Скопскиот плански регион одржа итна седница
Скопскиот плански регион бара итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот со комуналната хигиена.
На денешната итна седница во врска со комуналната хигиена во рамките на Град Скопје, Советот на Скопскиот плански регион одлучи да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комунална хигиена, како и препорака со која се бара Градот Скопје да ја разгледа состојбата и да преземе мерки за итно постапување од Јавното претпријатие „Комунална хигиена Скопје“ во решавање на проблемот и иницијатива самите општини да ја преземат механизацијата за одржувањето на комуналната хигиена.
На седницата беше донесен и заклучок со кој Скопскиот плански регион бара од страна на Владата, доколку проблемот не може да се реши на ниво на градот, да се вклучи во негово решавање.
Овие предлози беа изгласани од 12-те градоначалници кои беа присутни на седницата која се одржа во просториите на Општина Аеродром.
На итната седницата на Скопскиот плански регион не присуствува градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и градоначалниците Стевчо Јакимовски – Општина Карпош, Коста Маневски – Општина Зелениково, Сашко Комненовиќ – Општина Чучер Сандево, Блерим Беџети – Општина Сарај и Висар Ганиу – Општина Чаир.
Состанокот на Скопскиот плански регион следува по состојбата со која главниот град е затрупан во смет поради протест на вработените во Јавното претпријатие „Комунална Хигиена“, кои бараат повисока плата и враќање на отпуштените работници.