Помеѓу осум пастрмајлијади, неколку пивофеста, една калинкијада и ракијада, неколку пивтијади и маскенбали, од Вевчани до Струмица, остана малку време да размислувам и за Република Македонија. Ама многу малку. Зашто доаѓа новата амбасадорка која ќе го замени Бејли, кој го испиша текстот за најновата, Република Северна Македонија, нејзе ќе ѝ остане да стави само точка на текстот. И точка со Република Македонија. Се наежив од мојата македонска некреативност за пишување колумни и си посегнав по проверената практика, да препишувам свои или туѓи. Овој пат го препишувам, до точка и запирка, германскиот ексамбасадор Ханс Лотар Штефан, објавен во моја колумна, во сотрениот „Дневник“, петок, 15 ноември 2013 година. Текстот, оттука надолу е негов:,,1.1.2005 Албанци: Дури и на референдумот за независност на Македонците во 1991 година можеше да се забележи дека акциите на Албанците не се насочени кон заедничка, мирна иднина во рамките на границите на Македонија. Всушност, нивните планирани дејствувања од самиот почеток беа насочени во сосема друга насока: Албанците одбија да учествуваат во пописот на население. Оттаму се доби впечаток дека тие не би сакале да се докаже дека учеството на Албанците во вкупното население одговара на бројката од 22,9 отсто.
Оваа бројка не одеше во прилог на нивната намера за уште поголема застапеност на македонска територија, како и во јавните и во државните институции. За да ја постигнат бројката од 40 проценти, колку што тврдеа, им требаа уште неколку години до следниот попис. Во меѓувреме се одобри барањето за државјанства на илегално преминатите Албанци од Албанија и од Косово по првите нереди во 1981 год., а особено по војната од 1993 год., за кои албанските лидери се погрижија да останат. Со помош на нивниот висок наталитет, за еден одреден временски период сигурно ќе се погрижат до посакуваната бројка од 40 проценти. Тогаш ќе прифатат да учествуваат на попис. Сомнителната бројка од 40 проценти Албанци во Република Македонија не е ништо друго, освен податок со измамничка политичка цел. Срцето на проблемот лежи во тоа што никој не може да ги убеди, а уште помалку да им гарантира на Македонците дека Албанците не би прогласиле сопствена република во рамките на Република Македонија или би се откажале од своите сецесионистички планови доколку македонскиот Устав од 1991 год. содржеше помодерен текст.
Познавачите на материјата го тврдат токму спротивното: доколку Албанците би добиле прво на статус на официјално малцинство (или дури конститутивен народ) во македонската држава, тие веднаш би го злоупотребиле овој статус и би го гледале како прв чекор кон поделба и конечно обединување со Косово (па и со Албанија).
Зеван потсетува дека Албанците во Македонија (како подготовка за тоа) бараа федерализација по белгиски пример*. Како едно белгиско решение во Европа да не е доволно! Имајќи ги на ум трагичните последици на етничката поларизација од независноста на Белгија во 1830 год., вакво решение за пример може да понуди само некој што нема добри намери. Така и Албанците се вброија во редовите на фалангата на преостанатите три држави со истата желба: да се уништи Македонија – бидејќи отцепувањето на западна Македонија е еднакво на уништување на македонската држава. Значи, пред да ѝ се пресуди на сегашна Македонија, треба да се има предвид, покрај прашањето зошто никому во ЕУ и НАТО не му е грижа за малцинствата во, на пример, членката Грција (или другите соседни земји) – следниве настани во текот на историјата. По историската констелација од 1989 год., во 1991 год. конечно се стекнаа со полн државен суверенитет, иако само на дел од својата територија, со значајно задоцнување: 114 години подоцна од Грција, 66 години подоцна од Србија, Романија и Црна Гора, 36 години подоцна од Бугарија и 31 година подоцна од Албанија. И многупати споменуваното, исто така несфатливото инсистирање на албанскиот етнос во Македонија, да им дозволи да веат едно туѓо знаме, знамето на Албанија, како знаме на нивното малцинство (и тоа по можност без македонското државно знаме) не само на македонската титуларна нација туку и за целиот свет, означува пат во еден сосема јасен, но истовремено неприфатлив правец: кон голема Албанија! Политичката програма на Албанците не остава место за сомнеж за целта на нивните терористички акции. Проф. Требст, на 19.6.2001 год. во ’Франкфуртер алгемајне цајтунг’ цитира една реченица на водачот на УЧК, Салиу: ’Битола (во Македонија) е најјужниот, а Бар (во Црна Гора) најсеверниот град на големо Косово’. Во исто време, Јакуп Красниќи, портпаролот на партијата на Мендух Тачи (’Змијата’) во соопштението на друштвото Југоисточна Европа изјави: ’Ние не сакаме повеќе од независност. Наша цел е обединување на сите Албанци на Балканот’.
Па, така, на пратеникот во германскиот Бундестаг и поранешен државен секретар Вили Вилмер му остана да резимира: ’Албанците се стремат кон голема Албанија’. Еден од елементите од албанскиот арсенал трикови е и систематско оцрнување на нивниот противник, Македонците. Во една пригода, кога Албанците во Македонија излегоа на демонстрации (а зошто да не го прават тоа) на 7 април 2001 година, во ’Франкфуртер алгемајне цајтунг’ се појави образложението на еден Албанец: ’Ова се демонстрации против македонскиот државен тероризам’. Очигледно дека и тие, следејќи го примерот на Грција и на Бугарија, инсистираат дека во случајот во Македонија се работи за прастара албанска почва. За нивна несреќа, Грците овој терен веќе го нарекоа грчки, а Бугарите бугарски (а Србите претходно го сметаа за српски)“. Дотука од амбасадорот Ханс Лотар Штефан.
Се разбира дека преостанатите соседи не се занемарени и заборавени. Ако ова не е повод да ја прочитате неговата книга „Македонскиот јазол“, ќе ви ги цитирам пак во скратена форма и преостанатите. Јас со особено задоволство како резиме, го подвлекувам резимето на Хобсбаум од оваа книга: „За секоја нација по една држава, но само една држава за секоја нација“.
Безмалку една деценија пишувам посланија (писма), колумни и пораки во вид на апокрифи (гр. апокрифос – таен, скриен текст) – производ во вид на писмена форма, кој се распространува „нелегално“ т.е. или покрај волјата на контролирачките институции на државата или црквата, за слабостите на Македонците да имаат сопствена држава. Овој пат, тоа без апокрифи и метафори за мене го направи, никој друг и ништо помалку, туку германски амбасадор. Затоа, веројатно созреа состојбата да се кутне последното југословенски домино, Република Македонија без особени напори од страна, туку од самите Македонци.
Ангел Иванов