Кога лидерите ќе ја утнат работата на почетокот одат на лидерски поправен испит?
Лидерите подобро да се фокусираат што ќе сработат заеднички, да најдат заеднички точки во програмите, да видат кој со какви кадри располага и од сето тоа да се направи квалитетен тим што ќе направи вистински реформи, кои ги бара Европа од нас. А за тоа кој ќе оди во опозиција, сепак, одлучуваат граѓаните. Но кој и да оди во опозиција има задача да биде буден коректор на политиките што треба да ги спроведува власта, за кои претходно е обезбеден генерален национален и државен консензус! Опозицијата принципиелно треба да биде политичка коректура на она што е „владина егзекутива“, за што претходно во најголем дел се усогласени со една општа заедничка спогодба, односно одлука врз основа на сите засегнати и заинтересирани страни, што на крајот ќе биде усогласено низ една едноставна лидерска средба
Длабоката политичка поделеност во државата се чувствува буквално во секоја сфера, оневозможувајќи нормален политички дијалог за сите отворени прашања, туку клучните одлуки секогаш се носат под засилен притисок на меѓународната заедница и во последен момент, што во принцип резултира со лоши решенија на штета на граѓаните и на националните интереси.
Од неодамна македонската јавност повторно сведочи на истата стара реторика што ја започна своевремено поранешниот премиер Зоран Заев, кој во неколку наврати најавуваше дека е време ДУИ да замине во опозиција за да се реформира и истовремено да се освежи политичкиот простор. Истиот наратив сега го користи и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, но и други партиски лидери, кои „препорачуваат“ дека би било добро интегративците по 20 години власт да почувствуваат како е да се биде во опозиција.
Она што е кристално јасно во сите овие наративи е дека лидерите не се тие што треба да кажуваат кој ќе оди во опозиција, туку тоа треба да го каже народот на избори, а тие да ја почитуваат народната волја. И Заев подоцна ретерираше од своите изјави, а кога ќе дојде време да се прават идни владини коалиции, сите одеднаш омекнуваат во реториката и многу лесно го погазуваат она што претходно го кажале. Кога се во прашање власта и моќта што владеењето ги носи, лесно се забораваат ветувањата и претходно кажаното.
Квалитетни програми, квалитетни луѓе и резултанта што ја остварува визијата за сопствената татковина
И додека партиските лидери многу повеќе се занимаваат со прашањето како би изгледала утре идната опозиција, тие помалку водат сметка за програмските определби, заложби и конкретни политички активности на секој иден потенцијален коалициски партнер, односно дали со тој иден партнер може да се спроведува заедничка програма и да се има иста визија за иднината на државата.
Една работа се предизборните коалиции во кои помалите коалициски партнери се таму само заради ситни прозаични придобивки, но сосема друга работа е правењето постизборна владина коалиција, со егзекутивен потенцијал за остварување интегрална владина програма за просперитет на државата и на сите нејзини граѓани.
Логично е победникот на изборите да сака да коалицира со онаа партија во чија програма има цели што би можеле заеднички да ги спроведуваат, а кои би биле во интерес на граѓаните и на државата. На тој начин се создава една стабилна и моќна коалиција, која може државата, економијата и граѓаните да ги поведе напред.
Веќе напуштениот принцип „победник со победник“ се виде дека не носи ништо добро бидејќи во коалиција влегуваа партии со целосно спротивставени програми, идеологии, визии, без посебни допирни точки, што резултираше со чести политички кризи, непринципиелни отстапки, лоши решенија, за што најдобра потврда се очајната состојба во здравството, во образованието, во судството, во институциите, што генерално се одрази врз сите столбови врз кои почива една современа демократска држава. Она што кај нас е пракса, тоа е воспоставениот систем на партиска поделба на функциите врз основа на бројки кој колкав дел од колачот ќе добие, а не врз основа на квалитетот на луѓето. Јавноста за ова сведочеше пред некој ден, кога министерот за здравство запрашан кој ќе го наследи првиот човек на државната кардиохирургија, кој токму тој го смени, одговори дека тоа место било резервирано за СДСМ. Едноставно не се дискутира за способните луѓе, туку на која партија кое место ѝ припаѓа.
