Фото: pixabay

По иницијативите за воведување алтернативни валути во меѓународниот финансиски систем

Индија се залага за интернационализација на индиската рупија, според извештајот на својата централна банка. Земјите на глобално ниво нудат алтернативни валути за трговија додека се актуализира дебатата за дедоларизација. Но американскиот долар сè уште претставува речиси 90 отсто од глобалните трансакции во странска валута

Кина не е единствената држава што се обидува да ја интернационализира својата национална валута. Сега и Индија е на патот да го стори тоа, како што посочи Централната банка на Индија, или РБИ, во извештајот што беше неодамна објавен.
Американскиот долар е светска резервна валута од Втората светска војна, играјќи клучна улога во светскиот трговски и финансиски систем. Но опсежните санкции против Русија, кои ја исклучија земјата од глобалниот финансиски систем во кој доминира американскиот долар, ги исплаши другите земји толку многу што тие сега нудат резервни валути за трговија.

Во извештајот на работната група на РБИ се вели дека „интернационализацијата на валутата е исто така тесно поврзана со економскиот напредок на Индија, особено со нејзината важност во глобалната трговија“. Иако Централната банка на Индија рече дека препораките на работната група не го одразуваат нејзиниот официјален став, тие доаѓаат една година откако администрацијата на премиерот Нарендра Моди првпат почна да промовира поголема употреба на рупијата на глобално ниво.
Во својот скорашен извештај, работната група на РБИ го охрабри отворањето сметки деноминирани во рупии за нерезиденти во Индија и во странство. Исто така, препорача интеграција на индиските платежни системи со оние во другите земји за прекугранични трансакции.

Нови погледи кон доминацијата на доларот во меѓународниот монетарен систем

Додека макрогеополитичкото опкружување ги поттикнува земјите да бараат алтернативни валути за тргување, долго време постои неспокој поради преголемата доминација на доларот во глобалната трговија и финансии.

Во својот извештај, РБИ истакна дека САД треба да ги задржат своите обврски и одговорност како издавачи на резервната валута, но, кога е принудена да избира помеѓу сопствените интереси и оние на остатокот од светот, американската влада во минатото не се двоумеше да ги заштити сопствените интереси. Ова е проблем бидејќи придонесува за нерамнотежа во меѓународниот монетарен систем, кој веќе е наклонет кон САД токму затоа што тие се издавач на доминантната светска резервна валута, се вели во извештајот на работната група. Таа додаде дека иако педесетгодишната доминација на американскиот долар засега останува неприкосновена, тој почна полека да еродира и економскиот поредок ќе мора да се развива за да гледа подалеку од американската валута во иднина.

И покрај тоа што постои глобален тренд на дедоларизација, зелената банкнота сè уште е убедливо најдоминантната резервна валута во светот, со речиси 90 отсто од глобалните трансакции во странска валута, според истражувањето од 2022 година на Банката за меѓународни порамнувања, чија членки се централните банки.
Индија, на пример, направи мал напредок со својот притисок повеќе да се користат рупиите за трговија. Само 0,01 отсто од индиската трговија со стоки беше реализирана во рупии минатата година, објави „Блумберг“, цитирајќи луѓе запознаени со ова прашање.

Дури и Русија има проблеми во тргувањето во рупии со Индија, која сега е еден од најголемите купувачи на руска енергија. Оваа алтернативна трговија со валути ја остави Москва заглавена со рупии вредни до една милијарда долари секој месец во индиските банки, кои имаа проблеми со враќањето во татковината, според пресметките на „Блумберг“ во јуни.

(Извор: „Бизнис инсајдер“)