сенатор Џин Шахин од 2018 година, дека американски амбасадор треба да биде отповикан доколку не може „да се воздржи од политички изјави“, и дека „[амбасадорите] не треба да се мешаат во локалната или регионалната политика поддржувајќи политички партии, кандидати или каузи“.
Само како споредба. Еди Рама неодамна му одговори на американскиот амбасадор во Албанија, Јури Ким, дека шефот на СПАК (антикорупциското тело во Албанија) не го избира Владата или амбасадата. Сепак, пожелно е некогаш да имаш кичма. Во спротивно „затни го носот и голтај“.
Проф. Звонимир Јанкулоски