Кој какви чекори презема по лидерската средба во врска со акцијата и реакцијата за промена на македонскиот устав
Од консултацијата со низа експерти по меѓународно право од странство доаѓа реално предупредување со добра волја дека „условот не е само внесување на Бугарите во македонскиот устав, туку и вториот протокол од меѓувладината седница со Бугарија, каде што се содржани сите барања на Бугарија, во однос на македонскиот идентитет, јазик, историја, образование“… Според соговорниците, тоа би значело „почеток на демонтажата на Македонија каква што ја познаваме, асиметрична билатерална позиција со Бугарија“, тоа би значело и „флагрантно нарушен принцип на меѓународното право на суверена еднаквост на државите, реципроцитет и немешање во внатрешните работи“
Разногласието и измешаните пораки што ги упатуваат партиите од власта и од опозицијата по одржувањето на лидерската средба за меѓусебно усогласување на аргументите за уставните измени, кои би требало натаму да ги изгласа Собранието за да се одржи втората меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, повеќе од една недела се предмет на толкувања, претпоставки и анализи на домашната експертска јавност. И во целиот овој период по лидерската средба, со сите потоа дадени дополнителни партиски изјави, појаснувања, како и експертски толкувања, се чини дека македонската јавност не добива јасни одговори од политичките фактори околу позицијата за прашањето на уставните измени. Притоа, не останува незабележано дека партиите повторно забраздуваат во одредни политичко-партиски игри и калкулации, во несменет амбиент кога повеќе од 65 отсто од македонските граѓани се против уставните измени, односно 80 отсто од анкетираните Македонци не се согласуваат со условот Бугарите да бидат внесени во Уставот, како диктат од т.н. француски предлог на преговарачката рамка, или како што велат од опозицијата – „под бугарски диктат“.
Доколку разговорите на партиско ниво не дадат плод, во разумен рок власта ќе започне разговори со секој пратеник
На расчистување на какофонијата во јавноста по лидерската средба, на своевиден начин се обиде да влијае вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, кој најави нешто појасен пристап кон предизвикот „уставни измени“, со најавата дека „доколку разговорите на партиско ниво не дадат плод, во разумен рок власта ќе започне разговори со секој пратеник“.
– Ќе дадеме уште некоја шанса во наредните денови за опозицијата, сепак, да пристапи кон овие разговори за да можеме заеднички да го договориме и спроведеме планот за уставни измени. Доколку тоа не се случи и доколку апелите за разумен дијалог од наша страна не дадат плод кај ДПМНЕ, ние секако дека ќе тргнеме во разговор со секој пратеник – кажа Маричиќ во едно интервју, оценувајќи дека предлозите на ВМРО-ДПМНЕ се движат во нереални рамки и надвор од преговарачката рамка, што значи повторно преговарање на рамката што е веќе усвоена минатата година.
– Сметам дека е разумно и одговорно да седнеме, сакаат тимски, сакаат поединечно, сакаат пак лидерска средба, и да разговараме таму каде што застана лидерската средба, во наредните денови. Јас сум сигурен дека може да ги поместиме позициите, но доколку сето тоа биде во реални рамки. Ние може да бараме Бугарија да нема право на вето или да ги смениме правилата во ЕУ… Во минатото сме се обидувале да ги смениме правилата во НАТО, не сме успеале и затоа треба да имаме разумен начин на разговор каде што заедно ќе ја преземеме одговорноста, ќе ја споделиме одговорноста во таа заедничка влада и ќе им олесниме на граѓаните дека навистина имаме европска перспектива – истакна Маричиќ.
Едноставно, тоа засега треба да значи дека во Собранието не се обезбедени 80 гласа, односно двотретинско мнозинство за изгласување на потребата за менување на Уставот и дека треба да се помине на наредниот, план Б во реализацијата на споменатата иницијатива на власта.
