Оваа недела во рамките на „Скопско лето“ ќе се одржи голем избор на настани од различни области. Во „Чифте-амам“ е отворена изложбата „Визуелна артикулација“ на Михаил Корубин, која предизвика голем интерес кај публиката. Корубин ѝ се претставува на публиката со 13 големи платна што ги насликал годинава, како и со минијатурни графики арт токен, за кои допрва ќе се пишува, бидејќи самиот тој е иноватор на овој стил.
Во Музејот на македонската борба за сите љубители на класичната музика се одржа концерт на Андреј Наунов на пијано и Кристијан Жермен од Австрија. Овој настан е во соработка со австриската амбасада во Скопје. За најмладата публика вчера се одигра претставата „Некој нека ми каже колку сум важен“ во Театарот за деца и младинци. Во „Куршумли-ан“ почна концертната промоција на албумот „Вида“ на Мијата. Овој настан е потпомогнат од Македонската радио-телевизија, радиото Буба мара, институтот „Јунуз Емре“ и уште неколку спонзори.
Фотографот Ацо Кондев со изложбата „Парис ла Дефанс“ е на програмата вечерва во Културно-информативниот центар, со почеток во 20.30 часот. Во продукција на Снежана Богдановска-Сани, во фоајето на НОБ в петок ќе се одржи модна ревија како омаж на Тјери Муглер, насловена „Ангел на ексцентричноста“. Станува збор за ревија на студентите на институтот „Изет Цури“, според инспирација од моделите на дизајнерот Тјери Муглер. Специјални гости учесници се: Изет Цури, Никола Ефтимов, Доминик Брунет, Игор Марков и други. Режијата е на Анастасија Стејси Марш Богдановска.
Сабота е резервирана за изложбата на фотографии „Забранети луѓе“ на Џон Илија Апелгрин во Кинотеката на Македонија, со почеток во 20 часот. Во 21 часот, пак, е најавен оперски гала-концерт на Националната опера и балет, со солистите, хорот и оркестарот. Диригентската палка е на Реваз Јавакишвили од Грузија. На програмата се арии од Верди, Пучини, Чилеа и Моцарт. Концертот ќе се одржи во Салонот на НОБ.