Во пресрет на годинашниот „Чернодрински“
Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата на годинашниот, 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“, кој ќе се одржи од 9 до 16 јуни во Прилеп. Фестивалот годинава ќе се одржува под мотото „Враќање дома“.
– Концептот на фестивалот е радоста на играта или пркосот на креацијата – вели Ана Стојаноска, директорка и селекторка на фестивалот, кој на 9 јуни ќе биде отворен со претставата „Инферно“ на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес, селектирана во официјалната програма, а ќе се затвори на 16 јуни со Српско позориште од Нови Сад, со претставата „Последниот балкански вампир“, по текст на Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Годинашни добитници на наградата за животно дело се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.
Стојаноска вели дека од 52 одгледани претстави, програмата е конципирана во четири различни програми: официјална селекција, ОФФ-актива, независна продукција на македонски автори и видеопрограма.
– Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначаен македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт, концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт што треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во мојот избор се креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н. класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуализирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – вели Стојаноска.
Според неа, глобалната слика на денешната театарска практика покажува дека не постои сериозна репертоарска политика, ниту концепт во кој се развива една театарска институција.
– Главните создавачи на македонската театарска практика треба повеќе да се фокусираат на домашните драми, на актуелната театарска естетика и, пред сѐ, секој режисер и директор на театар да го има предвид ансамблот со кој ја создава претставата. Од избраните претстави евидентно е дека недостига претстава работена според драма на македонски автор. За жал, тековната продукција понуди малку претстави од македонска драма, но затоа како уметничка директорка го иницирав откупот на драми од македонски автори и повикот за претстави од независната продукција што има македонски автори. Тука е и програмата „Автор во фокус“, која првпат се воведува на фестивалот. Годинава тоа ќе биде Коле Чашуле (1921 – 2009), драмски автор, писател, есеист, општествен деец. Исто така, достапна и редизајнираната веб-страница на фестивалот, која ќе биде основа за информирање на публиката за 57-то издание на фестивалот. Тркалезните маси ќе бидат многу важен сегмент од ова издание на „Војдан Чернодрински“. Учесниците на фестивалот ќе можат да остануваат во Прилеп толку колку што ќе можат – истакнува Ана Стојаноска, уметничка директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“. Ка.М.