Антиупатства за лична употреба

– Ама еве сега не сте сами. Со мене сте – се обиде да го охрабри чадорот.
– Ти благодарам, Умберто – потоа замолчи, како да собираше сила да продолжи: – Роден сум во Доградец, гратче туристички многу понепознато од Дождоградец, а и прилично далеку од тука, петстотини километри. Во Доградец архитектурата е поскромна, зеленилото не толку бујно, а и дождот не паѓа секој ден, па не ви е потребно чадорите постојано да ги носите со себе… – тука г. Давидов застана (и Тоше запре зад него) и лицето како да му се издолжи пред да зачекори понатаму: – Мајка ми, никогаш не ја запознав во живо, ја знаев само преку фотографии: на девојче во бело фустанче со кадри во боја на жито, на матурантка во темносина униформа со качкет со мал штитник над кој гордо беше запишана латинската IV, на млада бледа жена, штотуку мажена за татко ми, со големи очи и сѐ уште кадрава, густа коса, но потемнета кон светлокафена. Само преку фотографии… зашто таа почина при моето породување. Не ги памтам нејзината топлина, нејзината дојка… не ме погали нејзиниот глас…
– Не знаев за ова. Кутриот ти. – не издржа Умберто.
– Пораснав под строг надзор на татко ми. Банкар, директор на банката во Доградец, тој точно ги испланира моето раснење и школување. Сѐ мораше да биде исполнето под конец, неговата главна задача беше да ги исполнувам сите мои задачи. Особено беше непопустлива неговата принуда да го почитувам времето, да се трудам да бидам точен во извршувањето на обврските. Се знае – од тогаш до тогаш – кога е време за учење, а кога за јадење, во кое време можам да излезам, а кога мора да се вратам дома.
– Татко ти, извини што ова го велам, бил како некој деспот.
– Беше строг и прецизен во својата строгост… Така, кога излегов на прв состанок со девојка, тој без никаков осет за важноста што таквиот настан го има кај еден шеснаесетгодишник, рече да се вратам дома до десет. Си пресметав да се вратам дома навреме, но, ете, има работи што не можат да се контролираат. На пример, силен ненајавен дожд. Во Доградец каде што, како што ти кажав, дождот не паѓа често, па затоа, нормално, не понесов чадор со себе. Кога нѐ фати дождот веќе ја испраќав и се засолнивме под една стреа, но тој не престануваше…
– А времето си поминуваше – сочувствително забележа Умберто.
– Почнав да ѝ зборувам дека не сакам да задоцни дома и нејзините да мислат дека не сум човек од доверба, малку зачудено ме слушаше, но ја убедив со трчање да ја испратам до нејзината куќа. Сепак, и таму ме задржа – брз, влажен бакнеж, не знаев дали е лигав од дождот или од мојата неукост, и така – задоцнив дома. Не повеќе од еден час. Цел мокар со чевли што шлапкаа преполнети со вода, ѕвонев, ѕвонев… но татко ми како да не ме слушаше. Не ми отвори до полноќ, додека покиснат и смрзнат чекав пред влезот. Конечно, кога отвори, во бела поткошула, само промрморе „рековме во десет“ и си отиде во собата.
– Срам да му е! – не издржа Умберто.
– Настинав многу, со денови лежев, тој ме негуваше како што треба. Тогаш уште не знаев колкава трага ми оставил настанот. Кога си болен, лежиш и умот ти е празен, не мислиш на друго, освен на здравјето… Бесот дојде подоцна. Кога врне, а тука постојано врне, се буди во мене некоја лутина… и крадам чадори и ги фрлам по најзафрлени места. А кога некогаш ќе ги видам сопствениците на украдените чадори како стојат стуткани под стреа и чекаат да престане дождот, но овде, ти барем знаеш, кога врне, не помага ни стреа, ни ништо, паѓа косо и цел те намокрува, е тогаш, ме обзема некое чудно задоволство. Ете, тоа е мојата тајна и мојот срам – заврши г. Давидов.
Умберто тактички почека малку и рече: – Сега, откако ми раскажа, сигурно ти е полесно.
– Да, подобро се чувствувам – потврди Давидов – Ми помогна, Умберто.
– И нема веќе да крадеш чадори?
– Нема – промрморе директорот и уште потивко како за себе додаде: – само сакав да осетат како е… Ќе дојдеш ли со мене, Умберто?
– Сега нема да можам, Давидов. Остави ме тука, пред „Амброзија“, мојот газда наскоро ќе ме земе. Но Дождоградец не е голем, сигурно ќе се гледаме и ќе се дружиме и понатаму… А ти купи си во соседнава продавница чадор, знаеш дека таму имаат широк избор… Извини, а како ти е името?
– Евгениј – па додаде срамежливо – во детството некои ме викаа Гени.
– Баш интересно име. До видување, до следната средба, Гени.