По непосредниот увид на нашата новинарска екипа на терен, која прегледа стотици скопски автобуски постојки, беше констатирано дека „нелегалното плакатирање цвета“ на постојките. Тие се преполни со разни лепенки од огласи за работа, од плакати за разни настани, на некои дури стојат и заборавени избледени и оштетени плакати од избори, што значително придонесува за нагрдување на нивниот изглед
Автобуските постојки како „диви“ огласни табли
Автобуските постојки се објекти што се најчеста цел за оштетувања од страна на вандалите. Тука под оштетување не мислиме само на нивно кршење, кое, за среќа, во последно време е значително намалено, туку и на нивното лепење, плакатирање, прелепување, неовластено „диво“ објавување разни огласи и нагрдување на нивниот изглед. По непосредниот увид на нашата новинарска екипа на терен, која прегледа стотици скопски автобуски постојки, беше констатирано дека „нелегалното плакатирање цвета“ на постојките. Преполни се со разни лепенки од огласи за работа, од плакати за разни настани, на некои дури стојат и заборавени избледени и оштетени плакати од избори…
„ТРАДИЦИОНАЛЕН“ НАЧИН НА БЕСПЛАТНО ОГЛАСУВАЊЕ
На автобуските постојки „врие“ од залепени огласи. На нив се огласува сѐ и сешто. Огласи за продавање домашна ракија, издавање станови под кирија, пишување семинарски работи, продажба на возила, огласи за варосување, старо купувам и разни други содржини.
За жал, ваквата состојба воопшто не се менува. Оваа појава трае со години, а надлежните не можат да пронајдат соодветно решение, бидејќи не постои ниту механизам со кој би го спречиле тоа.
– Автобуските постојки постојано се оштетуваат и се користат како нелегални огласни табли. На некои од нив стојат плакати, стојат разни остатоци од некогашни искинати огласи, кои дополнително ги нагрдуваат. Среќа што делот од каде што гледаме дали доаѓа автобус е ограден, инаку при дожд ќе треба да стоиме надвор за да видиме дали доаѓа автобусот што го чекаме – вели Сузана Трајкова.
Огласи не се лепат само на постојките туку насекаде, на секој слободен простор во градот. На врати од влезови, на бандери, на дрвјата… и покрај тоа што сега интернетот им е достапен на сите, а огласувањето на интернет никогаш не било полесно и поедноставно, сепак на некои од граѓаните полесно им е да го користат стариот традиционален начин со лепење листови на кои е испишан огласот.
Огласи дури можат да се забележат и во самите автобуси.
Нелегалното огласување е најмалиот сегмент од уништувањето на урбаната опрема
Оштетувањето на урбаната опрема не е новитет. Градот и јавните претпријатија со години се соочуваат со вакви појави.
Пред неколку години дури беше украден и столб за осветлување на улицата Цветан Димов во Чаир, а Градскиот парк, спомениците, кантите за отпадоци и запалените контејнери се исто така чест проблем за градските власти.
Оттаму, секој месец на терен евидентираат голем број штети, во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци… На овие појави, за жал, имуни не се ниту автобуските постојки, кои повеќепати беа предмет на вандалско однесување.
Цел се и автобусите, па честопати патниците се жалат и дека се фрлаат камења по автобусите додека сообраќаат, а велат дека доста често се фрлаат и разни отпадоци во нив.
– Фрлаат ѓубре, грицкаат семки, буквално сѐ што не треба да прават, патниците прават во нив. А кога фрлаат камења, честопати кога се возам дури и бегам од седиштата покрај прозорците затоа што ми е страв да не се скрши прозорецот, па да завршам повредена – вели Вера Петковска.