Изложба на фотографии на Александар Кондев ќе биде отворена од денеска до 12 јули во Културно-информативниот центар во Скопје, во рамките на „Скопско лето“. Кондев е еден од оние македонски фотоуметници чие фотографско творештво е нераскинливо поврзано со пробивите на фотографската мисла кај нас и, слободно може да се каже, највисоките дострели на македонската фотографија од втората половина на минатиот век до денес.
Неговото безмалку педесетгодишно присуство во сите перипетии на македонската фотографија е важно сведоштво и за вкупниот развој на фотографијата кај нас. По силата на нештата, но и поради јасно изразената љубов кон фотографијата, релативно рано (во 1969 година, иако претходно во 1966 – 1969 година, меѓу првите кај нас се занимава со анимација и филм) се определува за неа како основна професија и тоа трае до денес. Оттука, со повеќе самостојни изложби, со учество на четириесетина групни изложби во земјата и во странство, со голем број национални и меѓународни награди, Александар Кондев дефинитивно денес е доајен на македонската уметничка фотографија, репрезент на нејзиниот развој и современи дострели во национални рамки.
– Александар Кондев денес е безмалку единствениот претставник на онаа генерација македонски фотографи што ја осовременија македонската фотографија, кои во седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век внесоа една поинаква естетика и нови хоризонти во третманот на оваа уметност. Или, ако сакате, тој и неговата генерација го изборија местото на фотографијата како рамноправна уметност. Но неговата фотографија, се разбира, не се исцрпува само во историските релации. Неговата фотографија во национални рамки сведочи за стабилност и континуитет во исказот, во градењето лична естетика што нема да заостанува зад регионалните и пошироки стандарди. Едновремено, фотографијата на Кондев останува и како жив прирачник за помладите колеги, како стручно и естетско помагало низ неизвесните фотографски талкања – беше кажано по повод неговата ретроспектива во Националната галерија на Македонија пред неколку години.
Александар Кондев уште во основното училиште се запознал со фотографијата и фотографската техника и активно учествувал на натпреварите по фототехника, каде што освојувал и награди. Неговата прва самостојна изложба е во галеријата на домот на младите „25 Мај“ во Скопје во 1977 година. Кондев е основач на фотоклубот „25“, каде што активно дејствувал и како педагог и како излагач. Во тој период, во 1979 година, ја организирал и својата втора индивидуална изложба во домот на младите „25 Мај“. Во 1981 година започнал да работи во фотографското студио на „Фотоцентар“ во Скопје, каде што соработувал и со повеќе други институции и агенции во областа на фотографијата. Дел од своето време посветувал и на активности во Фотосојузот на Македонија и Југославија, каде што учествувал на голем број изложби како член или претседателот на жири. Од 1989 година работи како самостоен фотограф. Во периодот 1994 – 2001 година предавал фотографија на Академијата за ликовни уметности. В.Д.