Викенд-сондажа на продажните цени по одмрзнувањето на маржите
Иако од економските ресори и трговците најавуваат смирување на цените во следниот период, високата инфлација во изминатата година имаше влијание и на остварениот промет во домашната трговија, а тоа се одрази на намалениот промет за непрехранбени производи и кај горивата, но граѓаните се принудени да ги плаќаат неизбежните повисоки цени за храна и за пијалаци
Во првата работна недела од јули, од кога важи одлуката за одмрзнувањето на трговските маржи, која стапи во важност во саботата, нема драстична промена на цените на основните прехранбени производи во маркетите. Ова им остави слобода на трговците во формирањето на цените на своите производи, што кај потрошувачите предизвикуваше страв од нов бран поскапувања на основните прехранбени производи.
Со одлуката за ограничување на трговските маржи беа опфатени белиот леб, шеќерот, сончогледово масло, брашното од пченица, тип 400 и тип 500, макароните и шпагетите, оризот, трајното кравјо млеко, јајцата, урдата, сирењето, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот.
По вчерашното пазарење во поголем маркет во Скопје направивме споредба на сметките направени за истите производи пред одмрзнувањето на маржите. Така, полубелиот леб сечкан од 400 грама се продаваше по цена од 33 денари. Литро јогурт со 2,8 отсто масленост, од познат домашен преработувач на млеко, чини 72 денара. Литро млеко од истиот производител се продава за 65 денари, килограм кравјо сирење од македонски производител се продава за 415 денари, а кашкавалот за 534 денари. Табла јајца од 30 парчиња се продава за 170 денари.
Ограничувањата на маржите беа донесени минатата година кога домашните производители и трговци со храна ги зголемија драстично цените, под изговор дека се соочуваат со зголемување на производните трошоци и на енергијата. Џемаил Даути, директор на една од најголемите компании за дистрибуција на стока за широка потрошувачка, вели дека нема да има дополнително зголемување на цените, бидејќи пазарот е веќе стабилизиран, а трговците се однесуваат соодветно на условите на пазарот.
– Не само што ќе останат исти цените, туку можат и да се намалат бидејќи се намалува берзанската цена и на пченицата и на брашното, а тоа има влијание на крајната цена на лебот – изјави Даути, кој го застапува ставот на трговците дека мерките за лимитирање на цените беа непотребни. Според него, Владата треба да ги ослободи трговците од увозни давачки за основните прехранбени артикли.
– Не е логично еден производ да има 30 отсто царина, а пет отсто данок во цената. Сите производи треба да се ослободени од царини. Македонија е дел од ЦЕФТА и многу други меѓународни асоцијации, а сепак се соочуваме со ситуација за некои производи од некои земји да има високи царини, а од други земји да нема царина – вели Даути.
Од Министерството за економија велат дека состојбата се следи и дека засега домашните цени се стабилизирани.
Владата на крајот на април одлучи да го продолжи ограничувањето на трговските маржи за основните прехранбени производи до 30 јуни. Со одлуката, највисоката трговска маржа за бел леб (сечен на парчиња или цел), бел шеќер и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврди во висина до 5 проценти во трговијата на големо и на мало. Највисоката трговска маржа, пак, за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт, се утврди во висина до 10 проценти во трговијата на големо и мало.
Иако од економските ресори и трговците најавуваат смирување на цените во следниот период, високата инфлација во изминатата година имаше влијание и на остварениот промет во домашната трговија. Статистичките податоци од Државниот завод покажуваат дека прометот во трговијата на мало во мај во 2023 година во делот со храна, пијалаци и тутун во однос на истиот период лани е зголемен номинално за 17,9 отсто, а реално за 5 отсто. Меѓутоа во трговијата на мало со непрехранбени продукти расте за 4,9 отсто, а реално опаѓа за 2,5 отсто. Пад и на реалната и на номиналната стапка е забележан само во групата трговија на мало со автомобилски горива (номинално за 24,9 отсто, а реално за 13,2 отсто).
Ова покажува дека македонските потрошувачи не може да штедат на храна и покрај високите цени, но за сметка на тоа има намалување на прометот кај другите непрехранбени производи. За влијанието на повисоките цени на храната покажуваат и другите статистички податоци, кои посочуваат дека за храната во маркетите што минатата година сме плаќале илјада денари сега треба да се одвојат од двесте до триста денари повеќе. За една година трошоците за храна се зголемиле за 14,8 отсто. Инфлација за мај била 11,3 проценти на годишно ниво. М.Ј.