Слушајќи ги овдешните политичари, кои од една страна отворено кажуваат дека ЕУ нè изиграла, а од друга страна повторно повикуваат да се направат уставните измени оти тоа бил клучниот услов за официјален почеток на преговорите, се наметнува дилемата дали некој научил нешто од досегашните грешки или, пак, подготвен е да ги повтори. Со други зборови, сето ова личи на еден вид политички мазохизам, да знаеш дека си изигран и повторно да сакаш да бидеш изигран
Испорачаните барања на меѓународната се услишани, да постапиме во согласност со правдата, правото и нашите интереси
Мудриот човек секогаш учи од своите грешки, да не ги повторува понатаму во животот, туку преку нив да стекнува искуство, кое потоа во животот ќе му користи за да знае никогаш повеќе да не се доведе во неповолна или подредена ситуација.
Ова животно искуство како да не го научија политичарите во земјава, кои без оглед што по четири години сфатија дека се излажани и изневерени од меѓународните партнери, повторно се подготвени да ја повторат истата грешка и да им веруваат само на збор.
– Ако 17 години чекате во чекалницата на ЕУ со статус на кандидат, без да почнете преговори, ако во меѓувреме имате тип на пречки или предуслови да почнете со преговори какви што не се забележани во модерната светска дипломатија и историја и да промените притоа име на држава, а да не прогресирате, добивате сè нови и нови барања, да бидете подвижна цел, кој и да е на местото на нашиов македонски народ би го изгубил ентузијазмот да ја поддржува таа Унија – истакна македонскиот претседател Стево Пендаровски при неодамнешното обраќање на Македонскиот енергетски форум 2023.
Слична порака испрати и премиерот Димитар Ковачевски, кој, пак, учествуваше на форумот на Глобсек 2023, кој пред некој ден се одржа во Братислава.
– ЕУ по војната во Украина ја сфати стратегиската грешка што ја направи пред неколку години, кога ни беше наметнато вето на С. Македонија и на Албанија. Кога ќе направите стратегиска грешка, не може да ја решите за пет минути… Стратегиските грешки имаат свој ефект во период од пет до десет години најмалку – рече Ковачевски.
Се демаѓепсаа ли конечно и лидерите
Она што е јасно тоа е дека и домашните политичари се свесни дека пред неколку години биле изневерени сите очекувања на Македонија, и покрај ветувањата дадени од Европската Унија дека со промена на името преговорите ќе почнат без понатамошни условувања.
Тогаш не се случи тоа, а сега земјава повторно е исправена пред идентично сценарио, одново да прави отстапки на штета на сопствените интереси и да ја повтори истата грешка од пред неколку години, односно слепо да ѝ верува на меѓународната заедница и да исполнува сè што ќе биде побарано од неа, без да добие нешто реално и опипливо за возврат.
Со други зборови, ако се водеа мудри преговори со Грција и кога сите трубеа дека „името е единствениот услов за почеток на пристапните преговори со ЕУ“, зошто никој не се сети во спогодбата од Нивици да стави и една таква точка, дека со потпишувањето на договорот Македонија официјално ги започнува преговорите со ЕУ. Тоа ќе беше многу попрагматично решение и веројатно ќе поминеше, наместо „на жими мајка“ да им се верува на европските бирократи, но и водечки политичари дека тие ќе го исполнат својот дел од договорот ако ние го смениме името.
Сега се случува „дежа ви“ од пред четири години, Макрон повторно нè убедува дека уставните измени се единствената пречка, Фон дер Лејен настапува со истата реторика како нејзината сонародничка Ангела Меркел пред неколку години, дури и американски сенатори дојдоа да притискаат да се направи уште тој „завршен чекор“.
Политички мазохизам
Слушајќи ги овдешните политичари, кои од една страна отворено кажуваат дека ЕУ нè изиграла, а од друга страна повторно повикуваат да се направат уставните измени оти тоа бил клучниот услов за официјален почеток на преговорите, се наметнува дилемата дали некој научил нешто од досегашните грешки или, пак, подготвен е да ги повтори. Со други зборови, сето ова личи на еден вид политички мазохизам, да знаеш дека си изигран и повторно да сакаш да бидеш изигран.
Граѓаните очигледно добро ја научија лекцијата сиве овие три децении со неправдите и лажните ветувања што им се даваа, па сега многу потрезвено и со огромна доза на резерва го земаат сето она што го кажуваат претставниците на ЕУ. Соговорниците нѐ потсетуваат на една стара вкоренета поговорка, која вели „прост народ, силна држава“, но нагласуваат дека таа синтагма е анахрона и дека нашиот народ не е ниту малку прост, туку добро гледа, чувствува, анализира и памети што му се прави.
– Македонија нема вистински политичари и претседателот Пендаровски е еден нив, политичкиот компас му е во дефект, а политичката насока ја менува според западни дојави и инструкции и тој најчесто нема став. Ниту сме научиле, а уште помалку имаме желба да не ги повторуваме грешките од минатото од кои добро се опековме – вели аналитичарот Синиша Пекевски.
Тој нема никаква дилема дека политичарите многу незрело и себично и пред сѐ неодговорно се однесуваат, бидејќи се грижат исклучиво за задоволување на личниот интерес, а штом стапнат на функција, го забораваат интересот на граѓаните и државата.
– Политичарите си го гледаат само својот интерес и на оној што ги поставил. Случајот со Макрон како премиер и оној со спикерот на украинската Рада, кој беше наречен претседател, говори за капацитетот на овие пратеници и министри, односно за политичарите што нè застапуваат – истакнува Пекевски.
Како и да е, крајно време е да се престане со уцените врз Македонија, но крајно време и политичарите да почнат да учат од грешките што Македонија скапо ја чинеа и кои ако продолжат и во иднина, ќе значат дефинитивен крај на една суверена држава и на нејзиниот народ. Земјава направи доволно жртви, така што со индигнација треба да се отфрлат сите нови условувања и уцени, бидејќи е излажана токму од оние што прокламираа европски вредности. Лагата не е никаква вредност, туку средство за манипулација.
Во Македонија нема ниту антиевропско ниту проруско расположение, туку има расположение за соработка врз принцип на доверба, рамноправност и заемна почит. Сè друго, било преку лага, преку неисполнување на договореното, е наметнување туѓа волја и туѓи интереси, што нема никаква врска со ниту едни принципи, а најмалку со демократските.