Јас сум роден во Република Македонија и немам потекло од егејскиот дел на Македонија, но нашето семејство имаше згрижено македонски деца бегалци од селото Герман, Леринско, и ние ја делевме нивната судбина како наша. И таа навистина беше наша, македонска судбина. Затоа темата со судбината на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија во рамките на Република Грција (тогаш Кралство Грција) ми е добро позната според кажувањата на моите родители. Кај нас останаа и една торба за леб и нивниот клуч од куќата во која никогаш не се вратија. Подоцна тие емигрираа во САД. Торбата за леб и клучот се изложени во витрината 3 од оваа изложба, рече Георги Гоце Дуртаноски во текот на отворањето
По повод Меѓународниот ден на бегалците, на границата меѓу Чешка и Полска изложба „75 години од прогонот на Македонците од егејскиот дел на Македонија“
По повод Меѓународниот ден на бегалците, како и 75-годишнината од прогонот на македонските деца од егејскиот дел на Македонија, беше отворена изложба во организација на македонските заедници од Чешка и Полска. Таа е поставена во барокниот замок „Линхартови“ и градот Крнов, на границата меѓу Чешка и Полска. Организаторите велат дека споменатиот замок е избран да биде домаќин на овој настан бидејќи неговата судбина е и како онаа на Македонија, која беше поделена со Балканските војни, односно објектот (замокот) се наоѓа на чешка територија, а имотот (дворот) се наоѓа на полска територија. Изложбата вклучува уметничка инсталација на отворено со 20.000 црвени стапалки, кои ги симболизираат крвавите стапалки на децата прогонети од своите домови во егејскиот дел на Македонија, со испишано име и презиме на секое протерано дете, заедно со името на неговото родно место со македонски топоним.
Проектот произлегува од соработката помеѓу инж. Димитри Кирјаковски (македонско-чешки автор, полиглот, преведувач, филантроп и афирматор на македонската културна засебност во Чешка), проф. Георги Гоце Дуртаноски (македонско-холандски калиграф, публицист и истражувач, кој истовремено живее помеѓу Холандија, Германија, Македонија и Летонија. Дуртаноски е директор на Центарот за ракописни студии и предава христијанска палеографија на Европската христијанска академија во Рига, на која е проректор и член на Сенатот на Академијата) и Петро Алексовски (полско-македонски филмски режисер, снимател, продуцент и активен лобист за Македонија, кој живее, работи и твори во Полска. Тој е автор на документарниот филм „Македонец“, кој ја тематизира судбината на неговиот татко Мито Алексовски од егејскиот дел на Македонија, кој не смееше да се врати во својот роден крај).
Георги Гоце Дуртаноски вели дека изложбата „Interitus Macedonum“ („Истребување на Македонците“) ја осмислил и подготвил во последните две години, по барање на македонските заедници во Чешка и во Полска. Во овие држави биле згрижени најголем број македонски деца од Егејска Македонија, а биле користени документи и фотографии од архивите на двете заедници, националните архиви на Полска и Чешка и Полскиот институт за филм. Изложбата исто така ги опфаќа и земјите Романија, поранешна Југославија, Унгарија, поранешна Германска демократска република и СССР (Узбекистан).
Носечки елемент на овој дел од изложбата е „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“, претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.
Изложбата ја отворија градоначалничката на градот Албрехтице, Јана Мурова, и Димитри Кирјаковски, истакнат македонски деец од Костур, кој во 1948 година, на петгодишна возраст, најпрво бил згрижен во детските домови во Полска, а подоцна во Чешка. На фернисажот беше прикажан и филмот „Македонец“, со лично присуство на режисерот Петро Алексовски, син на Мито Алексовски, кому му е посветен овој документарен филм, како и други документарни филмови од архивите на националните телевизии на Чешка, Унгарија, Романија, Франција.
– Оваа изложба ги обработува траумата, страдањето и лузните на децата во нивните „нови“ татковини – истакна Димитар Кирјаковски, куратор на изложбата и сведок на тие настани.
Градоначалничката на Албрехтице, Јана Мурова, ја истакна важноста на сеќавањето и почитта кон жртвите за подобро да го запознаеме минатото, а со тоа да знаеме да ја планираме иднината.
Во своето обраќање, Дуртаноски истакна дека уметноста и уметниците секогаш се стремат да иницираат теми што ѝ се помалку познати на пошироката јавност и не се изучуваат во училишните учебници, но како вистина што се случила и принудила многу луѓе на страдање постојат и тие се дел од нашиот живот, онакви реални и без цензура.
– За да биде оваа изложба сфатена сериозно, дополнувам визуелно како изгледале стапалата на нашите деца кога стигнале во овие земји, кои подоцна ќе станат нивни нови татковини (на излагањето бев босоног, со стапала измачкани со црвена боја). Јас сум роден во Република Македонија и немам потекло од егејскиот дел на Македонија, но нашето семејство имаше згрижено македонски деца бегалци од селото Герман, Леринско, и ние ја делевме нивната судбина како наша. И таа навистина беше наша, македонска судбина. Затоа темата со судбината на децата бегалци од егејскиот дел на Македонија во рамките на Република Грција (тогаш Кралство Грција) ми е добро позната според кажувањата на моите родители. Кај нас останаа и една торба за леб и нивниот клуч од куќата во која никогаш не се вратија. Подоцна тие емигрираа во САД. Торбата за леб и клучот се изложени во витрината 3 од оваа изложба – рече Георги Гоце Дуртаноски.
Петро Алексовски се задржа на мотивот да го сними документарниот филм „Македонец“ и со тоа да даде придонес во колективната меморија на македонскиот народ тоа да не се заборави, но и да не се повтори, а мултикултурното општество го разбира единствено преку концептот секој да знае од каде потекнува, да ги негува својот јазик и култура, а различностите да бидат мост на поврзување во Европа.
Прочитани беа писмата од академик Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите, Ким Пук од истоимената меѓународна фондација од Канада, Соња Кировска, претседателка на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз, и голем број македонски асоцијации, историски друштва и поединци од дијаспората.
На крајот беа промовирани лимитирани поштенски пликови со логото на изложбата „Interitus Macedonum“ и медалјони со мотив на деца во бегство придружувани од жена мајка, а поделени беа и два каталога од постојаната поставка на Музејот на Македонија за Граѓанската војна во Грција (1946 – 1949), преведени на чешки јазик.