Веста за повторниот неуспех да се постигне договор меѓу администрацијата на Бајден и републиканското мнозинство во Конгресот за зголемување на државното задолжување имаше негативно влијание врз американските берзи. Така, акциите на најважната берза – онаа на њујоршкиот Волстрит, паднаа втор ден по ред. „Дау Џонс“ загуби 0,77 отсто, на 32.799 поени, додека „Ес енд пи 500“ падна за 0,73 отсто, на 4.115 поени, а индексот „Насдак“ падна за 0,61 отсто, на 12.484 поени.
Последици и за функционирањето на сојузните институции во САД?
Потсетуваме, администрацијата на Бајден бараше зголемување на горната граница на државното задолжување, кое сега изнесува 31,4 милијарди долари. Републиканците на почетокот не се спротивставија на зголемувањето. Но во исто време, тие го условуваа новото задолжување со кратења на државните трошоци, со што Бајден не сакаше да се согласи. Сега, сѐ повеќе ситуацијата се доведува во временски теснец бидејќи се скратува времето за договор – до 1 јуни. Доколку не се постигне тоа, САД ќе се соочат со т.н. технички банкрот, односно има голема веројатност да дојде до нарушување во финансирањето на работата на федералните институции.
– И на почетокот на неделата инвеститорите беа многу оптимисти и очекуваа договор за задолжување. Но како што се приближуваме до крајниот рок од 1 јуни, тие стануваат повнимателни – објаснува Анџело Куркафас, стратег во „Едвард Џонс“.
Според него, дури и да се постигне договор, прашање е, вели тој, што ќе вклучува истиот тој?! Отстапките во буџетските трошења би можеле да влијаат на растот на економијата. Инвеститорите се исто така воздржани поради неизвесноста околу каматните стапки на американската централна банка – ФЕД, чии претставници предупредуваат дека инфлацијата сè уште не е доволно ослабена и дека каматните стапки можеби ќе треба дополнително да се зголемат – што е спротивно на очекувањата на повеќето аналитичари! Имено, тие оценуваат дека ФЕД нема дополнително да ги зголемува каматните стапки во јуни бидејќи се намалуваат инфлаторните притисоци, а регионалните банки имаат проблеми поради заострувањето на условите за кредитирање.
Неизвесност и на европските и на азиските берзи поради истата причина
Неизвесноста од истата причина, очигледно се шири на европските и азиските берзи. Цените на европските акции вчера паднаа, па лондонскиот ФТСЕ-индекс падна за 1,75 отсто, на 7.627 поени, додека франкфуртски Ди-еј-екс падна за 1,92 отсто, на 15.842 поени, а париски Се-а-се за 1,70 отсто, на 7.253 поени. Азиските акции, исто така, паднаа во четвртокот, на нивните најниски нивоа во последните два месеца, бидејќи инвеститорите се повлекоа од поризични инвестиции поради неуспехот да се постигне договор во САД за зголемување на плафонот на државниот долг. Индексот Ем-ес-си-ај на азископацифичкиот регион, без Јапонија, беше намален за 0,6 отсто околу 7 часот наутро и падна на најниско ниво во последните два месеца. Јапонскиот индекс Никеи зајакна за 0,5 отсто, а цените на акциите во Јужна Кореја, Австралија, Шангај и во Хонгконг паднаа меѓу 0,5 и 2,1 отсто.