Црната листа на Стејт департментот на САД стигматизира и правно и политички

Вашингтон испрати јасна и директна порака до македонските власти за да ги управуваат своите политики во насока на две стратегиски магистрали што како константа за регионот и за Македонија ги трасира американската администрација. Имено, управување по првата политичка мејнстрим-магистрала е она што опфаќа водење владини политики компатибилни на американскиот образец за демократијата. Понатаму, втората трасирана магистрала е правната, која главно се совпаѓа со општите востановени правни кодекси кои дефинираат што е тоа криминал и корупција, а по која апсолутно треба да се управуваат правосудните власти

Гласно искажаните предупредувања и пораки од Стејт департментот на САД за коруптивните и криминалните поведенија на поранешни и сегашни носители на јавни функции, но и за одредени политики што САД ги препознаваат во македонското општество како спротивни од американскиот политички мејнстрим за регионот, ги разбрануваа духовите на политичките елити во Македонија.
Новата т.н. црна листа на личности и најавата дека тие се непожелни за САД беа уште пожесток удар и донесоа уште повисок општествен стрес.
Тоа беше јасна и директна порака до македонските власти за да ги управуваат своите политики во насоката на двете стратегиски магистрали што како константа за регионот и за Македонија ги трасира американската администрација.
Имено, управување по првата политичка мејнстрим-магистрала е она што опфаќа водење политики компатибилни на американскиот образец за демократијата.
Понатаму, втората трасирана магистрала е правната, која главно се совпаѓа со општите востановени правни кодекси кои дефинираат што е тоа криминал и корупција, а по која апсолутно треба да се управуваат правосудните власти.

Кои се политичките, а кои правните аспекти на американската црна листа

Адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ ја дефинира разликата на правните и политичките аспекти за да се биде на црната листа на САД, преку причините некој да биде ставен на таа листа. Според адвокатот, една состојба е ако лицето се најде на црната листа на САД од политички причини, кои според американскиот образец се дефинирани како уривање на демократските процеси, а конкретно за Македонија „неспроведување (односно попречување) на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор“… А сосема друга димензија имаме доколку на црната листа се најде лице поради коруптивни дејства и коруптивно влијание врз судството.

– Една состојба е ако едно лице се најде на црната листа на САД од политички причини, кои се дефинирани како уривање на демократските процеси, неспроведување (односно попречување) на Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор… А сосема друга димензија имаме доколку на црната листа се најде лице поради коруптивни дејства и коруптивно влијание врз судството. Ние нема долго да издржиме со тој наш игнорантски однос, колку и да имаат овие мерки од Стејт департментот една политичка конотација. Реално, тие немаат влијание во правниот поредок што може да предизвика правни последици, меѓутоа факт е дека имаме жесток притисок од меѓународниот фактор и ние нема да можеме долго да го игнорираме сето ова – констатира адвокатот Туфегџиќ.
Веднаш по објавувањето на таа црна листа, нашите политичари излегоа со свои видувања на работите, но де факто отсуствуваше она што го очекуваа сите, јасна и конкретна реакција на Јавното обвинителство.

– Реакцијата не требаше да биде низ форма на соопштение, како што беше направено, да ѝ се соопшти на јавноста дека е формирана комисија и сега се истражува нешто, туку на еден многу јасен начин да се даде порака дека оваа состојба веќе нема да може да се толерира. Од друга страна, нашите политичари го искористија тоа за меѓусебни политички пресметки. Ако се следат сите изјави што ги дадоа политичарите во овој контекст, дури и лицето што е посочено на црната листа, се забележува дека тие се насочени кон нивниот електорат. Односно, конкретно, господинот по три дена соопшти дека ќе соработува со надлежните органи, што е негова законска обврска. Меѓутоа, таа негова изјава има политичка порака, односно реторика. Се обраќа спрема својот електорат, дека тој е оној што одлучил да соработува, а не затоа што е тоа негова законска обврска.

Карактеристична е и изјавата дека „се охрабрува процесот да се истражат доказите и наводите истражени во извештајот на Стејт департментот“. Тоа е сосема погрешно. Нема тука што да се истражува. Стејт департментот, таа црна листа и одлука ги има донесено по завршување на прелиминарната фаза на собирање кредибилни информации и докази. И меѓународниот фактор од нас бара конкретна акција и реализација, а не ние да правиме проверка дали Стејт департментот ја утврдил фактичката состојба така како што треба. Меѓународниот фактор нема намера да го толерира таквиот игнорантски однос – дециден е нашиот соговорник, адвокатот Туфегџиќ, кој располага со исклучително знаење и искуство од сите области на правосудниот систем.


Правните белези и рефлексии од црната листа

Црната листа во основа претставува еден вид санкции за физички и за правни лица. Имено, САД воведуваат санкции за поединци и компании (еден таков вид е и т.н. црна листа) врз основа на законот Магницки.

Што се однесува до карактеристичните правни обележја на санкциите за физичките и за правните лица, црната листа значи дека на лицата што се на тој попис им се забранува влез во САД, блокирани им се сите средства на лицата што се санкционирани а се наоѓаат во САД, се забранува каков било бизнис со компании што нелегално стекнале капитал…Исто така, блокирани се сите фирми што директно или индиректно се во сопственост на лицата од црната листа.
– Забраните вклучуваат давање каков било придонес или обезбедување средства, стоки или услуги за овие фирми или во корист на кое било блокирано лице или примање каков било придонес или обезбедување средства, стоки или услуги од кое било такво лице – ни појаснуваат соговорниците, цитирајќи дел од Одлуката на САД.

Соговорниците објаснуваат дека воведувањето санкции значи дека „се гонат поединци и компании што се вклучени во коруптивни и криминални активности“, при што додаваат дека воведувајќи вакви санкции (црната листа), САД имаат интенција „да се ограничи работата на поединци и компании што се вклучени во дејства што американската администрација ги смета за коруптивни, штетни и незаконски“!

Од друга страна, воведувањето санкции има цел да го фокусира вниманието на земјите каде што се лоцирани овие санкционирани лица и фирми, дека „треба да се обрне повеќе внимание на она што се прави во нивните земји“, објаснуваат упатените, додавајќи дека „доколку државите не реагираат со правните и сите други расположливи средства за да се потиснат активностите на поединците против кои се воведени санкции, тоа може постепено да влијае на односите со САД!“.

„Санкциите се сигнал дека нешто не е во ред, дека некои луѓе се вмешани во коруптивни и незаконски активности и дека државите треба да го сфатат тоа сериозно, да се погрижат да истражат и испитаат за што станува збор и да застанат на патот кон таквите поведенија“.

Токму одлуката за ваков вид санкции (црна листа) може да влијае на односите меѓу земјите и дека сè зависи од реакцијата на земјата од која се лицата против кои се воведени санкциите.