Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Снежана Миленкова, гинеколог

Бременоста е состојба која физички изискува повеќе од телото на трудницата. Според нормалната физиологија на меѓусебно влијание на мајката и плодот се очекува да го оптовари крвниот пул на мајката и да наметне вонредни побарувања на телото за снабдување со кислород. Телото на бремената жена, како одговор на побарувањата за одржување на оптимална средина за раст и развој на плодот, физиолошки го збогатува крвниот базен. Зголемувајќи го производството на еритроцити, го обогатува капацитетот на оксигена носивост на крвта.
Бидејќи зголеменото производство зависи од ресурсите кои се на располагање, крајниот производ (бројни полни еритроцити) ќе биде квалитетен онолку колку што е доволна количината на железо, фолати и Б12 во телото на трудницата.

Кај нас е задолжително секоја бремена жена да има матичен гинеколог кој ќе ја води бременоста и ќе ја следи трудницата според однапред одреден протокол на следење во бременост. Редовните контролни прегледи – со ултразвучни, клинички и лабораториски следења ни даваат увид во хематолошката состојба на трудницата, а со тоа и во потенцијалните ефекти врз нејзиниот кардиоваскуларен систем. Следењето на параметрите на хемограмот и крвниот притисок е задолжителен дел од протоколарното следење. Мониторирањето е постојано во тек на целата бременост. Се интензивира со првите знаци на редукција на параметрите, дури и во фазата на почетна анемија, кога телото се уште го купира недостигот на хемоглобин и кога трудницата се уште не пријавува никакви субјективни тегоби. Целта на следењето е откривање на промените и навремена реакција која ќе ја одржи стабилна постоечката, или ќе ја нормализира променетата состојба.

Анемија во бременост претставува намален еритроцитен број или полност на еритроцитите, одразено со намалени (променети) нивоа на хемоглобин (под 12 g/dl) и на хематолошките параметри (хематокритот, средниот целуларен волумен, хемоглобинскиот волумен и концентрација, концентрација на феритин).
Анемијата во бременост најчесто се должи на дефицит на железо, фолати или Б12, или на комбинација од овие недостатоци.

Ризик фактори за појава на анемија во бременост се:

1.Бременоста сама по себе
Бременоста е плејада на физиолошки промени кои веќе од хематотрофната фаза го диктираат развојот на матерно-плацентарно-феталната целина, преку трофобластната фаза, фазата на полна зрелост на оформената плацента, се до нејзиното стареење и редукцијата на нејзиниот васкуларен и хемодинамски капацитет и самото породување.

2.Лична или семејна историја за анемија, преегзистентна анемија
Освен што во прашање го доведува самото забременување, анемијата во тешка форма ја компромитира безбедноста на бременоста, особено нејзината рана фаза.

3.Обилни зачестени менструални крварења пред бременоста
Крвозагуба која е несопирлива (заради несоодветен утерин миотонус, неуреден хормонален статус, окултни крварења, малигноми), или од било која причина е несразмерна на капацитетот на телото за надоместување на загубата.

4.Слаба, неквалитетна или неправилна исхрана
Прекумерни повраќања во бременоста, психолошки адинамизам со нарушувања во исхраната, малнутриција и, понекогаш, недостаток на ресурси кај вегетаријанци и вегани кои не суплементираат железо и Б витамини.

5.Повеќеплодова бременост
Мултипната гестација (во било која бројност на плодови и плаценти, секоја од свои причини) значи дополнително оптеретување на крвниот опток.

6.Скорешно породување
Оптеретеноста на телото во тек на бременоста и со крвозагубата во тек и по породувањето, кога состојбата не е надоместена правилно во тек на бременоста и пуерпериумот – е терен за последователни анемии во наредните бремености, особено ако тие следат во брзо време.

7.Јувенилни бремености
Често се карактеризираат со касна потврда на бременоста и слаба комплијанса на пациентката со распоредот и модусот на клиничко и лабораториско следење и препорачан диетарен режим и терапија.

Различните фази на бременоста се одликуваат со различни степени на оптеретеност на крвоснабдувањето. Нормално е да очекуваме пад во хемоглобинот и благ облик на анемија особено во третото тромесечје.
Феродефицитна анемија е најчеста форма на анемија во бременост.

Симптоми и знаци кои ја карактеризираат анемијата во бременост:
-Чувство на слабост
-Лесно заморување при вообичаени физички активности
-Вртоглавица
-Главоболка
-Бледа кожа, слузници и подноктена плоча
-Чувство на срцебиење, објективно регистрирани тахикардии
-Низок притисок
-Студ во акрите на екстремитетите од редуцирана периферна циркулација
-Слаба концентрација
-Симптоми слични на слика на рана бременост (наузеа, дигестивни потешкотии)

Последици од непрепознаена или нетретирана феродефицитна анемија во бременост:
-Предвремено породување
-Ниска родилна тежина на плодот
-Пост партум депресија кај родилката
-Потреба од надоместување со крв и крвни деривати
-Фетални развојни промени (кај сидеропенија, а особено кај фолат – B12 дефицитна анемија)
-Неонатален морбидитет (неонатална анемија; физички, неурокогнитивни и психолошки развојни промени кај детето)
-Ризик од прееклампсија кај тешки облици на нетретирана или третман-нереспонсивна анемија

Методи на превенција, купирање на состојбата и третман на анемии

1.Исхрана богата со фолати и железо
Зелени листести растенија (спанаќ, марула, брокула, блитва, кељ, коприва, магдонос)
Овошје (урми, калинка, суви кајсии, суво грозје)
Пченични никулци, грав, леќа, тофу, киноа, чиа семе, сусам, семки од тиква, фстаци, бадеми
Чаеви (маточина, ѓумбир, нане, роибос)

2.Исхрана богата со B12 и Витамин Ц
Свежи цели овошја и зеленчук (цитрусни овошја, јагоди, киви, домати, пиперки)
Јајца
Месо – најлесно ресорптивна форма (црвено месо, живина, риба)

3.Суплементи на железо
Терапија во форма на таблети, капсули, прашоци или сирупи, во случаи кога нивоата на хемоглобин се под 110g/dl

4.Внимавање со внес на храна и пер ос терапија
Фитати, полифеноли, оксалати и танини во исхраната; тераписки таблетарен калциум, антациди и антибиотици – ја менуваат или намалуваат ресорпција на железото во гастроинтестиналниот тракт

Кога отпочнува првенцијата на анемија во бременост?

Неколку месеци пред планираната бременост (или веднаш со дијагностицирање на непланираната бременост) матичниот гинеколог препорачува режим на правилна исхрана и витаминска суплементна терапија. Терапијата содржи метилфолат (готов метилиран облик на фолна киселина заради процентот на носители на ензимски дефицит/мутација), Б12 и Витамин Ц – соодветно на препораките за суплементација во бременост.