ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (257)

Во долгата кариера, Ангеловски неколкупати го соборуваше државниот рекорд во фрлање копје и од 2001 година е актуелен рекордер на Македонија, со 76,46 метри. Тој беше речиси 20 години неприкосновен на атлетското борилиште и освои дваесетина титули во младинска и во сениорска конкуренција. Беше учесник и на Светското првенство во 1997 година во Будимпешта

Атлетиката, иако е кралица на спортовите, сепак, барем кај нас во Македонија, е во сенка на другите спортови. Можеби затоа и нејзините репрезенти многу не се споменуваат и само одвреме-навреме, и тоа пред одржувањето на големите светски атлетски приредби, ќе бидат споменати и претставени пред јавноста. За ваквата состојба секако има повеќе причини, но најбитната е таа што атлетиката, иако имаше асови од меѓународна класа, сепак, не успеа да избори место под сонцето најмногу поради индолентниот однос кон неа од страна на спортските фактори. Таа ќе го привлечеше вниманието на јавноста само кога некој нејзин претставник ќе се вивнеше во атлетските височини и ќе постигнеше резултат, кој ќе го доближеше до меѓународните вредности. Таков беше случајот по Втората светска војна со Лазо Милошевски, кој беше југословенски репрезентативец на 400 метри и стана првиот Македонец учесник на едно Европско првенство (во Брисел во 1950 година). Потоа, на долгите патеки го имавме Љубиша Трбоевски, за во 60-тите години од минатиот век на сцена да стапи една плејада на квалитетни атлетичари предводени од Елица Змејкова и Сотир Гавриловски. Подоцна доаѓаа нови асови, од кои најсилен печат оставија спринтерката од Битола Вера Велјановска и нејзиниот клупски другар Стевче Георгиевски, за во втората половина од 1970-тите години да се појават Елизабета Божиновска-Вучкова и Марина Михајлова-Дамчевска. Во меѓувреме имаше и други атлетичари што блеснуваа и кога се очекуваше да одат кон елитата, поради лошата состојба на „кралицата на спортовите“, за жал брзо згаснуваа.

Ја направив оваа дигресија за да се види дека секогаш сме имале по неколку атлетичари што со своите резултати заслужувале да се најдат меѓу спортските легенди. Еден од тие што влегоа во македонската атлетска историја е и актуелниот државен рекордер во фрлање копје Дејан Ангеловски. Тој во 2001 година го фрли копјето на далечина од 76,46 метри, резултат што до денес не е надминат. Неговата спортска сторија е многу интересна, зашто тој и денес е вклучен, како тренер и функционер, во спортот во кој во минатото беше освојувач на многу медали на меѓународните приредби, а во Македонија не само што е рекордер во фрлање копје туку е рекордер и по освоените титули – државен првак во сите категории. Кога на ова ќе се додаде дека е македонски рекордер и во фрлање ѓуле во сала, тогаш сликата е комплетна и станува јасно за каков профил на атлетичар станува збор.

ПОЧЕТОЦИ КАКО ФУДБАЛЕР НА РАБОТНИЧКИ

Многумина и не знаат оти првиот спорт на корпулентниот атлетичар беше фудбалот. Тој не можеше да „побегне“ од спортот, кој во тоа време, па и денес, најмногу ги привлекуваше децата.
– Фудбал играв со моите другарчиња, прво во училишниот двор, некогаш и на улица. Но она вистинско занимавање со фудбалот почна кога станав член на ФК Работнички. Брзо заиграв за младинската екипа на популарниот клуб, стигнав и до младинската репрезентација на Македонија, а да не се случеше распадот на поранешната држава, бев кандидат за настап и за младинската репрезентација на Југославија. Играв на местото на центархалф и ретко можеше да се случи некој од противничките играчи да ми „побегне“. Покрај тоа што бев физички силен, бев и многу брз, а тоа беше многу битно за позицијата на која играв – ја почнува својата приказна Дејан Ангеловски.
Интересно е како Дејан стигнал во атлетиката кога веќе во фудбалот ги покажал своите квалитети и можел многу да напредува.
– Во атлетиката дојдов случајно. Соблекувалните на фудбалерите и на атлетичарите, како што е и сега, ни беа во салата во Градскиот парк. Така, често се дружевме, некогаш и заедно игравме фудбал, а некогаш се пробувавме и во некоја атлетска дисциплина. Така беше сѐ до моментот кога еден ден не зедов и јас копје во рака. Со оглед на мојата физичка конституција, почувствував оти би можел да бидам добар фрлач на копје. Се загреав за оваа фрлачка дисциплина и тука беше крајот на мојата фудбалска кариера. Останав во истото спортско друштво, но овој пат во атлетскиот клуб Работнички, кој во тоа време беше неприкосновен на македонската атлетска сцена. Првиот настап во фрлање копје го имав во 1991 година, на меморијалот „Лазо Милошевски“ на Градскиот стадион во Скопје. Тогаш фрлив скромни 37 метри, што за еден почетник и не беше слаб резултат – вели Ангеловски.