План Б – индивидуални разговори со пратениците
Најавите за насочување на разговорите за уставни измени со опозицијата, на индивидуално ниво со пратениците, предизвикуваат враќање на некои не толку дамнешни времиња, од времето на собирање двотретинско мнозинство за Преспанскиот договор. Всушност, вознемиреност во јавноста од повторување на сценариото „на балкански начин“ што го предложи своевремено еврокомесарот за проширување Јоханес Хан за усвојување на Преспанскиот договор.
– Веќе гледам дека се прави терен за повторување на тоа сценарио. Господинот Бујар Османи вели: „Ние имаме план Б“. Планот Б го видовме. Планот Б е уценување пратеници, можеби со нивна волја, можеби и без нивна волја… Тоа е страшно лошо за државата. Лошо е за Македонија условувани пратеници (кои можеби ќе речат дека гласале по своја волја, но знаеме со какви методи беше постигната) да бидат повторно дел од решението. Имавме еден таков случај, кој е непријатен. Непријатен е и за учесниците, уште повеќе и за државата – изјави поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.
Зарем и Груевски во игра?!
Во контекст на претходните искуства, кога „аргументите“ за постигнување на целта излегоа безобѕирно од рамките на политичката коректност и етика, се создаваат сомнежи дека „политички непристојни понуди нема да изостанат и во актуелниот случај“. Исто така, во јавноста постојат сомнежи и во карактерната отпорност на притисоците на оние што треба да гласаат за уставни измени.
– Појдовната точка е дека нема 80 пратеници за уставни измени. Се обидоа со сите можни трикови. Беа дури и во Будимпешта кај Груевски. Има снимки од средбата, фотографии… На средбата барале помош од Груевски. Тоа се лица испратени од СДСМ да преговараат со Груевски, со понуда за амнестија за него и некои негови луѓе, за тој да обезбеди одреден број пратеници. Груевски ја одбил таа соработка! Без оглед какви се неговите моментални односи со лидерството на ВМРО-ДПМНЕ, тој сепак бил лидер и премиер од таа партија и одбил соработка со подземни игри да се прави во парламентот двотретинско мнозинство. Ова го тврдам авторитетно и со информации што ги имам од теренот. Постојат фотографии од средбата со лица испратени од СДСМ.
Јас не велам дека нема да се обидуваат и понатаму, со нудење пари и различни начини, меѓутоа овој пат имаме сосема различна ситуација. Или ќе гласа целото ВМРО-ДПМНЕ или ниту еден. Знаеме што со случи со тие шест пратеници, како граѓаните ги третираа веднаш по гласањето, каква стигматизација имаше. Никој не сака да биде доведен во таква ситуација, без оглед какви се вашите политички ставови – откри во едно телевизиско гостување генералниот секретар на Демократски сојуз, Зоран Димитровски, преземајќи ја сета одговорност за кажаното.
Има ли излез од понуда „земи или остави“ во која условот не е само внесување на Бугарите во македонскиот устав
Според одредени познавачи на политичките состојби и односи во Македонија, но и карактерниот менталитет на политичките актери, притисокот што е насочен од различни страни за спроведување на уставните измени дури веќе има дадено резултати, а сега се бараат начини како да се изманипулира јавноста дека не е прифатена уцената.
– Имаме ситуација со францускиот предлог – „земи или остави“, односно ЕУ не отстапува од условите во преговарачката рамка за Македонија. А условот не е само внесување на Бугарите во македонскиот устав, туку и вториот протокол од меѓувладината седница со Бугарија, каде што се содржани сите барања на Бугарија, во однос на македонскиот идентитет, јазик, историја, образование… Внесувањето на Бугарите во Уставот значи почеток на демонтажата на државноста на Македонија, асиметрична билатерална позиција со Бугарија, во која е грубо нарушен принципот на меѓународното право на суверена еднаквост на државите, реципроцитет и немешање во внатрешните работи. Со спроведување на уставните измени, сите овие елементи на суверена еднаквост ќе бидат прекршени за Македонија. Се плашам дека притисокот за нивно усвојување веќе има дадено резултати, а сега се работи на тоа како да се изманипулира народот, како што беше направено со Преспанскиот договор, кога се велеше дека не е сменето името на државата, туку е само додадена географска одредница – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.