Крајно време е Македонија да се ослободи од тие наметнати правила и коалициите да се градат со единствена визија, заштита на интересите на најширокиот граѓански фронт (а не партиски или етнички) и, секако, заштита на правната држава.
Затоа е клучно, покрај изборната програма, при градењето идни коалиции да се води сметка со какви човечки капацитети располага потенцијалниот коалициски партнер за да се знае колку ќе бидат способни да ја исполнат таа програма. Задача на лидерите е да утврдат во кои ресори се слаби едните, а во кои другите, така што заеднички ќе ги одберат најспособните луѓе што ќе се најдат на чело на институциите. Нема тука место за партиски позиции резервирани за некоја партија, туку исклучиво за квалитетни луѓе, без оглед од која партија доаѓаат.
Инклузивност на сите политички чинители за клучните процеси
Она што особено стана евидентно во последно време, тоа е дека државата се води без програма, без никаков концепт, одамна се заборавени ветувањата дадени пред граѓаните, туку се постапува ден за ден, онака како што течат процесите. Тоа не овозможува развој на земјата, туку води кон дополнително зголемување на корупцијата бидејќи без јасна визија за иднината на државата, единствена визија останува како побрзо да се наполни сопствениот џеб.
За да не се случува држава што е кандидат за членство во ЕУ да нема стратегии за развој, треба при формирањето на секоја влада добро да се проучат програмите на сите политички субјекти што излегле на избори, а сето она што е добро во тие програми да стане дел од една широка програма. Тоа подразбира да не се гледа од каде доаѓаат добрите идеи, туку сите да се вклучат. И во програмите на оние партии што ќе загубат има добри работи за граѓаните, државата и за институциите. Тие треба да се земат и да станат дел од една компилирана владина програма што ќе биде колоритна, од сите најдобри решенија и практично ќе се донесе една програма што ќе биде на некој начин консензуална и подолгорочна, која ќе ја продолжат и следните влади, а не секоја влада да ги запира проектите на претходната и државата да трпи поради тоа. Тоа ќе влијае и на поголема кохезија внатре, бидејќи ако се земаат делови од програмите на партиите, тогаш лесно може и претставниците на тие партии да се вклучат во спроведувањето на проектите, со што секоја партија ќе чувствува дека е активно инволвирана во целиот процес. Во таква функција да се престројат лидерските средби, а не како досега, за „племенски компромиси“. Лидерските средби треба да егзистираат заради подобра меѓусебна координација околу спроведувањето на широките владини и генерално општествени политики, а не за задоволување нечии суети.
– Граѓаните и јавноста се уморни од празни ветувања и демагогии кој треба или не да оди во опозиција. Нив ги интересира подобар живот, економија, владеење на правото итн. и затоа партиите треба да работат како да им го обезбедат тоа – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.
Тој смета дека минатите искуства покажаа дека никој не води сметка ниту за принципите, ниту за кажаниот збор, туку само како да дојдат до власт.
– Не ми е јасно зошто е хајката за ДУИ кога сите албански партии ги интересира само власта, тоа се покажа изминативе четири години, буквално сите влегоа во влада. Покажаа дека немаат ни принципи, ниту го почитуваат дадениот збор, така што дегутантно е да се вперува прстот само кон една партија, кога сите други се борат само за придобивките од власта и ништо повеќе – истакнува Пекевски.
И дел од другите соговорници сметаат дека е потребно државата да се врати на она што значи државен и најширок граѓански интерес.
– Граѓаните на избори даваат мандат врз основа на понудени програми и врз основа на визијата што секој политички субјект ја има за иднината на Македонија. Лидерите подобро да се фокусираат со кого ќе прават коалиција, да најдат заеднички точки во програмите, да видат кој со какви кадри располага и од сето тоа да се направи квалитетен тим што ќе направи вистински реформи кои што ги бара од нас Европа. Сè друго, кој и да оди во опозиција, ќе биде буден коректор на политиките што треба да ги спроведува власта, за кои претходно е обезбеден генерален национален и државен консензус. Опозицијата принципиелно треба да биде политичка коректура на она што е „владина егзекутива на политики во функција на граѓаните“, за што претходно во најголем дел се усогласени со една општа заедничка спогодба, односно одлука врз основа на сите засегнати и заинтересирани страни, што на крајот ќе биде усогласено низ една едноставна лидерска средба – заклучуваат соговорниците.