Потоа доаѓаа и другите натпревари на кои Ангеловски веќе имаше поголемо искуство, па, така, копјето леташе сѐ подалеку.
– Во тој период имаше двајца добри атлетичари во оваа дисциплина – Ачковски и Радиќ, кои ме инспирираа и настојував резултатски да им се доближам. Но, се чини, клучен момент беше кога се запишав во Средното фискултурно училиште. Тука професор по атлетика ни беше поранешниот спринтерски рекордер Чедо Шаревски, кој беше и тренер во АК Работнички. Со него, нормално, не испуштавме ниту еден натпревар, па во шега велевме да не се Чедо и Средното фискултурно училиште, АК Работнички не ќе може ниту екипа да состави. Во секој случај, тоа беше убаво и незаборавно време. Јас бев амбициран и решен максимално да ѝ се посветам на атрактивната атлетска дисциплина и да стигнам што подалеку – вели Дејан.

ПРОБИВ ВО ЕВРОПСКАТА МЛАДИНСКА ЕЛИТА

Веќе немаше дилема оти на атлетското борилиште Македонија добива навистина еден фрлачки ас. Копјето од натпревар во натпревар леташе сѐ подалеку. Ангеловски со своите клупски и репрезентативни другари почна да се натпреварува и надвор од земјата.
– Најчесто одевме на традиционални атлетски митинзи во Белград и во Софија, организирани по најразлични поводи. За нешто посериозно и не размислувавме, зашто по распадот на поранешната држава требаше да помине време Македонија да биде примена за членка во европската и светската атлетска федерација. Откако помина тој период, за нас веќе немаше граници, бевме рамноправни со сите, со што ни беа отворени нови перспективи и можности за напредок – вели тој.

Дејан Ангеловски со брзи чекори се доближуваше до најелитните млади европски фрлачи. Во 1993 година, откако го фрли 800-грамското копје 59 метри, во својата возрасна категорија беше меѓу десеттемина најдобри младинци во Европа.
– Сето тоа ми даваше нов импулс и настојував копјето да лета што подалеку. Сепак, и покрај големите амбиции и очекувања, малку се разочарав, кога иако имав норма, не отпатував заедно со охриѓанката Смаќоска на Светското младинско првенство. Тоа нормално ме „пресече“, но не се откажував од секојдневните тренинзи. Напротив, работев уште пожестоко и го чекав вистинскиот момент. Тој момент дојде набрзо, па во 1995 година учествував на Европското младинско првенство во Миречхаза. Но таму имав голем пех, токму кога требаше да се изборам за настап во финалната серија во третиот обид, копјето во лет се преполови и се скрши, така што останав без резултат. Бидејќи немав искуство, се збунив и додека да се снајдам и дојдам до друго копје, времето ме „прегази“ и немав можност да го повторам фрлањето. На крајот имав пласман на 16-то место – рече тој.

Но, она што го посакуваше, а не го оствари на ЕП, му тргна од рака да го оствари на Балканијадата во 1996 година.
– Тоа беше наше прво учество на овој регионален натпревар. Во силната конкуренција се пласирав на третото место, зад претставниците на Србија и на Грција, и го освоив бронзениот медал, кој беше прв за Македонија по осамостојувањето. Охрабрен од резултатот, продолжив со тренинзи со уште поголемо темпо и веќе се доближував до границата од 70 метри, која во тие моменти ми беше прва цел – вели Дејан Ангеловски.

За понатамошниот тек на кариерата на македонскиот рекордер во фрлање копје ќе читате идната недела.


ДЕЈАН АНГЕЛОВСКИ

Роден: во 1976 година во Скопје
Кариера: АК Работнички, АК Милиционар и АК Партизан од Белград, репрезентација на Македонија
Успеси: Прв атлетичар по осамостојувањето на Македонија со бронзен медал од балканијадите, актуелен државен рекордер во фрлање копје со 76,46 метри, освојувач на повеќе од 20 титули шампион на Македонија во сите конкуренции, рекордер и во фрлање ѓуле во сала. Учесник на Европското првенство во Будимпешта во 1997 година, на Универзијадата на Сицилија во 1999-та и на Светското првенство во Хелсинки во 2005 година