Изградбата на футуристичкиот зелен саудиски град Неом бара преселување на племенските луѓе. Оние што не ги прифаќаат плановите се
осудени на многу долги затворски казни или на смрт
Саудиска Арабија продолжува со изградбата на Неом, футуристички проект за мегаград и еколошки престиж, и покрај меѓународните критики за кршењето на човековите права.
Според неодамнешниот извештај на Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права на Обединетите нации (ОХЦХР), луѓето од племето Ховеитат, кои живеат во регионот наменет за градот, се раселени и нивните домови се урнати без соодветна компензација. Уште повеќе, еден маж од Ховеитат е убиен и потврдени се смртните казни на уште тројца членови на племето, додека на уште тројца им се изречени 50-годишни затворски казни под обвинение за тероризам.
– И покрај тоа што беа обвинети за тероризам, тие наводно биле уапсени за давање отпор на присилното иселување во име на проектот Неом и изградбата на линеарен град од 170 километри наречен „Линија“ – се вели во извештајот.
Сите овие прекршувања на човековите права се случија и покрај ветувањето на де факто владетелот на Саудиска Арабија, 37-годишниот саудиски престолонаследник Мохамед бин Салман – попознат како МБС – дека луѓето погодени од градежните работи ќе бидат вклучени во процесите на планирање и спроведување.
Изградбата на Неом од 500 милијарди долари (462 милијарди евра) е олицетворение на „Визија 2030“, како што е наречена економската и општествена преобразба на Саудиска Арабија. Овој сет на реформи беше воведен од МБС во 2017 година и досега доведе до подобрувања во правата на жените, зголемен туристички пристап до земјата и отворање алтернативни извори на приход во обид да се диверзифицира економијата на кралството и да се намали нејзината зависност од приходите од нафтата.
Според плановите за изградба, Неом, кој се предвидува да биде отворен во 2039 година, ќе заземе 26.500 квадратни километри саудиска територија во близината на брегот на Црвено Море. Саудиската влада планира градот да користи врвна технологија со фокус на вештачката интелигенција и да има аеродром, брзи возови и беспилотни летала, сите напојувани исклучиво од обновливи извори на енергија. Проектот, исто така, служи како широка платформа за меѓународни инвестиции.
Приоритет се инвестициите, а не човековите права
– Градежните работи на Неом започнаа. Сепак, проектот е сè уште многу, многу на почетокот – изјави за ДВ Себастијан Сонс, истражувач за германскиот Центар за применети истражувања во партнерство со Ориентот (КАРПО), додавајќи дека во Неом моментално работат многу меѓународни консултанти.
– Постојат неколку директни врски со летови од Неом до Лондон или до Њујорк, така што амбициите се очигледни: Саудиска Арабија навистина сака да го оствари Неом – рече Сонс.
Тој го гледа Неом како симбол за планот на Мохамед бин Салман да ја води земјата во нова модерност.
– Поради неговата меѓународна привлечност, постои огромен притисок за спроведување на проектот – рече тој.
– Доколку тој не успее со тоа, тоа веројатно ќе ѝ нанесе значителна штета на довербата што ја ужива меѓу големите делови од населението – изјави Сонс за ДВ. Згора на тоа, неуспехот ќе ѝ наштети на репутацијата на Саудиска Арабија како меѓународна локација за инвестирање.
– Но сјајните брошури не покажуваат дека ова е град што се гради со насилно иселување, државно насилство и смртни казни – изјави за ДВ Џид Басјуни, директорка на организацијата за човекови права за Блискиот Исток, „Реприв“. За неа, Неом е олицетворение на „јазот помеѓу наводната ’визија‘ на Мохамед бин Салман за Саудиска Арабија и репресивната реалност на неговото владеење“.
Неом е изграден со саудиска крв
Овој став го повторува Лина ал Хатлул, директор за комуникација на саудиската организација за човекови права Еј-ел-кју-ес-ти со седиште во Лондон.
– Нашата главна грижа е дека Неом е изграден на саудиска крв – изјави за ДВ сестрата на познатата саудиска активистка за правата на жените, Луџаин ал Хатлул.
– Судските процеси против племенските луѓе беа спроведени зад затворени врати. За да се унапреди проектот, судството е подготвено дури и да егзекутира луѓе – рече Ал Хатлул.
Неом не е единственото место во Саудиска Арабија каде што луѓето се насилно раселени. Од јануари до октомври 2022 година, властите во пристанишниот град Џеда урнаа многу куќи за да се спроведат плановите за урбан развој. Во процесот, илјадници луѓе станаа жртви на незаконски принудни иселувања, вклучувајќи и странски државјани, како што објави „Амнести интернешенел“.
– Постојано гледавме дека секој што не се согласува со принцот престолонаследник или ќе му се најде на патот ризикува да биде осуден на затвор или на смрт, без разлика дали се мирни демонстранти, критичари на социјалните мрежи или луѓе што се доволно несреќни да живеат на неговата земја. Режимот сака да заземе – рече Басјуни.
Вклучени се и германските компании
На меѓународно ниво, постојат можности да се влијае на текот на саудиската политика за човекови права, вели Себастијан Сонс. Во минатото, зголемениот меѓународен притисок доведе до суспендирање на егзекуциите или ослободување од затвор на активисти за човекови права, како што е Луџаин ал Хатлул, иако понекогаш остануваат под строг надзор и забрана за патување.
– Тоа значи дека колку е поголем притисокот врз Владата на Саудиска Арабија да направи нешто овде, толку е поголема веројатноста дека ќе биде подготвена да најде помирливо решение што ќе го спаси лицето – вели Сонс.
Страшната ситуација со човековите права во саудиското кралство беше тема што оваа недела ја отвори германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок за време на нејзиното патување во Заливот. Економската соработка не може да се „разгледува изолирано од владеењето на правото, човековите права и слободи“, објасни таа во разговорот со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан.
Всушност, вели Сонс, и во интерес на Германија е да ја подигне социјалната компатибилност на Неом, „едноставно затоа што германските компании се вклучени во проектот и можните прекршувања на човековите права можеби нема да паднат само на кралството туку и на германските компании“.